Западот не посакувал војна во Украина и Израел

Фото: pixabay.com

Западните земји не гласале против „резолуција за запирање на воените дејства и напади меѓу Израел и Палестина“, како што тврди објавата, туку не ја поддржале резолуцијата на Русија за осуда на насилството и тероризмот врз цивилите, бидејќи истата не го спомнувала нападот на Хамас и убиството на 1.400 цивили во Израел. Објавата не ги согледува фактите, туку само има единствена цел да го обвини Западот дека е виновен за воените конфликти меѓу Украина и Русија и Израел и Палестина

Западните земји не гласале против „резолуција за запирање на воените дејства и напади меѓу Израел и Палестина“, како што тврди објавата, туку не ја поддржале резолуцијата на Русија за осуда на насилството и тероризмот врз цивилите, бидејќи истата не го спомнувала нападот на Хамас и убиството на 1.400 цивили во Израел. Објавата не ги согледува фактите, туку само има единствена цел да го обвини Западот дека е виновен за воените конфликти меѓу Украина и Русија и Израел и Палестина

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува низа лаги за конфликтот Израел-Хамас.

Како што многу посакуваше војна помеѓу Русија и Украина, сега Западот очајно посакува војна меѓу Израел и Палестина
Русија во советот за безбедност предложи резолуција за запирање на воените дејства и напади помеѓу Израел и Палестина и праќање на трупи од ООН.
Резолуцијата не се прифати.
ЗА гласаа 5 земји – Русија, Кина, обединете Арапските Емирати, Мозамбик и Габон.
ПРОТИВ гласаа САД, Велика Британија, Франција и Јапонија.
Во денешно време е многу јасно кој посакува мир а кој посакува војна!, пишува во објавата.

Во неа неточно се тврди дека Западот посакувал војна меѓу Русија и Украина и Израел и Палестина. Западот не ги нападна ниту Украина, ниту Израел. Напротив, западните земји ја осудуваат руската агресија и терористичките напади на Хамас, а во неколку наврати повикуваa и на смирување на тензиите, како меѓу Русија и Украина, така и меѓу Израел и Палестина.

Имено, Русија рано утрото на 24 февруари изврши инвазија врз Украина. Иако постојано негираше дека ќе нападне.

Русија долго време се спротивставува на потегот на Украина за членство во Европската Унија и НАТО. Кон крајот на 2021 година, Русија почна да распоредува голем број војници на границите на Украина, додека постојано негираше дека ќе нападне. Потоа рускиот претседател Владимир Путин го укина мировниот договор од 2015 година за истокот и ги призна областите под контрола на бунтовниците како независни. Започнувајќи ја руската инвазија на 24 февруари, Путин го обвини НАТО дека ја загрозува историската иднина на нацијата.

Фактите говорат дека  западните лидери уште во декември 2021 година ја повикаа Русија да ги смири тензиите и ветија дека ќе ја поддржат Украина во случај на каква било закана од Москва.

САД и ЕУ изразија голема загриженост и во повеќе наврати се обидоа да го спречат нападот. Во Резолуцијата усвоена во декември 2021 година, европратениците ја повикаа Русија да ги повлече своите трупи кои се закануваа на Украина и рекоа дека секоја агресија од Москва ќе има висока економска и политичка цена.

На 22 февруари 2022 година, водечките европратеници остро го осудија признавањето на областите Донецк и Луганск во Украина како независни ентитети од страна на рускиот претседател Владимир Путин.

Два дена подоцна – на 24 февруари, Русија започна опсежен напад врз Украина. ЕУ одговори со серија санкции против Русија, како и иницијативи за поддршка на Украина.

Што се однесува до конфликтот Израел-Хамас, радикалната палестинска група Хамас на 7 октомври годинава со изненадувачка офанзива започна напад без преседан врз Израел.

Најмалку 1.400 Израелци беа убиени, додека израелската војска соопшти дека 203 војници и цивили, вклучувајќи жени и деца, биле одведени во Газа како заложници.

Повеќе од 5.000 Палестинци во Газа се убиени во воздушни и артилериски напади извршени од израелската војска како одговор, соопшти Министерството за здравство на Газа. Израелските трупи, исто така, се собираат долж границата на Газа, а Палестинците се подготвуваат за голема копнена операција.

Франција, Велика Британија, САД и НАТО го повикаа Израел да ја минимизира смртноста на цивилните Палестинци.

Францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак и американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 12 октомври го повикаа Израел да покаже милост кон палестинските цивили.

Израел има право да се брани со елиминација на терористичките групи како Хамас преку насочени дејства, но заштитата на цивилното население е должност на демократиите, рече Макрон во специјалното ТВ обраќање, пренесе ЕУ обсервер.

САД досега низ историјата во неколку наврати се обидувале да постигнат мир меѓу Израел и Палестина. Би-би-си, пишувајќи за историјата на конфликтот меѓу овие две земји се осврнува и на обидите за мировни преговори со посредство на САД.

Израелско-палестинските мировни преговори се одржуваа со прекини помеѓу 1990 и 2010 година, пратени и со избувнувања на насилство. По серијата тајни разговори во Норвешка се случи мировен процес во Осло, симболизиран со церемонијата на тревникот во Белата куќа во 1993 година со која претседаваше претседателот Бил Клинтон.

Сепак, набрзо се појавија „пукнатини“, а тогашниот опозициски лидер Бенјамин Нетанјаху го нарече Осло смртна закана за Израел. Израелците го забрзаа својот проект за населување Евреи на окупираните палестински територии. Неодамна појавената палестинска милитантна група Хамас испрати бомбаши самоубијци да убиваат луѓе во Израел и да ги уништат шансите за договор.

Атмосферата во Израел стана вжештена, што кулминираше со атентатот на израелскиот премиер Јицак Рабин од страна на еврејски екстремист на 4 ноември 1995 година.

Во 2000-тите години беа направени обиди за заживување на мировниот процес – вклучително и во 2003 година кога светските сили го смислија патоказот со крајна цел решение со две држави, но тоа никогаш не беше спроведено.

Мировните напори конечно заглавија во 2014 година, кога во Вашингтон пропаднаа меѓу Израелците и Палестинците .

Мировниот план – подготвен од САД кога претседател беше Доналд Трамп, израелскиот премиер Нетанјаху го нарече „договор на векот“, но Палестинците го отфрлија како едностран, пишува Би-би-си.

Според објавата што ја рецензираме, пак, западните земји посакувале војна меѓу Израел и Палестина, а тоа се гледало и од нивното одбивање да гласаат во ОН за резолуцијата на Русија „за запирање на воените дејства и напади помеѓу Израел и Палестина и праќање на трупи од ООН“.

Во објавата е споделена вест на АП, за тоа дека Советот за безбедност на ОН ја отфрли руската резолуција. Како што е наведено во веста со руската резолуција:

Се осудува насилството и тероризмот врз цивилите, но не се споменува Хамас, чиј ненадеен напад во кој загинаа 1.400 Израелци беше најлошиот еврејски масакр од нацистичкиот холокауст во Втората светска војна.

Само четири земји ѝ се придружија на Русија во гласањето за резолуцијата – Кина, Обединетите Арапски Емирати, Мозамбик и Габон. Четири земји гласаа против – САД, Велика Британија, Франција и Јапонија. Останатите шест земји беа воздржани. За усвојување потребни се минимум девет гласови „за“ во 15-члениот совет.

Британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд, рече дека би било „несовесно овој совет да го игнорира најголемиот терористички напад во историјата на Израел“.

Значи, западните земји не гласале против „резолуција за запирање на воените дејства и напади меѓу Израел и Палестина“, како што тврди објавата, туку не ја поддржале резолуцијата на Русија за осуда на насилството и тероризмот врз цивилите, бидејќи истата не го спомнувала нападот на Хамас и убиството на 1.400 цивили во Израел.

Сè на сè, објавата содржи низа невистини и манипулации за воените конфликти меѓу Украина и Русија и Израел и Палестина. Објавата не ги согледува фактите, туку само има единствена цел да го обвини Западот дека е виновен, иако историјата говори поинаку. Западните земји не ги нападнаа ниту Украина, ниту Израел. Исто така, Западот во никој случај не посакува војна, туку го осудува насилството и убивањето на цивили, а го поддржува правото на земјите да го бранат својот територијален интегритет. Според сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција