Манипулација: Четири видеа погрешно интерпретирани дека прикажуваат последици од ковид вакцина

Фото: Принтскрин видео

Овој пост намерно погрешно се контекстуелизира при што се споделува видеоматеријал, на којшто се прикажани четири различни настани на кои личности се онесвестуваат. Ниту еден од овие настани не е поврзан со вакцината против ковид-19, како што се манипулира во постот

Овој пост намерно погрешно се контекстуелизира при што се споделува видеоматеријал на којшто се прикажани четири различни настани на кои личности се онесвестуваат. Ниту еден од овие настани не е поврзан со вакцината против ковид-19, како што се манипулира во постот

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Ова станува пелцдемија?!? 
СЗО, Филипче, Караџовски, Петличковски, новинари, медиуми, јавни личности… СИТЕ ВИЕ КОИ ГИ ТЕРАВТЕ ЛУЃЕТО ДА СЕ БОДАТ, не ви е бе, барем малку сТрам?
За погрешно да се контекстуелизира овој пост, се споделува видеоматеријал, на којшто се прикажани четири различни настани на кои личности се онесвестуваат. Ниту еден од нив не е поврзан со вакцината против ковид-19, меѓутоа кога видеото се гледа презентирано со опис на постот – „пелцдемија“, се добива сосема погрешен впечаток.
Во горниот лев агол е прикажано видео на кое се онесвестува комичарката Хедер Мекдоналд. Како што веќе пишувавме, после овој настан таа се здобила со скршеници на черепот, но навремено добила лекарска помош и сè добро се завршило. Неколку минути пред инцидентот таа се шегуваше за вакцинирањето и коронавирусот, фалејќи се дека била вакцинирана и дека никогаш не се заразила. Точно е дека Мекдоналд била целосно вакцинирана против ковид-19 и имала примено и бустер доза, еден месец пред онесвестувањето во Аризона. Но, не постои доказ за поврзаност меѓу вакцината и онесвестувањето. Лекарите кои ја процениле нејзината медицинска состојба не констатирале здравствени проблеми освен фрактура на черепот која настанала поради ударот.
Во долниот лев агол, пак, се споделува видеоматеријал од сегмент каде што се онесвестува друга новинарка, за која проверувачите на факти Лид Сторис потенцираат дека е поради тоа што не појадувала, а не поради вакцината. Станува збор за новинарката Клара Фефер, која се онесвести на германскиот канал РТЛ во февруари годинава. Оваа снимка стана вирална на социјалните мрежи, а антивакциналните кругови ја злоупотребија ситуацијата, затоа што во моментот кога се онесвести, новинарката поставуваше прашање за задолжителната вакцинација против ковид-19. Од РТЛ за проверувачите на факти на Лид Сторис велат дека краткорочното здравствено нарушување на Фефер не е поврзано со ефектите на вакцината. Самата Фефер по настанот сподели порака на Твитер уверувајќи ја публиката дека се чувствува добро и дека дефинитивно ќе појадува следниот ден пред шоуто.
Во долниот десен агол е видео на кое се онесвестува медицинско лице. Видеото од друг агол може да го погледнете овде. 
Станува збор за прес-конференција во април, а жената што се онесвести е Тања Ерихсен, одговорно лице за фармаковигиланца во Агенцијата за лекови на Данска. Таа беше дел од пресот на 14 април во  на којшто се извести за прекинувањето на вакцинацијата со АстраЗенека. Како што Вистиномер веќе пишуваше, според  данската агенција за лекови инцидентот не е поврзан со вакцината, а Ерихсен во моментот кога се онесвестила  сè уште не била вакцинирана.
Во горниот десен агол, пак, е претставено онесветувањето на пратеничката во австрискиот парламент Ева Марија Холцлејтнер, од 2021 година. Франс Прес веќе објави дека причината за онесвестувањето не е поврзана со вакцината туку со дехидрација односно недостиг на течности во организмот.
Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот. Нема докази дека постои поврзаност меѓу онесвестувањата на видеата и вакцината против ковид-19.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција