Мета факт: Нема градска лабораторија за контрола на загадувањето во Скопје, едно од предизборните ветувања на Арсовска

На половина од мандатот на Арсовска, лабораторијата сè уште не е отворена, ниту пак има најави за отпочнување на реализација на овој проект

Едно од ветувањата во изборната програма на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, беше отворање на лабораторија која ќе го следи загадувањето во главниот град и заедно со градскиот Инспекторат за животна средина ќе се бори против загадувачите.

Скопје е еден од најзагадените градови во земјава, а многу често се наоѓа и на светските листи на градови со најлош квалитет на воздухот. Предизвик за градот не се само ПМ 10 и 2,5 честичките, туку и многу други загадувачи, за кои имаме многу малку информации. Скопје со децении наназад се соочува и со загадување на почвата и водите, особено во историските жаришта како депониите со линдан на ОХИС.

Ветувањето на градоначалничката Арсовска дека загадувањето ќе се следи во опремена и акредитирана градска лабораторија, е вклучено во нејзината изборна програма „Програма за модерно Скопје“, со која настапи на локалните избори во 2021 година. Во делот за животна средина, наречен „Нов зелен план“, Арсовска, Лабораторијата за контрола на животната средина ја ветува како еден од зелените градски објекти. На страница 47 од програмата стои:

Со овој проект се има за цел да се набави опрема, да се акредитира лабораторијата и да се добијат сертификати кои ќе имаат улога да ги мерат сите оние кои ја загадуваат животната средина. На тој начин ќе се врши контрола на загадувачите на целата територија на град Скопје и заедно со Инспекторатот за животна средина ќе бидат 24 часа мобилни со цел доследна примена на прописите од областа на заштита на животната средина.

Сепак, на половина од мандатот на Арсовска, лабораторијата сè уште не е отворена, ниту пак има најави за отпочнување на реализација на овој проект.

Од граѓанската организација „Гоу Грин“ велат дека воопшто не слушнале за ваков проект, ниту пак забележале таков вид на инвестиција предвидена во Програмата за животна средина или пак во Буџетите за минатата и оваа година.

„Мора да се дефинира каков вид на лабораторија му треба на Градот и како тоа ќе се имплицира на Буџетот бидејќи знаеме дека за многу ставки недостасуваат финасиски средства. Или пак можеби ќе се финансира од меѓународен донатор, како што е случајот со градската лабораторија за био отпад“, велат од „Гоу Грин“.

Од Центарот за климатски промени исто така не се запознаени со идејата да се отвори градска лабораторија во која ќе се мерат загадувања.

„Има многу прашања кои се отвораат, на пример какво загадување ќе мери лабораторијата, дали ќе биде акредитирана само за воздух или и за вода, отпадна вода, почва, бучава…. Исто така, отворено е прашањето дали ќе биде во служба само на градските институции или пак ќе можат и граѓани или организации да ја користат ако сакаат да пријават или да докажат загадување“, велат од ЦКП.

Од Градот Скопје не одговорија на прашањата на Мета.мк дали започнале или не со оформување на Лабораторијата. Нема информација ниту дали е набавена или е во тек набавка на опрема, ниту пак, дали е започната постапка за акредитација на методи и кои. Градските власти не кажуваат ниту дали Лабораторијата е ставена во буџетот за оваа година и дали воопшто за овој проект се одвоени финансиски средства, ниту пак дали е во план за идната година. Според ова може да заклучиме дека ова ветување досега не е исполнето.

 

Извори:

Програма за Модерно Скопје, проверено на 22.05.2023 г.

Град Скопје, проверено на 22.05.2023 г.

Изјава од „Гоу Грин“ од 29.05.2023 г.

Изјава од Центар за климатски промени од 29.05.2023 г.

Доставени прашања до Град Скопје на кој нема одговор, 30.05.2023 г.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција