Целосно вакцинираните не одат во изолација, иако биле во контакт со позитивен на ковид

Фото: pixabay.com

Во изолација одат сите позитивни граѓани, како и невакцинираните и непрележаните нивни контакти. Вакцинираните со две дози, како и прележаните пред максимум 45 дена, не одат во изолација иако имале контакт, велат од Центарот за јавно здравје Скопје. Според протоколите на СЗО, во изолација не оди вакциниран со две дози ако поминале 14 дена од втората доза. Во изолација не одат ниту прележаните, ако поминале не повеќе од три месеци. Иако е докажано дека вакцинираните со две дози, а од втората доза поминале најмалку 14 дена, се во помал ризик да развијат тешка форма на болеста и хоспитализација, сепак и вакцинираните можат да ја пренесуваат делта варијантата. Важно е да се напомене и дека имунитетот не се создава веднаш после втората доза, туку неколку недели подоцна, зависно од тоа од кој производител е вакцината

Во изолација одат сите позитивни граѓани, како и невакцинираните и непрележаните нивни контакти. Вакцинираните со две дози, како и прележаните пред максимум 45 дена, не одат во изолација, иако имале контакт, велат од Центарот за јавно здравје – Скопје. Според протоколите на СЗО, во изолација не оди вакциниран со две дози, ако поминале 14 дена од втората доза. Во изолација не одат ниту прележаните, ако поминале не повеќе од три месеци. Иако е докажано дека вакцинираните со две дози, а од втората доза поминале најмалку 14 дена, се во помал ризик да развијат тешка форма на болеста и хоспитализација, сепак и вакцинираните можат да ја пренесуваат делта варијантата. Важно е да се напомене и дека имунитетот не се создава веднаш после втората доза, туку неколку недели подоцна, зависно од тоа од кој производител е вакцината

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Со растечкиот број новозаразени од ковид во земјава, сè поголем предизвик станува да се изолираат нивните контакти. Решенијата за изолација стигнуваат кај сите што направиле ПЦР тест и добиле позитивен резултат, иако тоа се случува со неколкудневно задоцнување. Она што ја промени целосната стратегија за изолација е фактот што во овој бран, за разлика од изминатите, ја имаме вакцината. Вакцинацијата ги промени и алгоритмите и препораките на Светската здравствена организација (СЗО), според кои се изолираат конктактите на заразените граѓани.

Центрите за јавно здравје ширум земјава прават анкети на сите граѓани кои добиле позитивен ковид тест, но само за тие што го направиле во една од сертифицираните лаборатории или, пак, на пунктовите за тестирање во Институтот за јавно здравје. Граѓаните кои купиле тест од аптека, кој се прави во домашни услови и е поефтин отколку ПЦР тестот, доколку добијат позитивен резултат, тогаш мора да го потврдат со официјален ПЦР тест. Меѓутоа, не постои механизам да се регулира дека позитивните на тестот од аптека ќе отидат и во лиценцирана лабораторија да го потврдат својот резултат, со што ќе влезат во системот со кој се следат и изолираат нивните контакти. Можноста дека тие ќе се движат слободно, ќе одат на работа и ќе инфицираат други граѓани, за жал, постои и не може да се искорени.

 

ИЗОЛАЦИЈА И ВАКЦИНАЦИЈА

Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Бесим Зекири, за „Вистиномер“ вели дека во изолација одат сите позитивни граѓани.

Во изолација одат сите позитивни граѓани, како и невакцинираните и непрележаните нивни контакти. Вакцинираните со две дози, како и прележаните пред максимум 45 дена, не одат во изолација иако имале контакт, ни рече Зекири.

Со пример од секојдневието, тоа значи дека доколку некој граѓанин има позитивен ПЦР тест на ковид-19, тогаш за неколку денови ќе добие повик од епидемиолог од центрите за јавно здравје во градот каде што живее. Епидемиолозите ги прашуват позитивните пациенти за најважниот момент кој е пресуден за тоа колку денови ќе бидат во изолација, а тоа се симптомите. Граѓаните кои немаат никакви симптоми одат во изолација 10 дена, сметајќи од денот кога им бил позитивен тестот. Тие што пројавиле симптоми, пак, одат во изолација 20 дена.

Според протоколите на Светската здравствена организација, во изолација не оди вакциниран со две дози ако поминале 14 дена од втората доза. Во изолација не одат ниту прележаните, ако поминале не повеќе од три месеци. Така и епидемиолозите се поставуваат при анкетирањето. Ако граѓанинот, сепак, има позитивен тест, тој ќе оди во изолација независно од тоа што е вакциниран. Симптомите кои траеле само еден ден, сепак се причина позитивниот да добие 20-дневна изолација. Голем број граѓани пријавуваат симптоми кои се полесни и исчезнуваат за еден ден, како температура или изнемоштеност. Меѓутоа, самото постоење на симптомите, независно од тоа колку долго постоеле, е индикатор дека позитивниот може да ја шири инфекцијата во подолг временски период. Затоа, неговата изолација е во времетраење од 20 дена. Главните контакти за кои се прашуваат позитивните пациенти се луѓето од нивните семејства и домаќинства, како и тие со кои одат на работа.

Контактите на позитивниот во рок од 14 дена треба да следат дали ќе развијат симптоми и ако развијат – да се тестираат. Органот кој анкетира е Центарот за јавно здравје, кој потоа им ги испраќа податоците на инспекторите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Инспекторатот тогаш изработува решение за изолација. Со такво решение граѓанинот може да биде предмет на полициска контрола, односно полицијата во секој момент може да го провери дали е на дадената адреса. Изминатите недели полицијата во околу 20 наврати констатираше дека граѓани со решенија за изолација, издадени од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, ја напуштиле државата по копнен пат, затоа што на копнените граници не се бараше ниту ПЦР тест, ниту доказ за вакцинација ниту доказ за прележаност, како што ќе се бара од 1 септември. За овие граѓани поднесени беа кривични пријави за загрозување на јавното здравје, меѓутоа, фактот што се надвор од земјава, во ризик доведува голем број на странци со кои што ќе бидат во контакт. Ова е особено поалармантно за делта варијантата.

ИНФИЦИРАН СО ДЕЛТА СОЈОТ МОЖЕ ДА ЗАРАЗИ СЕДУММИНА

Претседателот на комисијата за заштита на населението од заразни болести, доктор Жарко Караџовски, за Алсат рече дека пациент инфициран со делта сојот може да зарази 7 други лица.

Центарот за контрола и превенција на болести во најновите препораки за целосно вакцинираните луѓе во САД, вели дека тие, доколку се заразат со делта варијантата на коронавирусот, тогаш може да ја пренесуваат на другите. За да се намали ризикот целосно вакцинираните да се заразат со делта и потенцијално да ја пренесуваат на други луѓе, Центарот препорачува тие да носат маска.

Целосно вакцинираните лица можат да изберат да носат маска без разлика на нивото на трансмисија, особено ако тие или некој од нивното домаќинство е имунокомпромитиран или во зголемен ризик за сериозна болест, или, пак, ако некој во нивното домаќинство е невакциниран. Тестирајте се доколку пројавите симптоми. Изолирајте се доколку во последните 10 дена сте имале ПЦР тест, кој е позитивен, или, пак, ако имате симптоми, пишува во препораките на Центарот за контрола и превенција на болести за вакцинираните со две дози.

Исто така, се препорачува граѓаните да ги следат сите државни закони или препораки.

Најважната препорака на Центарот за контрола и превенција на болести од САД е лицата вакцинирани со две дози, кои немаат симптоми, ама биле во контакт со некој кој е суспектен или позитивен на ковид, да не се изолираат ако ги следат препораките да носат маска, да ги следат своите симптоми 14 дена и ако направат тест.

Следењето на контактите на ковид позитивните, претставува ефикасен начин на кој што се спречува трансмисијата на ковид-19, затоа што на таков начин се информираат сите луѓе дека можеби се во ризик, па и тие може да носат маска, да се тестираат и да откријат евентуална инфекција во раната фаза со што би почнале и третман доколку е потребно, под медицински надзор.

Иако е докажано дека вакцинираните со две дози, ако од втората доза поминале најмалку 14 дена, се во помал ризик да развијат тешка форма на болеста и хоспитализација, сепак и вакцинираните можат да ја пренесуваат делта варијантата. Важно е да се напомене и дека имунитетот не се создава веднаш после втората доза, туку неколку недели подоцна, зависно од тоа од кој производител е вакцината. Доколку станува збор за вакцина на „Фајзер“, тогаш имунитетот се создава три недели по втората доза. За кинеските вакцини, потребни се месец и половина после втората доза за да се развие имунитет. Во овој меѓупериод, потребно е граѓаните да се однесуваат како да не се вакцинирани, односно да ги спроведуваат општите мерки за заштита од коронавирусот. Имунитет особено не се создава после една администрирана доза.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција