Нема портал за даночни и царински пресуди

Пребарувањето без очекуваниот резултат.

 

 

  • ПРОЕКТ: ПОРТАЛ-ПРЕСУДИ ЗА ДАНОЧНИ И ЗА ЦАРИНСКИ СПОРОВИ

Со проектот се предвидува креирање на портал за преглед на конечни и правосилни судски одлуки донесени од Управниот суд кои се однесуваат на предмети од даночната и од царинската област. Прегледот на пресудите има цел да овозможи следење и согледување на постапувањето и примената во практика на прописите од даночната и од царинската област, сортирани за видот на данокот и прекршокот (од страна на даночните обврзници и првостепените органи). На овој начин индиректно ќе се добиваат сознанија за определени прашања со кои се соочуваат засегнатите субјекти во даночната и во царинската постапка, сортирани за видот на данокот и прекршокот, кои понатаму би се искористиле за креирање соодветни нормативни решенија. (Рок: 2015 година)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма „Проверено“ со која настапи на последните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ на 21. страница вети дека до 2015 година, односно до нејзиниот крај, ќе биде создаден портал за прегледување на конечни и правосилни судски одлуки донесени од Управниот суд кои се однесуваат на предмети од даночната и од царинската област.

Пребарувањето по интернет, на веб-сајтовите на Вишиот управен суд, на Управен суд, на Министерството за правда, како и на порталот „Услуги“ во делот „Деловни субјекти“, не донесе резултати, односно не пронајдовме посебен портал за пресуди од даночната и царинската област. Со оглед дека рокот е истечен, ова ветување е неисполнето.

Истоветно ветување е дадено и од Владата на Република Македонија, а е поставено на нејзиниот веб-сајт, во делот „Економија со висок и одржлив економски развој“:

Создавање  на  портал-пресуди  за  даночни  и  царински  спорови  во  насока  на креирање на соодветни нормативни решенија (2015).

И тука како рок е наведена 2015 година.

Портал за даночни и царински пресуди се споменува и на 12-тата страница од „Стратешки план 2015-2017“ на Управата за јавни приходи (УЈП).

На посебен портал ќе се објавуваат судските пресуди за даночни и царински спорови со што ќе зајакне транспарентноста на работењето и ќе се создава “судска пракса“ која ќе ги упатува даночните обврзници на правила за законско постапување.

Ветувањето за портал за даночни и царински пресуди не е споменато како исполнето во отчетот на ВМРО-ДПМНЕ „Отчетно – Проекти, мерки и дела за граѓаните и државата“, презентиран на 20 март годинава.

Пребарувањето преку Гугл со една, а потоа и со друга формулација не нѐ доведе до ваков портал.

Пребарувањето на веб-сајтовите на Виш управен суд, на Управен суд, на Министерство за правда и дури и на сајтот на УЈП, исто така не нѐ доведе до линк од портал за царински и даночни пресуди. На веб-сајтот на Управен суд и на Виш управен суд се објавуваат сите пресуди, но нема специјализиран дел за даночни и царински постапки.

Со оглед на утврденото, како и на тоа дека при пребарувањето, исто така, не најдовме докази дека во моментов се работи на создавање ваков портал, ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за портал за преглед на конечни и правосилни судски одлуки донесени од Управниот суд кои се однесуваат на предмети од даночната и од царинската област е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.