Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Зеленски на Денот на вработените во украинскиот одбранбен и индустриски комплекс, 13.04.2024 Фото: president.gov.ua

Украина не е таа која сака војна, ниту пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има право да се брани. Русија насила прогласи независност на Донбас и Луганск, нарушувајќи го територијалниот интегритет на Украина. Зеленски постојано повикува на мир и понуди формула за мир, а на негово барање Швајцарија во јуни ќе организира мировен самит, на кој Русија најави дека нема да учествува

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има право да се брани. Русија насила прогласи независност на Донбас и Луганск, нарушувајќи го територијалниот интегритет на Украина. Зеленски постојано повикува на мир и понуди формула за мир, а на негово барање Швајцарија во јуни ќе организира мировен самит, на кој Русија најави дека нема да учествува

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека претседателот на Украина Володимир Зеленски ја вовлекол неговата земја во војна. Ваквото тврдење е погрешно.

Зошто никој не му објаснува на оваа будала дека Украина ја вовлече во војна , не е тоа камај-камај игра !!!…, стои во објавата.

Тврдењето дека Зеленски ја вовлекол Украина во војна е погрешно и манипулативно и потсетува на честите дезинформациски наративи на Кремљ.

На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.

Опсегот на рускиот напад беше масовен дожд од ракети истурен врз украинските градови, додека руските копнени трупи наголемо влегуваа на украинска територија од повеќе правци. Украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата била цел на напад од крстосувачки и балистички ракети, а особено се целело кон инфраструктурата во близина на големите градови како Киев, Харков, Мариупол…, објави тогаш Дојче веле.

На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014-тата година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година. Да се очекува од Украина да седи со скрстени раце би значело дека граѓаните на Украина се согласуваат со тоа да бидат окупирани и територијално преземени од Русија, што не се случи. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.

Украинскиот претседател Зеленски е најважната дезинформациска мета на Кремљ. Тој постојано е обвинуван дека е марионета во рацете на западните сили, дека ја вовлекол Украина во војна и слично. Факт е дека Зеленски не сака војна, туку е присилен да се брани од руската агресија во што му помагаат НАТО и ЕУ.

Во раните утрински часови на 24 февруари 2022 г., непосредно пред руските тенкови да започнат да продираат на украинска територија, Зеленски имаше обраќање до граѓаните и на Украина и на Русија. Тоа обраќање, како и неговите следни обраќања во тие први денови од инвазијата, покажаа дека тој има лидерски капацитет и способност да ги обедини и да ги води своите сограѓани: „Немојте да паничите! Ние сме силни и спремни сме за се. Ние ќе победиме против кого било, зашто ние сме Украина!“, порача тогаш Зеленски.

После нападот, сите дипломатски односи со Русија беа прекинати и се воведе кризна состојба на територија на цела Украина. На сите мажи на возраст од 18-60 години им беше забрането да излегуваат од земјата, на која ѝ беше потребен секој оној кој може да ѝ помогне.

Зеленски на 11 октомври 2022 година, им ја соопшти на лидерите на земјите од Групата седум (Г7) „Формулата за мир“ за надминување на руската закана. Денес, овој план од 10 точки останува единствениот начин да се врати праведен и долготраен мир за Украина.

Швајцарија во јануари годинава соопшти дека во јуни ќе биде домаќин на мировен самит на барање на украинскиот претседател Зеленски и оттогаш има разговори со ЕУ, земјите членки на Г7 и земји како Кина и Индија за да ја добие нивната поддршка.

Конференцијата ќе се одржи од 15 до 16 јуни во Буергеншток во кантонот Нидвалден во близина на градот Луцерн.

Целта на конференцијата е да се создаде поволна рамка за сеопфатен и траен мир во Украина, како и „конкретни насоки за учество на Русија во мировниот процес“.

Иако Москва соопшти дека не се противи на разговорите за ставање крај на војната, руските власти рекоа дека нема да учествуваат во разговорите во Швајцарија, земја за која сметаат дека се откажала од својата неутралност во поглед на конфликтот.

Москва постојано повторува дека е отворена за преговори, но дека тие мора да ја препознаат „новата реалност на теренот“.

Украина бара враќање на нејзиниот територијален интегритет и целосно повлекување на руските сили како услови за мир.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Украина не е таа која сака војна и дека украинскиот претседател Зеленски не ја вовлекол земјата во војна, како што тврди објавата што ја анализираме. Русија ја нападна Украина, а Украина има право да се брани. Русија насила прогласи независност на Донбас и Луганск, нарушувајќи го територијалниот интегритет на Украина. Зеленски постојано повикува на мир и понуди формула за мир, а на негово барање Швајцарија во јуни ќе организира мировен самит на кој Русија најави дека нема да учествува. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како погрешна.

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција