Доцни новиот Моде-С секундарен набљудувачки радар
а) Набавка, инсталација и пуштање во работа на нов Моде-С секундарен набљудувачки радар (Mode-S Enhanced Surveillance Ground Station Implementation) со кој ќе се замени постојниот радарски систем Томсон, а наедно значително ќе се зголеми доверливоста на радарските податоци која директно би влијаела на капацитетот и безбедноста на воздушниот сообраќај кој се одвива на небото на Република Македонија.
б) Надградба на постојниот (MSSR) МССР радар инсталиран во Охрид во „ENHANCED MODE-S“ радар.
Модернизацијата и инсталирањето на „ENHANCED Mode-S“ радар ќе придонесе М-НАВ да се здобие со нов т.е. надграден радарски систем во кој е применета најновата радарска технологија, со што ќе се зголеми доверливоста на системите и директно ќе влијае на капацитетот и безбедноста на воздушниот сообраќај кој се одвива на небото на Република Македонија. (Буџет: проценета вредност 3,76 милиони евра, рок: 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во „Проверено“, програмата со којашто ја побара довербата на граѓаните на парламентарните избори во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ вети инвестиции за подобрување на воздухопловната безбедност, од кои дел беше и инсталирањето нов Моде-С секундарен набљудувачки радар, нешто што, според ветувањето, требаше да стане реалност до крајот на 2015 година. Но, тоа досега (17.03.2016) не се случи.
Истиот проект, инаку, е наведен и во Програмата за работа на Владата, во одделот Инфраструктура, во точката Авиосообраќај.
Набавка, инсталирање и тестирање на опрема за комуникација и радарско набљудување (2015)
Овој проект, според најавите, ќе се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој.
Сепак, ваква инвестиција за подобрување на безбедноста во воздушниот сообраќај, според опсежното пребарување на интернет и на веб-сајтот на Македонска навигација, досега (17.03.2016) нема.
Единствената информација што ја најдовме за овој проект е дека на 9 март годинава (2016) е објавен тендер за ваков радар. Со оглед на тоа што проектираниот рок за реализација на проектот е пробиен (2015), ова изборно ветување е неисполнето, но бидејќи е објавен тендер, тоа ја добива оценката „во тек“.
ИЗВОРИ:
- „Проверено“ – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (стр. 88) [Пристапено на: 17.03.2016]
- Програма за работа на Владата на РМ за 2014-2018 година [Пристапено на: 17.03.2016]
- Македонска навигација: http://www.mnavigation.mk/ [Пристапено на: 17.03.2016]
- Тендерот објавен на ТЕД [Пристапено на: 17.03.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар