Среќна нова 1994

1994 - тогаш барем „Пред дождот“ освои Златен лав на фестивалот во Венеција. Фото: Википедија
1994 – тогаш барем „Пред дождот“ освои Златен лав на фестивалот во Венеција. Фото: Википедија

Во политиката состојбите, на еден или друг начин, се повторуваат. Една од главните грижи на новинарот е тие сличности да ги забележи. Не само како куриозитет, туку и како поука за новите генерации, но и за улогата на медиумите во тие процеси

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Не гледам нешто дека нашите медиуми успеаја да направат паралела со не толку далечната домашна политичка историја. Ако се споредат допирните точки ќе се види дека во моментов се случува практично истото она што се случи после изборите во 1994 година. Тогаш кога ВМРО-ДПМНЕ и ДП на Петар Гошев го избојкотираа вториот круг на вторите парлaмeнтaрни избори и не влегоа во парламентот. СДСМ тогаш освои 62 пратеници и… ги направи сите глупости за на крајот да ја изгуби власта.

Доколку се направи споредба со пишувањето на медиумите од тоа време и со денешнава ситуација, кога ВМРО-ДПМНЕ има 62 пратеници, можеби ќе се види и генезата на урнисувањето на власта на една политичка гарнитура.

 

Проклетството наречено „62 пратеници“

Тогаш во 1994 година, после 2 години коалициско владеење, Владата на Бранко Црвенковски беше прилично популарна. Сè уште ретките медиуми беа во нивни раце, опозицијата сè уште недоветна и рудиментарно националистичка, кавгаџиска… Со еден збор, опозицијата не влеваше некоја доверба, како впрочем и сегашната опозиција. Тогаш медиумите, на почетокот прилично демократски настроени, дојдоа под засилено влијание на власта. И државните медиуми и новопојавените приватни, навиваа за власта (впрочем, исто како и сега) и одиграа негативна улога. Карактеристично е дека тогаш медиуми блиски до власта не многу нападно ги истакнуваа заслугите и успесите на власта. Не ги фалеа ни претерано, каков што е случајот сега. Беа, би се рекло -„конструктивно критички“. Дури и некои министри не беа поштедени од медиумските издржани критики за своето работење, а и врвот беше критикуван за некои потези. Но, затоа опозицијата немаше дерман од медиумите. Секоја недоветна изјава на Љубчо Георгиевски беше развлекувана низ сите медиуми. Како и денес.

Единствено Киро Глигоров беше над сите. Беше нарекуван „татко на нацијата“ и неговите изјави и настапи, појавувања, беа со внимание пренесувани, позитивно коментирани и земани како водечки и насочувачки за општата политика. Исто како и сегашните на Груевски. На сите новинари им беше јасно дека без Глигоров Владата не смееше да направи ништо значајно. Во негови раце беше и надворешната политика и меѓунационалните односи и политичката коегзистенција и соодносот во Собранието и меѓупартиските релации. Скоро да нема разлика од денешните состојби. Кога требаше некоја одлука да се реализира, Глигоров тоа успеваше да го протурка. Ако не успееше, за тоа веќе не се расправаше . Тоа беше јасно и во редакциите постоеше консензус околу тоа. Политичкото расположение главно се мереше според Глигоров. (Сега со некој друг.)

После изборите во 1994 година работите малку се сменија, иако Глигоров уште беше главен. Младите сили се осилија, немаа опозиција, а имаа апсолутно мнозинство во Собранието, сѐ беше нивно. (Како ВМРО во моментов.) Делеа приватизации, ја фрлија јадицата за евроинтеграциите, веќе бевме примени во ООН.

Всушност, надолницата почна да се создава неколку дена по изборите. Во диско клубот „Хард рок“ упадна банда силеџии и го демолираат клубот. Јавноста за ова дозна доста дозирано, а никогаш не ги дозна вистинските извршители и стварните причини за овој настан. Во средствата за информирање се зборуваше за „нерасчистени сметки на криминални банди“. Но, тие банди беа поврзани со силите за обезбедување на СДСМ. Се појавија медиумски шпекулации, доста дискретни, дека тоа е, всушност, ехо на разврската во самата коалиција, помеѓу Андов и Црвенковски кои не многу се поднесуваа, особено откако Бранко освои 62 мандата на половичните избори и веќе не му требаше партнер во власта. Инцидентот се заташка, имаше и некое судење, но јавноста не обрна премногу внимание на овој настан, иако тој може да се земе како почетокот на падот на СДСМ. Денес вакви работи се случуваат на друг начин, но ретко се доведуваат во корелација со власта.

Неполна година подоцна се случи атентатот на Глигоров и колата тргна низ брдо. Црвенковски едвај чекаше да ја раскине коалицијата со Андов, кој беше пречка во неговите амбиции да владее. Почна пресметка со новинари кои не беа по волја, а се ставаше и рака врз медиумите. Со специјални сили се задушуваше универзитетот во Мала Речица, се апсеше Руфи Османи. Се ставаше рака врз здравството, образованието… Кој ли да ги наброи сите глупости, ги имаше премногу. Но, досетливиот новинар, ако сака или ако може, ќе најде многу сличности со денешната состојба.

Конечно, се чини, аферата ТАТ ја запечати судбината на СДСМ. Во меѓувреме опозицијата се консолидира и за кратко време собра 170.000 потписи за предвремени избори, но Уставниот суд ја отфрли иницијативата, прогласувајќи се за ненадлежен по таа неа. (Зошто тоа потсетува на некои денешни ситуации, кои „плачат“ да бидат анализирани и споредени?)

 

Диктатура на малцинството

Груевски на сите повторени избори се фиксираше на идејата за апсолутно мнозинство, за да не зависи од коалициониот партнер ДУИ. Полека стави рака на сè, ја исчисти сферата на информирање од независните медиуми, ја затвори и телевизијата А1 (заедно со газдата) единствениот релевантен опзициски медиум, од Советот за радиодифузија направи партиски цензор, од партиската служба за информации направи класичен агитпроп како во времето на сталинизмот. Купи или заплаши сѐ што можеше, ја натера опозицијата во дефанзива… и се случи што се случи – се вративме во минатото, не во деведесеттите туку уште подалеку, како во времето на диктатурата на пролетеријатот како идеолошка подлога. Зашто, впрочем, сега ВМРО владее во името и со поддршка на гласовите на околу четвртина од гласачкото тело. Со по неколку стотини гласови добиваат три пратеника со гласање во дијаспората.

Сега, наместо на пролетаријатот, имаме диктатура на малцинството врз мнозинството! Своите цели партијата на власт ги прогласува како општо прифатени и поволни за сите.

Тоа се прави со замолчување и минимизирање на критичка јавност, особено медиумската, сега и со непостоење на вистинска опозиција, прво натепана во парламентот, а потоа и ослабена и понижена остана со единственото оружје – бојкотот. Јавните дебати за законски и други државни проекти ги прогласија за остатоци од едноумието. На телевизиските јавни соочувања се повикуваат едномисленици, а нивните (скоро сите) медиуми по правило ги сатанизираат идеите кои доаѓаат од опозицијата. Ниедна иницијатива, предлог или решение, дури и на локално ниво, власта не прифаќа доколку доаѓа од опозицијата или од оние кои не се согласуваат со нив. Невладините организации, кои не се под нивна контрола, третирани се како шпионски гнезда.

И уште една паралела! Ако се сеќавате, на крајот на својот мандат Георгиевски, откако престана да биде во милоста на странскиот фактор (читај, на Американците), заради сите глупости што ги направи, се сврти против нив. Сега Груевски, уште недојден, го нападна американскиот амбасадор. Дали треба да се повторува дека сличностите се фрапантни.

Пораката од овој текст е дека „власта расипува, а апсолутната расипува апсолутно“. За аналитичните и објективни медиуми (ако воопшто останаа такви) тоа значи дека дури и во најбезначајните збиднувања можат да откријат и можен развој на ситуацијата и да антиципираат некои наредни случувања.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција