Антиваксерска објава шири дезинформации против ДиТеПер вакцината

Фото: Unsplash

Во објавата што ја рецензираме се изнесуваат невистини дека нивоата на алуминиум во ДиТеПер вакцините биле толку високи што предизвикувале низа болести, што не е вистина и може да се заклучи од тоа што алуминиумот е присутен како адјувант во вакцините со децении наназад, ама во прениски дози кои не предизвикуваат никакви болести. Во земјава со прогласувањето на епидемијата, градинките имаат право да не примаат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца, а докторите не даваат никакви изјави за несаканите ефекти кои се благи и минливи

Во објавата што ја рецензираме се изнесуваат невистини дека нивоата на алуминиум во ДиТеПер вакцините биле толку високи што предизвикувале низа болести, што не е вистина зашто алуминиумот е присутен како адјувант во вакцините со децении наназад во многу ниски дози кои не предизвикуваат никакви болести. Во земјава со прогласувањето на епидемијата, градинките имаат право да не примаат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца, а докторите не даваат никакви изјави за несаканите ефекти кои се благи и минливи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДЕЦАТА ИМ СЕ ГЛАВНА ЦЕЛ Колку подмолно и дрско, препорачува со порака, па препорака за забрана на прием на деца во градинка ако не се пелцани?!? ЗАПАМЕТЕТЕ! За родители и персоналот во градинките, не смеат да не примат здрави деца во градинка. Поука: Ќе си напишете изјава дека како родители одговорноста е ваша за здравјето на вашето дете. Од лекарите на пунктот за пелцање ќе барате гаранција за безбедност и дека ризикот од несакани последици ќе ги сноси лекарот, со потполна кривична одговорност со потпис и печат од установата. Борете се и не дозволувајте да ве измамат, ако се случи, одговорноста е ваша и маките и страдањата ќе бидат ваши и на вашето дете.

Вакцината ДиТеПер која се администрира во цела Европа, Америка, како и во Македонија, е безбедна и ефикасна вакцина која заштитува, меѓу другото, и против пертусис или магарешка кашлица, бактериска инфекција која што трае 100 дена, доведува до голема исцрпеност кај бебињата и неможност да земат воздух и е особено опасна болест за оние кои се на најмала возраст, бидејќи тие немаат развиен имунитет и не се на возраст кога може да се вакцинираат. Со вакцинален опфат од 95 проценти, се штитат оние коишто немаат можност да се вакцинираат поради возраста и затоа е важно тој опфат да се постигне за да болестите не добијат простор да напаѓаат во форма на епидемии. До моментот на пишувањето на оваа рецензија, во Македонија веќе има 22 случаи на магарешка кашлица кои се регистрирани, како и две деца хоспитализирани на Детската Клиника.

Во објавата што ја рецензираме се споделува линк кој води до антивакцинална група на Фејсбук, каде пак, е објавена фотографија според која „во вакцините има алуминиум кој во телото останува 50 години“. На фотографијата се додава дека „алуминиумот од вакцините предизвикува Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест и аутизам“ и дека „бебе до 18 месеци кое е целосно вакцинирано добива 4,925 mcg алуминиум во телото“.

Оваа дезинформација се користи за да се пропагира антивакцинален наратив и покрај тоа што вакцината е безбедна и ефикасна. Во земјава против ДиТеПер се администрира вакцината Хексаксим произведена од производителот „Санофи Пастер“, која што има одобрение од Европската агенција за лекови. Сите документи за нејзиното одобрение се овде.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме дека вакцините имале алуминиум во нив кој предизвикувал Алцхајмер, медицинските докази не го поддржуваат тоа. Како што пишуваат проверувачите на факти на Политифакт, медицинските докази не сугерираат дека има зголемено количество на алуминиум во мозокот кај пациентите со Алцхајмерова болест.

Дополнително, според организацијата за Алцхајмерова болест од Обединетото Кралство, доказите не говорат дека алуминиумот е со покачени нивоа во мозокот на пациентите со Алцхајмерова болест, или пак, дека алуминиумот претставува извор на болеста. Како што е наведено на веб-страницата на оваа британска организација, идејата дека Алцхајмеровата болест и алуминиумот може да бидат поврзани првпат е спомената во 1965 година, кога „истражувачите открија дека зајаците кои се инјектирани со екстремно високи дози на алуминиум, развиле токсични заплеткувања на невроните во нивниот мозок“. Овие токсични заплеткувања се акумулирани микроскопски мозочни протеински фрагменти кои ја забавуваат способноста на човекот да мисли и да памети.

Но, како што пишуваат проверувачите на факти на Политифакт, ваквите резултати се појавувале исклучиво кога зајаците биле изложени на екстремно високи дози на алуминиум, кои исклучително ги надминувааат нивоата коишто може да влезат во телото преку храната, или некои други извори, како на пример, садовите за готвење од алуминиум.

Оттогаш па наваму, и покрај темелни истражувања, нема цврсти докази дека алуминиумот е покачен во мозокот на пациентите кои страдаат од Алцхајмерова болест, велат од оваа британска организација за Алцхајмерова болест.

Исто така, организации во САД кои ја испитуваат болеста, како на пример, Асоцијацијата за Алцхајмер и Брајт Фокус фондацијата, велат дека „истражувањата не успеале да потврдат каква било врска која алуминиумот ја има со предизвикувањето на Алцхајмеровата болест“.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, вакцината против ДиТеПер содржи алуминиум. Но, Центарот за контрола и превенција на болести во САД пишува дека алуминиумот, природен метал исто така присутен во природата, безбедно се користи во вакцините со децении.

Алуминиумските соли се користат како адјуванти или состојки што помагаат да се стимулира посилен имун одговор на телото. Центарот за контрола и превенција на болести вели дека ваквите вакцини може да предизвикаат повеќе локални реакции како црвенило, оток и болка на местото на инјектирање и повеќе системски реакции како температура и болки во телото, отколку неадјувантните вакцини. Исто така, забележува дека вакцините коишто содржат адјуванти се тестираат за безбедност  и ефективност во клинички студии пред да се лиценцираат за употреба и се константно мониторирани.

Детската болница од Филаделфија забележува дека адјувантите дозволуваат помали количини од вакцината и помалку дози, преку стимулирање на имуниот одговор на телото. Додава дека количеството на алуминиум во вакцините е ниско и регулирано од страна на Центарот за биолошка евалуација и истражување.

Вакцините во САД содржат помошни средства на алуминиум шест децении и федералните регулативи покажуваат дека тие се безбедни ако дозата е помала од 1,25 милиграми. Бројката 4.925 микрограми е далеку под оваа граница. 

Проверувачите на факти на Ју Ес Еј Тудеј пишуваат дека не е презентиран ниеден доказ дека вакцините предизвикуваат аутизам. Такви лажни тврдења имаше и за МРП вакцината кои потекнуваат од лажна студија објавена па повлечена од Лансет. Таа е побиена со многу други студии.

Од изјавата која ја даде претседателот на Комисијата за заразни болести професор доктор Александар Петличковски, Комисијата нема надлежност да дава препораки невакцинираните да не се примаат во училиштата, но тоа може да го направи за градинките. Разликите се очигледни и се состојат во тоа што градинките не се задолжителни, а основното образование е задолжително. Уште не се ефектуирани препораките од најновата најава за прогласување пандемија на територијата на Скопје, но од она што е познато од епидемијата на морбили во 2019 година, децата кои не беа целосно вакцинирани, не беа примани во градинките и тоа со решение кое што го донесе Државниот здравствен и санитарен инспекторат и го доставува до градинките. Градинките тоа го исполнуваа и не примаа нецелосно или невакцинирани деца.

Познати се неколку случаи во судската пракса каде родители на невакцинирани деца ги тужеле градинките за дискриминација поради ова, ама сите што ги пронајде Вистиномер завршуваат со одбивање од страна на судот кој на пиедесталот го става јавното здравје и ова не го смета за дискриминација туку за заштита. Правилата при прогласување епидемија се менуваат бидејќи тогаш државата може да постапува согласно Законот за заштита од заразни болести, кој дозволува вакви вонредни механизми како забрана за посета на градинки од невакцинирани деца. Дополнително, вакцинацијата е безбедна, ефикасна и задолжителна, но лекарите не даваат никакви потврди дека нема да има несакани ефекти од неа кои се главно благи и брзо поминуваат. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција