Она што и на мало дете му е јасно, на професорката Додовска не ѝ е јасно

Проблемот со оваа изјава на Иванка Додовска во суштина е во тоа што таа е најавена во емисијата како универзитетски професор, а изјавата, де факто, многу повеќе е политички став. Бидејќи, како поинаку да се протолкува, кога професор по правни науки ќе каже дека СЈО е пара-институција, и ќе употреби зборови „вештачка криза“, „чадор“, „ментори“…?

 

Проф. д-р Иванка Додовска во разговор за информативната програма на Телевизијата Нова, меѓу другото ја даде следната изјава што ја оценивме како невистина:

Секако и многупати досега сум потенцирала, откако почна целата оваа офанзива на рушење на правниот поредок на РМ, поттикната од вештачки создадената политичка криза пред речиси две години, дека ќе се користат сите можни аргументи кои што ќе бидат на располагање со цел да се направи што поголема штета на владејачката ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот коалиционен партнер од албанскиот блок ДУИ. Мислам дека во оваа состојба и во оваа фаза, пред завршен чин практично – имаме речиси уште месец и нешто до оддржувањето на предвремените парламентарни изборите во нашата држава – опозицијата нема друг адут, а и нејзините поддржувачи или нејзините ментори или чадорот, како сакате, немаат друг адут освен оној што е најсилен, што доаѓа од внатрешните сили, а тоа е СЈО. Токму тоа е и намената на оваа пара-институција…Од селективноста и од начинот на кој што се однесуваат, заклучно и ова што го видовме во последните седум – осум дена, мислам дека и на мало дете во градинка му е јасно која е улогата на госпоѓата Јанева и на нејзиниот тим…

[Извор: ТВ Нова, 27.10.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Професорката на Правниот факултет во Скопје при УКИМ, д-р Иванка Додовска,  за само една минута искажа серија елементарни невистини уште во воведниот дел од освоето излагање во разговорот.

Изјавата во целина се однесува на прашањето на новинарот како ќе ги коментира настаните со последниот упад на СЈО во УБК, а во контекст на претстојните избори, додека на екранот пак, оди наслов „Здружението на Јавни обвинители застана зад писмото на ОЈО“.

Професорката Додовска, со оглед на нејзината биографија, образование и професионален ангажман, би требало да знае, дека терминот „вештачки создадена криза“ е став кој не одговара на фактите. Кризата започна, според дузина експерти, но и според извештаите на ЕУ и на други релевантни меѓународни организации, како што се Европскиот парламент или Советот на Европа, на пример, со „Црниот понеделник“ и со исфрлањето на пратениците од Собранието во 2012 година, а кулминацијата се случи со прес конференцијата на Никола Груевски на 31.01.2015 година, кога изнесе обвинувања за лидерот на опозицијата Зоран Заев за уцена и насилство, како и со подоцнежниот одговор од Заев, преку презентација на дел од незаконски прислушкуваните телефонски разговори.

Професорката Додовска, исто така, би требало да знае дека „офанзивата за рушење на правниот поредок“ не започна пред две години, туку од пред две години само се екстраполирани сите аномалии на невладеење на правото во сите сфери во јавниот живот, кои инаку траат со децении. Впрочем, најдобар и најголем доказ за ова се причините за формирањето на самото СЈО, или пак,  законски проблематичното носење одлука за аболиција од страна на Претседалот Ѓорѓи Иванов за 56 лица, од кои поголем дел беа лица носители на државни функции или избрани и именувани функционери – осомничени дури и од страна на редовното обвинителство, а не само од Специјалното, бидејќи и ОЈО водеше истраги за дел од овие лица. Има ли поголема офанзива врз правниот поредок од оваа?

Конечно, д-р Додовска, како професорка по правни науки, треба да знае дека изјавата „пара-институција“ за СЈО, е целосно неточен факт и оценка. Специјалното јавно обвинителство всушност е институција која се вика „Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Оваа институција, врз база на политички договор е создадена со закон, изгласан од 111 пратеници на Собраниетоо на Република Македонија на 15-ти септември 2015 година, има мандат од 5 години и можност од продлжување на мандатот. Оттука, да се нарече СЈО пара-институција е апсурдно, особено кога тоа го кажува универзитетска професорка по правни науки.

Збровите во изјавата како што се „ментори“, „чадор“, „единствен аргумент“и слично, се политички ставови и тие не влегуваат во вкупната анализа на овој дел од изјавата на професорката Додовска кој што е предмет на нашата проверка и која ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција