„X“ ги блокира пребарувањата за Тејлор Свифт по објавата на дипфејк фотографии од пејачката

https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Taylor_Swift_GMA_(8114095336).jpg

Фотографиите беа повод за „X,“ да даде изјава во петокот, при која велат дека објавувањето голотија без согласност на платформата е „строго забрането“

 

Социјалната мрежа „X“ ги блокираше пребарувањата за Тејлор Свифт по појава на експлицитни слики од пејачката создадени со вештачка интелигенција, соопшти Би-би-си.

Во изјава за Би-би-си, шефот за деловни операции на „Х,“ Џо Бенарох, кажал дека ова е „привремена мерка“ за да се даде приоритет на безбедноста.

Кога пребарувате за Свифт на страницата, се појавува порака: „Нешто не е во ред. Обидете се повторно да вчитате“.

принтскрин, мета.мк

На почетокот на минатата недела, на апликацијата се појавија дипфејк фотографии од пејачката. Истите биле прегледани милиони пати, што предизвика тревога кај американските власти и обожавателите на пејачката.

Објавите и профилите што ги споделуваат лажните слики биле пријавени од нејзините обожаватели, кои ја преплавија платформата со вистински слики и видеа од неа, користејќи ги зборовите „заштити ја Тејлор Свифт“.

Фотографиите беа повод за „X,“ да даде изјава во петокот, во која велат дека објавувањето голотија без согласност на платформата е „строго забрането“.

„Имаме политика на нулта толеранција кон ваква содржина. Нашите тимови активно ги отстрануваат сите идентификувани слики и преземаат соодветни мерки против профилите одговорни за нивно објавување“, се вели во соопштението.

Овој проблем доби внимание и од Белата куќа, од каде во петокот ширењето на фотографиите генерирани од вештачката интелигенција го нарекоа „алармантно“.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер на брифинг изјави дека треба да има законска регулатива за справување со злоупотребата на технологијата за вештачка интелигенција на социјалните медиуми и дека платформите исто така треба да преземат чекори за забрана на таква содржина на нивните сајтови.

Дополнително, американските политичари повикаа на нови закони за криминализирање на создавањето дипфејк фотографии.

Студија од 2023 година покажа дека има зголемување од 550 проценти во создавањето вакви фотографии од 2019 година, поттикнато од појавата на вештачката интелигенција.

Во моментов нема федерални закони против споделување или создавање дипфејк содржини во САД, иако има потези на државно ниво за решавање на проблемот.

Во Обединетото Кралство, споделувањето дипфејк порнографија стана нелегално како дел од Законот за онлајн безбедност во 2023 година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција