Западот не сака да ги изгладни граѓаните на Нигер „до смрт“

Фото: pixabay.com

Во постот се прави несоодветна споредба меѓу Русија и Нигер, при што прстот се вперува во ЕУ (Западот) како виновник за двете различни ситуации. Во случајот војната во Украина, Русија беше таа која што нападна без провокација суверена и демократска држава со демократски избрана влада и претседател. Во случајот со Нигер, со преврат – пуч, се става во куќен притвор легитимно избраниот претседател и на власт се инсталираат луѓе кои не се демократски избрани. Сите овие акции и дејствија не соодветствуваат со демократските постулати на ЕУ и нејзините принципи, па со цел да се ослабнат позициите на напаѓачите во двата случаја, воведени се санкции

Во постот се прави несоодветна споредба меѓу Русија и Нигер, при што прстот се вперува во ЕУ (Западот) како виновник за двете различни ситуации. Во случајот војната во Украина, Русија беше таа која што нападна без провокација суверена и демократска држава со демократски избрана влада и претседател. Во случајот со Нигер, со преврат – пуч, се става во куќен притвор легитимно избраниот претседател и на власт се инсталираат луѓе кои не се демократски избрани. Сите овие акции и дејствија не соодветствуваат со демократските постулати на ЕУ и нејзините принципи, па со цел да се ослабнат позициите на напаѓачите во двата случаја, воведени се санкции 

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

До пред само два дена западните политичари 24 часа плачеа на сите медиуми и социјални мрежи дека поради Русија и забраната за извоз на жито од Украина цела Африка и половина свет ќе гладуваат и дека постапките на Русија се геноцид врз човештвото и така натаму…
 Денес Западот воведе санкции кон Нигер, забранувајќи летови, увоз, извоз, хуманитарна помош, парични трансакции со намера да ги изгладне до смрт.
 И тие сè уште не разбираат зошто мнозинството од светот ја поддржува Русија.

Тврдењето дека Западот воведе санкции кон Нигер со намера да го изгладни населението на Нигер до смрт, е невистинито. Не се само западните партнери на Нигер тие кои воведоа санкции кон земјата, туку и нивните регионални партнери, откако минатата недела имаше обид за државен удар.

Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) остро го осуди нападот врз демократските институции и обидот за дестабилизација на земјата.

Европската Унија, според изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, со загриженост ги следи актуелните настани во Нигер каде ситуацијата е тензична, откако дел од претседателската гарда изведе бунт во резиденцијата на претседателот Мохамед Базум.

Ја потврдуваме нашата целосна поддршка за претседателот Базум и нашето уверување дека Нигер е суштински партнер на Европската Унија во реонот на Сахел, чија дестабилизација нема да им служи на интересите на никого – ниту на земјата, ниту на регионот и ниту пошироко, додава Борел во писмената изјава.

Нигер е седмиот на светот најголем производител на ураниум, радиоактивен метал широко користен за нуклеарна енергија. Исто така, Нигер е една од најсиромашните земји на светот, која годишно прима 2 милијарди долари помош за развој. Како што пишува Ројтерс, според буџетските проекции за 2023 година, голем дел од буџетските средства, според фискалните проекции требало да дојде однадвор, од поддршка на буџетот и заеми. Дека не е вистина оти ЕУ сака да ги изгладни до смрт луѓето од Нигер, покажува фактот што ЕУ ги има поддржувано максимално процесите на демократизација во таа држава, испраќајќи огромна финансиска помош. Но, таа помош кога би се давала во овие моменти, би била преземана од страна на нелегитимна власт, што ЕУ не може да го дозволи.

ЕУ има одвоено 503 милиони евра од својот буџет за да се подобри владеењето, образованието и за развој на Нигер од 2021 до 2024 година, објави Ројтерс.

Војската во оваа западноафриканска држава на националната телевизија објави дека извршила државен удар, дека е укинат Уставот, дека се суспендирани институциите на власта и затворени границите на државата, а дека претседателот Мохамед Базум е задржан во Претседателската палатата во главниот град Ниамеј од припадници на гардата.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, ЕУ сака  да се стабилизира државата, да се спречи државниот преврат за насилно преземање на власта и да биде ослободен демократски избраниот претседател, Базум. Всушност, за ЕУ тој е, и останува единствениот легитимно избран претседател на Нигер. Неговото ослободување мора да се случи безусловно и без одложување и ЕУ ги смета за одговорни пучистите за неговата безбедност и за безбедноста на неговото семејство.

Известувањето од пучистите дека се укинува Уставот и се укинуваат демократските институции, ја ослабнува државата и луѓето на Нигер чии мир, стабилност и безбедност мора да се зачуваат. ЕУ испраќа јасна порака и повик за целосно враќање на уставниот поредок без одложување и целосно се согласува со декларациите на ECOWAS и Африкансите и интернационалните партнери во оваа смисла.

Во координација со претседателот и со Европскиот совет, ќе продолжам со контактите за да го постигнеме овој резултат. Спремни сме да ги поддржиме одлуките на ЕCOWAS вклучително и воведувањето на санкции. Овој неприфатлив напад на интегритетот на институциите на Нигер нема да биде без последици за партнерството и соработката меѓу ЕУ и Нигер во сите негови аспекти. Во оваа смисла, се суспендира веднаш буџетската поддршка, како и сите активности за безбедносни соработки, пишува во изјавата на  Борел.

Западноафриканскиот економски блок ECOWAS, им даде на лидерите на пучот една недела да го вратат демократски избраниот претседател Мухамед Базум или да се соочат со воена интервенција. Блокот од 15 држави, специфично се закани на хунтата водена од Абдурахман Чиани со примена на сила.

Во неделата илјадници демонстранти го вееа руското знаме собрани во главниот град на Нигер, Ниамеј.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, санкциите од ЕУ не се со намера населението да се изгладни до смрт, туку со намера да се изврши притисок и населението да ги добие назад уставниот поредок. Едноставно, ЕУ одбива да поддржува пуч во држава која веќе има избрана власт и повикува на мир и стабилност на начин што ќе се вратат демократски избраните претставници на власта, а пучистите ќе се повлечат. Фактот што и африкански држави се закануваат со воена интервенција, покажува дека пучот нема поддршка ни меѓу држави коишто не се во ЕУ.

Германија објави дека ја прекинала финансиската помош и развојната соработка. Берлин предупреди дека може да следат дополнителни мерки, а овој потег уследи еден ден откако Европската унија ја суспендираше финансиската поддршка за Ниамеј.

Франција, исто така, соопшти дека го признава само Базум за лидер на Нигер.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон информираше дека „нема да толерира никаков напад против Франција и нејзините интереси“.

Нашиот приоритет е безбедноста на нашите граѓани и нашите објекти кои не може да бидат таргетирани со насилство, според меѓународното право, изјави министерот за надворешни работи на Франција.

Дополнително, во Нигер беше нападната и амбасадата на Франција, што беше осудено од Франција.

И западноафриканските држави, исто така, воведоа санкции против Нигер, со цел да се изврши притисок  пучот да пропадне и да се врати демократски избраната власт во државата.

Дополнително, Ројтерс извести дека законите на САД за странска помош забрануваат помош во држави каде демократски избраниот лидер е отстранет преку пуч. Ако САД заклучи дека пуч се случил, тогаш ќе се постапува во согласност со таквите правни норми.

Споредбата што се прави меѓу Русија и Нигер, при што намерата е да се направи ЕУ виновна за двете различни ситуации, е непринципиелна. Во случајот војната во Украина, Русија беше таа која што нападна без провокација суверена и демократска држава со демократски избрана влада и претседател. Во случајот со Нигер, со преврат – пуч, се става во куќен притвор легитимно избраниот претседател и на власт се инсталираат луѓе кои не се демократски избрани. Сите овие акции и дејствија не соодветствуваат со демократските постулати на ЕУ и нејзините принципи, па со цел да се ослабнат позициите на напаѓачите во двата случаја, воведени се санкции во надеж дека тие ќе се повлечат.

Поради сите горенаведени факти, сметаме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот.

 

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција