Зеленски – најважната дезинформациска мета на Кремљ

Никогаш досега пропагандната машинерија на Кремљ не била концентрирана на ширење толку многу дезинформации за една личност, како што тоа сега се прави кога станува збор за Володимир Зеленски. Секојдневните и постојани напливи на невистини за украинскиот претседател покажуваат дека тој претставува трн во окото на режимот во Москва и главна пречка за неуспехот на „тродневната инвазија“, чие времетраење го помина 500-иот ден и чиј крај не е на повидок  

Никогаш досега пропагандната машинерија на Кремљ не била концентрирана на ширење толку многу дезинформации за една личност, како што тоа сега се прави кога станува збор за Володимир Зеленски. Секојдневните и постојани напливи на невистини за украинскиот претседател покажуваат дека тој претставува трн во окото на режимот во Москва и главна пречка за неуспехот на „тродневната инвазија“, чие времетраење го помина 500-иот ден и чиј крај не е на повидок

 

Пишува: Матеј Плавевски

 

Уште на почетокот на руската инвазија врз Украина, властите во Кремљ сметаа дека таа ќе биде готова за три дена и дека Киев ќе падне ако не првиот, тогаш сигурно вториот ден. При таков план „елитните“ трупи на чеченскиот лидер, Рамзан Кадиров, инаку дел од руската национална гарда, заедно со другите руски трупи влегоа во Украина од север, преку Белорусија, во надеж преку „блицкриг“ да го заземат украинскиот главен град. Но, чеченските трупи, покрај заземањето на Киев, имаа и друга задача доделена од нивните шефови во Кремљ – да го најдат и да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски. Таквиот план, како што е многу добро познато, не успеа. Не само што Зеленски не беше убиен, туку ни Киев не беше заземен. И уште повеќе, на почетокот на март 2022 година, украинските воени власти известија дека „елитната“ чеченска единица, која имаше задача да го убие Зеленски, е всушност, самата уништена од страна на оружените сили на Украина, како што беа уништени и редица други елитни и искусни руски воени единици при неуспешниот напад врз Киев ланската зима и пролет.

 

Движењето завојуваните страни на фронтот во првите 45 дена од инвазијата на северот на Украина (24 фев.-7 апр., 2022 г.). Видео: Immanuelle, Cdjp1, Bacon Noodles, & Physeters, CC BY-SA 4.0 via Wikimedia Commons

 

Но, овој неуспех за физичка елиминација на Зеленски не беше и крај на напорите на Кремљ да изврши атентат врз него, само што беше променета тактиката. Наместо атентат за физичка ликвидација, Кремљ започна долготрајни и сеопфатни активности да изврши карактерен атентат врз украинскиот претседател. Тој стана постојана мета на дезинформациски напади и теории на заговор, кои Кремљ и неговите поддржувачи постојано ги продуцираат во надеж да го поткопаат неговиот кредибилитет и пред украинските граѓани и пред сопствената јавност во Русија, но, уште поважно, пред западни сојузници на Украина, чијашто поддршка е од пресудна важност за нејзиниот успех на бојното поле.

При обидите за негова дискредитација се користат сите можни вистинити и невистинити детали од неговиот живот. Зеленски, пред да стане шестиот претседател на Украина, беше телевизиско лице, настапуваше во ТВ комедии и глумеше во комични филмови и телевизиски серии. Овој дел од неговата биографија Кремљ вешто го користи за негова дискредитација. Но, од друга страна, вешто се прикриваат фактите кои говорат дека Зеленски има завршено право на Националниот економски универзитет во Киев, за подоцна да започне да се занимава со глума, истовремено создавајќи ја и својатра продукциска куќа „Квартал 45“.

Во 2019 ја објавува кандидатурата за претседател на Украина, при што убедливо го победува својот главен противник, тогаш актуелниот претседател, Петро Порошенко, освојувајќи дури 75 отсто од гласовите во вториот круг. Зеленски на почетокот од мандатот зазема став против корупцијата и против естаблишментот. Критиките против Зеленски во тој период беа внатрешни и се однесуваа на неговото политичко неискуство, со оглед на фактот што претходно не бил вклучен во политика. Но, тие ни најмалку не наликуваа на сегашните организирани и постојани напади, кои Кремљ ги започна по инвазијата на врз Украина и кои непрекинато траат и до денес.

Резултати од претседателските избори во Украина во 2019 година. Tohaomg, CC BY-SA 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by-sa/4.0>, via Wikimedia Commons

Во раните утрински часови на 24 февруари 2022 г., непосредно пред руските тенкови да започнат да продираат на украинска територија, Зеленски имаше обраќање до граѓаните и на Украина и на Русија. Тоа обраќање, како и неговите следни обраќања во тие први денови од инвазијата, покажаа дека тој има лидерски капацитет и способност да ги обедини и да ги води своите сограѓани: „Немојте да паничите! Ние сме силни и спремни сме за се. Ние ќе победиме против било кого, зашто ние сме Украина!“ Со овие зборови и редица други обраќања тој успеа да спречи сеопшта паника во земја нападната од сите страни и од далеку посилен противник. Andrew Roberts, британски новинар и историчар, во таа прилика го спореди Зеленски со Винстон Черчил, а медиумите го опишаа како „национален“ или „глобален херој“.

Ваквото негово обраќање беше комплетно спротивно на целочасовниот конфузен говор на Владимир Путин, еден ден пред инвазијата, во кој тој ги призна сепаратистичките региони на Украина како независни републики, истовремено изнесувајќи бесмислени твртдења за „геноцид“ во источна Украина и тиради за „денацификација“, кои ги користеше како оправдување за војната.

После нападот, сите дипломатски односи со Русија беа прекинати и се воведе кризна состојба на територија на цела Украина. На сите мажи на возраст од 18-60 години им беше забрането да излегуваат од земјата, на која ѝ беше потребен секој оној кој може да ѝ помогне

Безбедносните служби на Украина уште на самиот почеток од инвазијата утврдија дека Зеленски, заедно со неговото семејство, е главна мета на напад од страна на руските агресори, но тој, сепак, одлучи да остане во Киев. Владата на САД и претседателот на Турција ургираа Зеленски да се евакуира, нудејќи му транспорт на бeзбедна локација, плашејќи се дека Киев нема да го издржи нападот на моќната руската армија. Но, Зеленски на ваквата понуда одговори:

„Борбата е тука, не ми треба превоз, ми треба муниција.“

И потоа, во текот на војната Зеленски беше постојано присутен во јавноста со секојдневни видео обраќања, двапати го посети Бахмут, најжешкото боиште од над илјада километри долгиот фронт, а по ослободувањето на Керсон, инаку единствен регионален центар кој Русите успејаа да го окупираат на почетокот од инвазијата, веднаш се упати таму и покрај тоа што градот сè уште беше под закана од артилериски напади од руските оружени сили, кои беа лоцирани веднаш од другата страна на реката Дњепар. Зеленски, исто така, често ги посетува ранетите војниците во болниците, доделувајќи ордени и признанија.

Зеленски во 2022 г. беше именуван човек на годината од магазинот „Time“, а во повеќе анкети на јавното мислење во Украина се смета за најдобар претседател што државата го имала. Во овие анкети, спроведени на почетокот на војната, 90 отсто од Украинците ги поддржуваат неговите ставови, вклучувајќи и 80 отсто од испитаниците коои живеат во регионите каде што се зборува руски.

Нападите врз Зеленски, потекнати од Кремљ и неговите поддржувачи, се прошируваат низ цел свет за потоа многу често да стигнат и во С. Македонија. Се употребуваат манипулирани фотографии, изјави извадени од контекст, сцени од сериите во кои глумел, тврдења дека е нацист или дека некој од неговиот потесен семеен круг е нацист и што уште не. Па сè до тоа дека ги ограничува правата на народот, му ја крати слободата, на дава ја изразува својата вера или не му дозволува да избира кој да го претставува во законодавните тела. Вклчувајќи и неаргументирани тврдења дека е корумпиран, алчен, дека го гледа само својот личен интерес со цел да се збогати од ситуацијата во Украина.

 

Зеленски и дезинформации поврзани со нацизмот

Една од честите дезинформации за Зеленски е дека тој е нацист или има асоцијација со нацисти. За да се покаже дека Зеленски е Хитлер, се споделуваат негови фотографии со Папата, при што веднаш подолу се споделува и фотографија на Хитлер е со некој католички свештеник од пред 80 години. И тоа е целата аргументација зошто Зеленски, наводно, е нацист. Со него, исто, се вметнуваат и фотомонтирани фотографии со нацистички симболи, вклучувајќи и употреба на лажен превод со старо видео за да се прикаже дека вечера со нацисти.

Инаку, промовирањето и практикувањето на нацистичката идеологија Украина го забрани уште во 2015 година, заедно со ширењето на комунистичката пропаганда.

Фактот што е Евреин, исто се користи за дезинформирање, при што се шират лаги дека и Адолф Хитлер исто имал еврејска крв.

Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија, го изјави следното во врска со Зеленски:

Ако добро се сеќавам, може и да не сум во право, ама Хитлер имал еврејско потекло. Тоа не значи ништо. Веќе некое време, слушаме од мудри Евери дека најголемите антисемити биле Евреите.

Зеленски е роден во еврејско семејство, а, неговиот дедо служел во Црвената Армија и се борел против нацистите. Зеленски има изгубено 3 члена во семејството во Втората светска војна во броба против нацистите.

Нападите врз Зеленски за наводен нацизам, потоа се пресликуваат и врз цела Украина

Ќе настојуваме да ја демилитаризираме и денацифицираме Украина, како и да ги изведеме пред суд оние кои извршиле бројни крвави злосторства против цивилите, вклучително и против граѓаните на Руската Федерација, рече Путин непосредно пред почетокот на инвазијата врз Украина.

Ваквиот наратив многу често се користи од Кремљ, при што се додава и  дека „нео-нацисти, се населиле во Киев и го зеле целиот украински народ во заложништво.

Во јули 2021 г., Путин ја објави статијатаЗа историското единство помеѓу Русите и Украинците“. во која преку влечење на историски паралели го обвинува Владимир Илич Ленин, водачот на советската социјалистичка револуција и првиот лидер на Советскиот Сојуз за создавањето на Украинската Советска Социјалистичка Република во 1922 г., пишувајќи дека со тоа ја создал „најопасната временска бомба во советскиот систем“. Според него, таа бомба експлодирала со распадот на СССР во 1991. „Владеачките кругови на Украина решија да ја оправдаат нивната независност со тоа што ќе го негираат нивното минато“. На Путин едноставно му пречи што во современи услови, во Украина денес во некои кругови советското владеење врз земјата се именува како „окупација“ (патем, на сличен начин советското владеење денес се оценува и во балтичките земји – Летонија, Литванија и Естонија). Со тоа, според Путин, радикали и нео-нацисти „го ограбиле народот на Украина“ и се „спремни да ја продадат нивната татковина само за да го сочуваат личното богатство.“

Денес терминот нацист во Русија е поим за секој оној кој е против за актуелната руска власт и владеењето на Путин. Зеленски е пречката која стои на патот на ваквата реторика.

Дезинформации за лично богатење и ограничувања на слободата

Во просторот на дезинформации може да се сретнат и инфантилни изјави според кои Зеленски краде велигденски јајца . Посериозни дезинформации, без никакви аргументи се оние според кои тој злоупотребува финансиска помош од сојузниците за свое лично богатење. Патем, се појави и дезинформација за измислен билборд (поставен во Милано) за кој лажно се тврди дека се користи за донации за негово лично богатење.

Сомнежите дека Володимир Зеленски и неговата придружба незаконски се богатат, кои Кремљ почна да ги форсира откако почна инвазијата (како пред тоа да немало корупција во Украина), често се искажуваат за да се дискредитира и самиот Зеленски, но преку него и цела Украина во очите на меѓународната заедница, а се со цел да се предизвика раздор меѓу Западот и Украина и прекин или барем намалување на воената и сета друга помош од која Украина бездруго зависи во својата одбрана. Проблемот е само што Русија е конзистентно оценета како покорумпирана од Украина според Индексот за прецепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл.

Тенденциозни напади дека Зеленски ја забранил опозицијата, ја угнетува црквата, одбива да одржи избори претставуваат, исто така, чести тврдења, вклчувајќи и дека прогонува христијани од Украина, како и дека води верска војна на друг фронт.

На 2 декември 2022 г., Украинската влада претстави закон со кој ќе се забрануваат црквите кои имаат афилијација со Русија за да ја спречи Москва да ја „ослабува Украина однатре“. Ваквата одлука не беше добро прифатена од Русија. Поранешниот претседател на Русија, Димитриј Медведев, ги опиша властите во Киев како „сатанисти“ и „непријатели на Бога и верата.“

Украина е сочинета од 72 отсто православни верници, 9 отсто католици, 2 отсто протестанти и други. Во Украина има две православни цркви – независната Украинска православна црква и Украинската православна црква на Московската Патријаршија (УПЦ-МП). Она што важно да се знае за УПЦ-МП е што таа ја подржува окупацијата на Украина.

Во некои од црквите на УПЦ-МП и во текот на акутелната инвазија се шири пропагандата на Кремљ, па дури имаше и немили сцени каде што украински војник беше нападнат од страна на свештено лице по што локалното население, преку протести пред црквата во гратчето Кмелницки, побара про-рускиот свештеник да биде отстранет, а црквата да се префрли во владение на УПЦ.

За Зеленски, особено во последно време, се дезинформира и дека сака да ја задржи моќта како претседател повеќе за себе си, со тоа што не дозволува одржување избори, при што измислени зборови на оваа тема му се атрибуираат нему со цел да биде претставен како недемократ, кој сака да владее без избори.

Но, во Украина е воведена кризна состојба низ целата држава како резултат на руската агресија. Украинскиот устав не дозволува организирање на избори во кризната состојба. Додека трае војната, ќе трае и кризната состојба. А, во такви услови, избори не се можни. Кога станува збор за овој вид дезинформации, се појавија и тврдења кои велат дека тој ограничува кој може да учествува во демократскиот процес со тоа што ја забранува опозицијата. Но, ваквите напади имаат извртен контекст. Точно е дека украинската влада ја суспендира работата на 11 политички партии, при што сите беа релативно мали и маргинални партии, но тоа се случи по инвазијата на Русија и стануваше збор за про-руски партии или, пак, партии од кои некои и отворено ја поддржуваа руската агресија.

* * *

#UkraineFacts, сервис за проверка на факти од Украина, досега (јули 2023 г.) има извршено проверка на вистинитост на 3.018 изјави за Зеленски. Најголем дел од нив претставуваат напади врз украинскиот претседател и огромен дел од нив се невистинити. И оваа бројка нема да престане да се зголемува. Ваквиот упорен и сеопфатен пропаганден потфат неизбежно изискува сериозна инфраструктура, која може да ја обезбеди само државен апарат и тоа државен апарат кој веќе има искуство во спроведување операции на дискредитација и ширење дезинформации на глобално ниво. Државен апарат каков што е оној на Кремљ.

Украинскиот претседател е врзивното ткиво кое ги обединува сите напори на земјата за обрана против руската агресија и тоа на сите фронтови. Зеленски е најзаслужен за високиот морал на украинските оружени сили, за дипломатската, воената и финансиската поддршка која Украина ја ужива и добива од целиот демократски свет и за поддршката која неговата политика ја добива од граѓаните на Украина. Напорите на земјата за одбрана од агресијата ќе изгледаа сосема поинаку ако на челото на земјата не беше лидер каков што е Зеленски. Токму затоа Кремљ ќе продолжи да прави сè што е во негова моќ да го наруши, па и да го уништи неговиот кредибилитет, а со тоа и да ја намали и минимизира меѓународната поддршка за Украина. И тоа особено ако состојбата на фронот продолжи да не се развива во корист на Кремљ.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција