Зголемена тензијата меѓу Москва и Запад околу Украина
Изминатиот месец се зголеми тензијата меѓу Запад и Москва и одделно меѓу западни земји и Русија, со честа употреба на неколку класични дезинформациски наративи од страна на Русија, како што се Западот војува со Русија до последниот Украинец, Западот е лошото момче, а Русија се брани од проширувањето на НАТО, Западот е декадентен, а Русија ги брани традиционалните вредности, па сè до директно обвинување дека САД и Велика Британија издале команда за украинскиoт ракeтен напад врз штабот на црноморската флота во Севастопол
Изминатиот месец се зголеми тензијата меѓу Запад и Москва и одделно меѓу западни земји и Русија, со честа употреба на неколку класични дезинформациски наративи од страна на Русија, како што се Западот војува со Русија до последниот Украинец, Западот е лошото момче, а Русија се брани од проширувањето на НАТО, Западот е декадентен, а Русија ги брани традиционалните вредности, па сè до директно обвинување дека САД и Велика Британија издале команда за украинскиoт ракeтен напад врз штабот на црноморската флота во Севастопол
Овoј тренд започна уште на почетокот на септември, а повод беше посета на виско ниво на САД во Украина. Русија ја повтори својата дезинформациска мантра и еден од своите омилени наративи дека Американците ќе војуваат во Украина до последниот Украинец. Ова е коментарот на официјален Кремљ за посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Киев на почетокот на месецот.
Слушнавме повеќекратни изјави дека Американците имаат намера да продолжат да му помагаат на Киев онолку долго колку што е потребно, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Со други зборови, тие ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во воена состојба и да ја водат оваа војна до последниот Украинец, не штедејќи пари за ова. Така го сфаќаме, ние го знаеме. Тоа нема да влијае на текот на специјалната воена операција, заклучи тој.
Повеќе информации за овој дезинфo наратив и вестите околу посетата на Блинкен може да се прочитаат тука.
Уште едни избори на окупираните украински територии
Руските власти на 11.09.2023 година објавија победа на партијата на Владимир Путин на изборите организирани на окупираните територии во Украина, наведувајќи дека партијата освоила повеќе од 70 отсто од гласовите. Стануваше збор за регионални и локални избори кои се спроведуваа три дена од петокот до неделата (8-10 септември) и со кои Москва сака да испрати порака дека власта функционира нормално на новите територии, кои ги прогласи за руски во септември 2022 година.
Од луѓето кои живеат во областите окупирани од Русија во Украина се бара да гласаат на, како што велат властите, локални избори. Украинското министерство за надворешни работи ги нарече изборите „измама“, велејќи дека гласовите нема да имаат правна основа, пишува Мета, повикувајќи се на Би-Би-Си и на Укринформ. Освен Украина, изборите ги осуди и ЕУ преку високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, а со сличен став излезе и канадскиот премиер Џастин Трудо.
Повеќе на оваа тема може да се прочита на линкот тука. Во истовреме, како потврда за рускиот наратив, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истиот ден зборуваше и за претседателските избори, наведувајќи дека доколку Владимир Путин се кандидира нема да има сериозен противкандидат зашто народот го сакал. Повеќе на оваа тема на линкот тука.
Ким Јонг Ун заблеска со ловорики за Русија и за „победата во Украина“
Придружуван од неговите највисоки воени претставници, кои управуваат со неговите фабрики за нуклеарно оружје и за муниција, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун денеска (12.09.), пристигна во Русија, каде што ден подоцна, на 13-ти одржа ретка средба со претседателот Владимир Путин, што го загрижи Западот поради можноста да склопат договор за оружје за војната на Москва во Украина, објавија портали на македонски јазик.
Путин уште на 13-ти пред средбата изјави дека со Ким Јонг Ун ќе разговараат за сите прашања од заемен интерес, вклучувајќи ја и вселенската програма на Северна Кореја, додека Ким Јонг Ун изјави дека ќе ѝ помогне на Русија во војната во Украина, со што се остварија стравувањата на Запад, посебно на Белата куќа, која го предупреди Пјонгјанг уште два дена пред посетата, нешто што беше експресно отфрлено и од Северна Кореја и од Русија преку гласноговорникот Димитриј Песков.
По разговорите одржани на 13.09.2023 година во вселенскиот руски центар Восточни, странските агенции јавуваат дека за време на ручекот/вечерата, во својата здравица Ким наздравуваше за здравјето на Путин, победата на големата Русија и корејско-руското пријателство, пророкувајќи ја победата на Москва во светата битка со Западот во војната во Украина.
Цврсто верувам дека херојската руска армија и народ брилијантно ќе ги наследат нивните победи и традиции и решително ќе го докажат своето благородно достоинство и чест на двата фронта на воените операции и градењето силна нација, рече Ким.
Руската армија и народ сигурно ќе извојуваат голема победа во светата борба за казнување на големото зло што сака хегемонија и се храни со експанзионистичката илузија, додаде тој, објавија медиумите на македонски јазик.
Ден по разговорите, на 14.09., освен што се јавува дека Путин прифатил возвратна посета на Северна Кореја во неодредено време, малку детали се знае за самите разговори. Ова го констатираше и Дојче Веле на македонски јазик, повикувајќи се на светските агенции.
Инаку, детали за оклопниот воз со кој Ким Јонг Ун се довезе до Владивосток, на прва средба со Путин од 2019 година, може да се прочитаат во Слободен печат, кој објави текст врз база на странски извори за традицијата во Северна Кореја за користење на оклопниот претседателски воз, но и за другите превозни средства што ги користи или користело семејството Ким.
Други медиуми објавија детали од ручекот/вечерата на двајцата лидери, фокусирајќи се на менито што било понудено, а трети пак, објавија видео со детали на проверки што ги прави обезбедувањето на Ким непосредно пред разговорите со Путин, со насока дека тоа покажувало оти Ким не му верува ниту на рускиот претседател.
Сите вести од денот на пристигнувањето на Ким Јонг Ун во Русија може да се прочитаатна линкот тука. Додека вестите на македонски јазик ден по посетата, на 14.09. може да се видат тука.
Путин повторно се заканува со ново оружје
Владимир Путин за време на состанокот со модераторите на клучните сесии на 8-от Источен економски форум (ЕЕФ) што се одржа во Владивосток, изјави дека Русија развивала ново оружје базирано на нови физички принципи, кое ќе и овозможело на секоја земја ефективна безбедност.
Ако се погледне во безбедносната сфера, оружјето со новите физички принципи ќе ја осигури безбедноста на секоја земја во блиска историска перспектива. Ние многу добро го разбираме ова и работиме на тоа, изјави Путин, а пренесоа порталите на македонски јазик повикувајќи се на Ројтерс.
Развивањето оружје засновано на нови физички принципи вклучува употреба на нови технологии и принципи на дејствување. Таквото оружје вклучува ласерско, ултразвучно, радиофреквентно оружје и други, објави државната новинска агенција ТАСС.
Во истиот разговор Путин изјави дека испраќањето на тенкови во Унгарија и Чехословачка за време на Студената војна било грешка на Москва, но нема информации дали е направена аналогија со инвазијата на Украина од февруари 2022 година.
„Тоа беше грешка“, кажа Путин кога го прашаа дали Русија може да се смета за колонијална сила поради тоа што испрати тенкови во Будимпешта во 1956 и во Прага во 1968 година.
Не е во ред да се прави што било во надворешната политика што им штети на интересите на другите народи, додаде Путин, повеќе од 18 месеци откако ја почна инвазијата на Украина, која прерасна во најголемата војна во Европа од Втората светска војна.
Путин практично искажа два руски дезинфо наративи кои се користат особено по агресијата врз Украина од лани: имаме/работиме на ново оружје какво што никој во светот нема; Западот/САД се вистинските негативци на меѓународно поле, а Русија влезе во Украина за да ги заштити своите интереси и рускиот народ. Уште подетално може да се прочита во мини анализата на „Вистиномер“.
ООН поле за вкрстување на (дез)информациските наративи – Лавров „шампион“
Годишната сесија на Собранието на ООН која се одржа во неделата од 17-24 септември беше искористена како поле за вкрстување и ширење на информациите и деизнформациите за неколку светски теми од кои најмногу за војната во Украина. Притоа, според она што беше пренесувано во медиумите на македонски јазик „шампион“ во дезинформациски наративи се покажа шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Лавров, кој за првпат се појави во Обединетите нации по руската инвазија, во говорот пред Советот за безбедност, каде што се одржуваше седница за Украина изрече серија руски дезинформациски наративи, при што за немањето мир ја обвини Украина, која ги запрела преговорите, Западот, посебно САД кои го снабдуваат Киев со оружје, како и за политика на непочитување на правото за самоопредулување на регионите што се под руска контрола, бидејќи таа поддршка продолжиле засилено да ја даваат после референдумите за независност и припојување кон Русија во септември минатата година. Мал број медиуми на македонски јазик детално ги пренесоа поентите на Лавров, а тука го пренесуваме текстот на Рацин.мк
Инаку, Лавров има ист став како Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш дека глобалната закана од геополитички поделби и нарушена регионална и глобална безбедност растат, со тоа што Гутереш јасно дефинира дека овие процеси се случуваат по руската инвазија во Украина. Ставовите на Гутереш ги објавија дел од медиумите на македонски јазик.
За другите детали од руско-украинскиот дуел во ООН, кој почна со говорот на првата дама на Украина Олена Зеленска за грабнатите украински деца, за барањето на Володимир Зеленски да им се одземе правото на вето на Русија, за дуелот помеѓу рускиот амбасадор во ООН и албанскиот премиер, Еди Рама кој претседаваше со седницата и му даде повторно збор на Зеленски – може да се прочита на линкот на агрегираните вести тука.
Украина одбива преговори, војната ќе се реши на бојно поле
Сергеј Лавров на крајот од неговото присуство во ООН уште еднаш ја повтори уште појасно руската дезинформациска мантра дека Западот во Украина војува со Русија, јавија медиумите на македонски јазик на 24.09.2023 година.
Тоа што тие, де факто, се борат против нас користејќи ги Украинците, мислам дека сите овде што се заинтересирани за ситуацијата во Украина многу добро знаат дека Американците, Британците и другите се борат пред сè за да обезбедат повеќе и повеќе оружје, изјави шефот на руската дипломатија.
Тој рече и дека украинскиот мировен план од 10 точки е нереален и тоа го знаат на Запад и дека токму поради тоа доколку Киев и неговите западни сојузници го задржат истиот став „конфликтот ќе се реши на бојното поле“.
Говорејќи на прес-конференција по завршувањето на сесијата на Генералното собрание на ООН, Лавров го повтори и рускиот дезинформациски наратив дека Западот е тој што го натерал Зеленски да ги прекине преговорите во 2022 година и дека токму затоа тие можат да разговараат за Украина, но без прекин на огнот:
Во март и април 2022 година имаше преговори, сè беше веќе парафирано. Но, два дена подоцна беше Буча, бидејќи, мислам, некој во Лондон или Вашингтон не сака оваа војна да заврши, рече првиот човек на руската дипломатија на прес-конференцијата по 78-та сесија на Генералното собрание на ОН.
Затоа сега, кога слушаме за преговори, претседател Путин го коментираше тоа, тој рече многу јасно: да, ние сме подготвени за преговори, но нема да разгледаме никакви предлози за прекин на огнот, бидејќи еднаш не излажавте, посочи Лавров.
Тој зборуваше и за тоа дека Русија го признава територијалниот интегритет и сувереноста на Украина, но само врз основа на Декларацијата за независност од 1991 година:
Една од главните точки за нас во Декларацијата за независност беше дека Украина ќе биде неврзана земја и нема да влегува во никакви воени сојузи. Во оваа смисла, под овие услови, ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина, рече Лавров.
Како тоа зборовите на Вучиќ „грмнале“ во ООН?
Уште еден говор во ООН значително го привлече вниманието на медиумите на македонски јазик, а тоа беше говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на 21.09.2023 г. ги обвини Западот и големите сили за дволичност и за газење на Повелбата на ООН во врска со Косово.
Претседателот на Србија, Вучиќ во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, ги обвини западните земји дека со признавањето на независноста на Косово „брутално ја погазиле“ Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244“, како и дека „ги негирале сите принципи што денеска ги бранат“.
Тој ги обвини и за двојни стандарди во меѓународната политика, истакнувајќи дека истите земји кои ја подржале сецесијата на Косово не признааваат одвојување на делови од Украина, наведувајќи, сепак, дека Србија принципиелно останува на политиката на подршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, без оглед што се традиоционални пријатели со Русија.
Некои од медиумите го оценија говорот на Вучиќ со епитети дека неговите зборови „грмнале“ во ООН. Збирно за известувањето на медиумите на македонски јазик може да се прочита на линкот тука.
Дел од македонските медиуми, четири дена подоцна, повикувајќи се на српскиот медиум Новости, јавија дека Сергеј Лавров наводно му рекол на Вучиќ по говорот, дека „Запад никогаш нема да му го прости тоа што го зборувал“.
Захарова: Варшава го турна Киев на дното
Полска, на големо изненадување на севкупната јавност на 20.09.2023 г. соопшти дека повеќе нема да ѝ испорачува оружје на Украина, потег кој беше оправдан од страна на официјална Варшава со тврдење дека се насочува кон јакнење и растење на сопствената армија, но кој доаѓа по директниот спор меѓу двете земји за забрана за увоз на украински земјоделски производи, претежно жито. Оваа вест беше широко пренесена на порталите на македонски јазик на 21.09.2023 г.
Од почетокот на војната, Варшава е еден од најголемите поддржувачи и добавувачи на оружје на Украина. Најавата за прекин на испораката на оружје дојде неколку часа откако Варшава му врачи протест на украинскиот амбасадор поради изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Обединетите нации во конфликтот околу извозот на жито, пишува Дојче Веле на македонски јазик.
Во меѓувреме, на поголема солидарност во спротивставувањето на Москва повика и полскиот претседател, Анджеј Дуда во говорот во ООН, споредувајќи ја Украина со давеник. На ова доби одговор од портапролката на руското МНР, Марија Захарова дека се согласува со него во целост, но и да се присети кој помигнал Украина да се доведе во таква состојба.
Никогаш не сум се согласувал со Дуда колку по оваа изјава. Сè е само така. Недостасува мал, но многу важен детал. Официјална Варшава помогна да се „турне Киев на дното“, бидејќи редовно учествуваше во промената на режимот во таа земја – напиша Захарова на нејзиниот канал Телеграм, пренесуваат медиуми на макеоднски јазик.
Нацист во канадскиот парламент, повод за нова закана од Русија
Канада на 24 и 25 септември се извинуваше за грешката во парламентот, кога за време на посетата на Володимир Зеленски таму беше присутен и му се аплаудираше како на канадски и украински херој 98 годишен Јарослав Хунка, кој во Втората светска војна се борел на страна на нацистите во дивизија собрана од доброволци. Спикерот на Долниот дом, Ентони Рота (подоцна поднесе и оставка), се извини и на канадските граѓани и на Евреите во светот, како и на целата јавност за тоа што направил грешка и го поканил Хунка да биде присутен во салата за време на обраќањето на Зеленски и на канадскиот премиер Џастин Трудо.
Но, признавањето на грешката и извинувањето не беше доволно за Русија, која го искористи овој настан за нови закани и нови дезинформациски наративи, овојпат упатени преку портапролката на МНР, Марија Захарова:
Оддавањето почит на нацистите во канадскиот парламент е фарса која ќе заврши со трагедија од светски размери. Целиот западен свет сега извикува нацистички пароли и велича „херои“ кои биле соработници на нацистите, истакнува Захарова и додава дека тоа ќе има трагичен крај од светски размери. Западот си поигра со Зеленски, нагласува таа…(Вестите и реакциите за овој настан може да се прочитаат тука).
Ден подоцна откако оставка поднесе и претседателот на долниот дом на канадскиот парламент Захарова оцени дека:
Спикерот Ентони Рота послужил како жртвено јагне поднесувајќи оставка за да се заштитат канадскиот премиер Џастин Трудо и неговите соработници, но и дека иста ваква неславна иднина ги чека и оние низ светот кои ги поддржуваат Галиција, нацистичките поворки со факели, бандеровците и останатото нацистичко ѓубре
Лондон и Вашингтон го ракетирале Севастопол!?
Нова конфронтација на Москва со Западот се бележи на 27 септември. Марија Захарова ги обвини Лондон и Вашингтон дека издале наредба до Украина за нападот од пред некој ден, со кој беше уништено седиштето на руската црноморска флота во Севастопол.
Севастопол на 22 септември повторно беше нападнат и нема ни најмал сомнеж дека нападот бил однапред планиран со користење западни разузнавачки средства, сателитска опрема на НАТО, извидувачки авиони и извршен на иницијатива и во блиска соработка со американски и британски разузнавачки служби, кажала таа на брифингот за новинарите. Повеќе може да се прочита тука.
Два руски „фејка“ што им се протнаа на македонските медиуми
Во текот на септември може да се забележи и пенетрација на руски „фејк“ вести, а кои им се протнаа на медиумите на македонски јазик, пред сè затоа што немаше проверка на веста, како што налага професионалното новинарство.
Првиот случај е драстичен – станува збор за лажна вест дека Зеленски бил дочекан во Њујорк пред да има говор во ООН со дигитален билборд на кој пишувало Слава на урината, наместо Слава на Украина (види тука).
Вториот случај е кога дел од медиумите пренесоа вест на руските медиуми Спутник и РИА Новости без да ја проверат или барем да објават демант следниот ден – дека руска извидничка единици во Украина уништила тенк од германаско производство Леопард со германски тенковски екипаж. Вистиномер ги рецензираше овие случаи кои се проширија и на Фејсбук сметките на медиумите (види тука ), како и многу други дезинформациски наративи и странски влијанија во медиумскиот простор и на социјалните мрежи, што може да се чита во рубриката Проверка на факти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар