Здравствените книшки сè уште се потребни за дел од осигурениците

 

Во Програмта на владејачката ВМРО ДПМНЕ за периодот 2014-2018 година во делот „Здравје за секој дом, здравје за секој граѓанин“,  стр.307, која е во најголем дел преточена во програмите на Владата и на министерствата, се наведува, за проектот „Укинување на здравствените книшки“, е наведено :

Во моментов осигурениците ги носат со себе здравствените книшки при секој преглед во здравствена установа, набавка на лек во аптека итн., односно при користење на здравствените услуги. Со целосното имплементирање на информатичките системи во здравството ќе се исфрлат од употреба здравствените книшки. По примерот на земјите во ЕУ, единствено што ќе треба секој осигуреник да носи со себе при секоја посета на здравствена установа и/или аптека е електронската здравствена картичка, со што ќе се олесни начинот на користење на здравствените услуги, подобра размена на податоци, итн. Носител: ФЗОМ. Рок: 2015 година.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Дел од осигурениците во здравството во Македонија кое е во континуирани реформи, но интензивни најмалку седум – осум години, сè уште се соочуваат со потребата од користење на здравствените книшки, иако проектот за користење електронска здравстена картичка(ЕКЗ) трае со години и требаше да биде завршен до 2015 година. Па оттука, ова ветување може да смета како делумно исполнето.

Здравствениот систем во Македонија, во кој се опфатени и приватното и јавното здравство, е сектор кој е често во устите на политичарите како нешто каде постојано се ветува, се вложува, се реформира… И тука нема разлика меѓу полиитчките елити. Оваа што е на власт во моментов, ВМРО ДПМНЕ, посебно ги истакнува реформите во здравството и нејзините придобивки, од кои една е целосната употреба на електронската здравствена картичка заклучно со 2015 година.

Проверивме дали годинава (2016), е потребно да имате со себе и здравствена книшка, доколку имате електронска здравствена картичка. Со класична телефонска проверка во една ординација во Скопје каде функционираат матични лекари, дојдовме до сознание дека веќе нема потреба од здравствена книшка доколку имате картичка.

Но, факт е, дека процесот на издавање на здравствените картички се оддолжи и според медиусмките информации, повеќе од сто илјади осигуреници се уште немаат добиено електронска картичка, иако десетици илјади од нив имаат уплатено за нејзе.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефановски , непосредно пред новогодишните празници, во декември 2015 година, ги потврди овие информации:

Договорот кој Министерството за здравство го има склучено со хрватската фирма АКД, истечен е одамна, но по направените анализи, утврдивме дека количината на електронски картички која била договорена, не била испорачана. Станува збор за 150.000 картички кои, ниту по вина на хрватската фирма ниту по вина на Министерството за здравство, останале неиспечатени, туку поради самата динамика на печатење и поради технички проблеми. Сега хрватската фирма ќе ги печати оние над 100.000 картички што не се отпечатени, како и оние на кои важноста им истекува следната година, во рамки на претходниот договор, вели Стефановски.

Покрај тоа, според најавите од Фондот, се предивидува измена на правилникот за користење на ЕЗК, со која таа не би важела за деца до 3 години, туку тие ќе можат да користат обична или досегашна здравствена книшка. Освен тоа, постои тригодишен преоден рок во кој матичните лекари ќе мора да ги чуваат и здравствените картони на пациентите, кои пак се означени со бројче во здравствената книшка.

Според тоа, здравстената книшка е сè уште потребна, барем за овие групи пациенти кои ги наведовме,  така што, ветувањето „Укинување на здравствените книшки“, може да се смета делумно исполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција