Антиваксерска објава дезинформира дека „бескрајна е бројката на трајно оштетените деца“ од вакцините

Фото: Iris HamelmannPixabay

Против укинување на задолжителна вакцинација се произнесе и Уставниот суд кој во 2014 година расправаше по иницијатива во која се бараше укинување на задолжителната вакцинација. Судот оцени дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението, што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Исто така, тврдењето во објавата дека „многу деца се трајно оштетени или починале од вакцина“, е манипулативно. Не е даден никаков податок за тоа што значи „бескрајно многу деца“, ниту пак, е понуден каков било доказ дека оштетувањата на некое дете се директна последица на која било вакцина

Против укинување на задолжителна вакцинација се произнесе и Уставниот суд кој во 2014 година расправаше по иницијатива во која се бараше укинување на задолжителната вакцинација. Судот оцени дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението, што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Исто така, тврдењето во објавата дека „многу деца се трајно оштетени или починале од вакцина“, е манипулативно. Не е даден никаков податок за тоа што значи „бескрајно многу деца“, ниту пак, е понуден каков било доказ дека оштетувањата на некое дете се директна последица на која било вакцина

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека вакцинирањето не треба да биде задолжително за сите деца да бидат примени во градинка. Притоа се тврди дека вакцините се смртоносни и дека од нив има бескрајно трајно оштетени деца. Ова се неточни информации.

Како може да биде задолжително вакС инирањето (В*) за сите деца во Македонија за да бидат примени во градинка?

Дури и ако навистина намерата е да се спасат животи, докажан факт е дека за некои В-те се смртоносни! Многу деца се трајно оштетени или починале после В! Многу тинејџери починале после хпв В! Бескрајна е бројката на трајно оштетените деца! Тогаш, како може нешто такво да биде задолжително? Тоа е како да направиш јаткасти плодови задолжителни! Јаткастите се одлични за здравјето, но за луѓе кои се алергични се смртоносни! Како можеш да знаеш дали детето е алергично на јаткасти пред да му дадеш да ги јаде? Ризик е, нели? Но затоа постои изборот! Но, да нема избор?

Ќе молчиме ли и дозволиме некои деца да бидат колатерална штета за “доброто” (многу дискутабилно) на други? Чие/кое дете е поважно?? И плус, без никакво право на домашно школување, кое е прогласено за нелегално во фирмата наречена Северна Македонија! Како е ова фер? Некои родители се приморани да работат, други избираат да работат, без разлика. Навистина нема потреба да потпаѓате на ваква глупост, вбризгување на страна течност во крв на жив човек НЕ СМЕЕ НИКАКО да биде задолжително нешто! Токму тоа е нелегално!!! (барем во сите држави каде што владее правото, поминува само во окупирани држави, диктаторства)

Дали си спремен на граѓанска непослушност за да ги спасиш децата, или ни тие веќе не ни се свети?

Веднаш да биде поништено ова брутално правило!!!, пишува во објавата.

Фејсбук објава бара да се укине задолжителната вакцинација, бидејќи како што пишува, вакцините се опасни и смртоносни. Ова е манипулација првенствено затоа што вакцините се безбедни и спасуваат животи, но и затоа што, сепак постојат деца кои не смеат да ги примаат и се исклучени од задолжителната вакцинација. Токму поради нивна заштита мора да постои колективен имунитет.

Законот за заштита на населението од заразни болести предвидува задолжителна вакцинација за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

Но, одредени деца имаат состојби за кои се верува дека вакцинацијата ќе им биде контраиндикација, и тие не треба да се вакцинираат. Состојбите каде вакцината не се препорачува се уредени со Правилникот на Министерство за здравство. Контраиндикација за имунизација на поедини лица против заразни болести можат да бидат општи и посебни, а по траење – привремени или трајни. Овие контраиндикации се однесуваат на акутни заболувања, фебрилни состојби, анафилаксија на компоненти на вакцината, тешки поствакцинални компликации на претходната доза на вакцина, состојби на намалена отпорност (имунодефициентна состојба заради: примарни имнодефициентни состојби, малигни заболувања, терапија со антиметаболици, поголеми дози кортикостероиди, алкилирачки соединенија или со радијација и други утврдени состојби на имуносупресија). Посебните контраиндикации за активна имунизација се наведени за секоја имунизација посебно.

Привремена контраиндикација за имунизација против одредена заразна болест утврдува доктор на медицина кој ја спроведува имунизацијата, односно под чиј надзор таа се спроведува, со преглед на лицата кои се имунизираат и со увид во здравствената документација на тие лица. Постоење на привремена контраиндикација се впишува во здравствената документација (картонот за имунизација – личниот картон за извршена имунизација) и се одредува време и место за спроведување на одложената имунизација. Трајните контраиндикации за примена на одредена вакцина кај одредени лица ги одредува посебно тело – Стручен тим за утврдување на трајни контраиндикации и поствакцинални компликации, при ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје. Стручниот тим утврдува трајна контраиндикација за имунизација со одредена вакцина и за тоа издава потврда, пишува во Правилникот.

Проив укинување на задолжителна вакцинација се произнесе и Уставниот суд на С. Македонија, кој во 2014 година расправаше по иницијатива во која се бараше укинување на задолжителната вакцинација. Судот оцени дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението, што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице, со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

 

Вакцините се клучни за колективното здравје и имунитет

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.

Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Вакцините не се смртоносни, напротив тие го заштитуваат здравјето на децата. Сите вакцини од редовниот календар за имунизација се сигурни и проверени, произведени од врвни светски фармацевтски гиганти, кои вложуваат во развојот на вакцините, нивното испитување и квалитет. Дополнително, вакцините во земјава се регистрирани од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства врз основа на документи за безбедност од странство, а откако ќе бидат пуштени во промет во земјава, тие се следат преку одделот за фармаковигиланца во МАЛМЕД.

Тврдењето дека „многу деца се трајно оштетени или починале од вакцина“, исто така е манипулативно. Не е даден никаков податок за тоа што значи „бескрајно многу деца“, ниту пак, е понуден каков било доказ дека оштетувањата на некое дете се директна последица на која било вакцина. Бебињата добиваат најмногу вакцини на возраст од 2 до 4 месеци. Во овој опсег на возраст најчесто се случува синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS). Времето на примањето на вакцини и синдромот на ненадејна смрт кај бебиња доведе до тоа некои луѓе да се запрашаат дали тие можеби се поврзани. Сепак, опсежни студии покажаа дека вакцините не предизвикуваат и не се поврзани со овој синдром. Доказите акумулирани во текот на многу години не покажуваат никакви врски помеѓу имунизацијата во детството и СИДС.

Тврдењата дека има многу „оштетувања од вакцините“ многу често се поттикнати од манипулативните интерпретирање на бројките кои што ги дава системот за пријавување на несакани ефекти во САД, ВАЕРС, за да се прикаже дека вакцините предизвикуваат значајни штети и потоа тие се користат за ширење антиваксерска пропаганда на социјалните мрежи. Секоја пријава на ВАЕРС може да биде доставена од кого било, дури и ако само се сомнева дека несаканиот ефект е предизвикан од вакцината. Самата пријава не е доказ за причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и состојбата. Пријава до ВАЕРС може да достави и лекар и обичен граѓанин, дури и ако не е сигурен дека последицата настапила од вакцината.

Тврдењата се пресериозни за само да бидат нафрлани вака паушално во објава којашто е вирална и чија цел е само да се влее страв и да се убедат родителите да не ги вакцинираат своите деца, а со тоа и да им го заштитат здравјето. Родителите треба да ги вакцинираат децата за да го заштитат нивното индивидуално како и колективното здравје, а вакцините се проверени и безбедни.

Имајќи го сето ова превид оваа објава ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција