Денот за видливост на трансродовите лица се совпадна со Велигден, одбележувањето нема врска со Бајден

Фото: Gerd Altmann auf Pixabay

Бајден не ја прогласил велигденската недела за ден на трансродовите луѓе, како што тврди оваа објава на Фејсбук, туку 31 март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица годинава коинцидентно се падна на ист ден кога се одбележува Велигден. Секоја година Велигден се одбележува во недела, но на различен датум, додека Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица секоја година е на ист датум – 31 март

 

Бајден не ја прогласил велигденската недела за ден на трансродовите луѓе, како што тврди оваа објава на Фејсбук, туку 31 март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица годинава коинцидентно се падна на ист ден кога се одбележува Велигден. Секоја година Велигден се одбележува во недела, но на различен датум, додека Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица секоја година е на ист датум – 31 март

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Џo Бајден ја прогласува Велигденската недела за ден на трансродовите луѓе. Сатанизмот во целост.

Во склоп на објавата се споделува скриншот од соопштение од Белата Куќа, во кое стои дека претеседателот на САД го прогласува 31 март за ден за видливост на трансродовите лица. Но, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица секоја година се одржува на 31 март. Не станува збор за ден кој е дизајниран за намерно да се падне во недела на Велигден, како што се тврди во објавата што ја рецензираме.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“, Денот за видливост на трансродовите лица со години се слави на истиот датум – 31 март.

Датумот на Велигден се менува секоја година. Од организацијата ГЛААД со фокус на ЛГБТ заедницата, за Ројтерс изјавија дека овој ден е креиран од страна на застапничката на трансродовите лица Рејчел Крандал во 2010 година како одговор на сè почестите случаи на насилство кон овие луѓе.

„Асошиејтед прес“ пишува дека викендов милиони луѓе прославуваа Велигден, а администрацијата на Бајден беше критикувана за наводно „непочитување на христијанските празници“. Едно од тврдењата е дека претседателот на САД, Бајден, го прогласил Велигден за ден на трансродовите лица.

Но, како што објаснува „Асошиејтед прес“ во ова недостасува важниот контекст и станува збор за погрешно толкување. Денот на видливост на трансродовите лица се слави на 31 март уште од 2009 година кога почна праксата на одбележување на денот. Секоја година откако е претседател, Бајден прогласува дека ова е ден за одбележување. 

Коинцидентно, во 2024 година, тој ден се падна на ист ден како Велигден. Велигден секоја година се слави на различен датум, пишува Асошиејтед Прес.

Секретарката за медиуми на Белата куќа, Кетрин Жан Пиер на брифинг во понеделникот изјавила дека администрацијата била изненадена од дезинформациите кои се прошириле во врска со ова.

Секоја година во изминатите неколку години, на 31 март се одбележува денот за видливост на трансродовите лица. Како што знаеме, за луѓето кои знаат како функционира календарот, Велигден секоја година се паѓа на различен датум, но во недела. А оваа година се случи да е коинцидентно на датумот кога се одбележува денот за видливост на трансродовите лица. Тоа е тоа, изјави таа. 

По објавата, Доналд Трамп го критикуваше Бајден,  дека „бил нечувствителен кон верата“ на што се надоврзаа и други Републиканци.

Жан Пиер на брифингот истакнала дека Бајден никогаш нема да ја злоупотреби неговата лична верска определба за политички причини или за профит.

Бајден првпат издаде известување за Денот на видливост на трансродовите лица во 2021 година, два месеци после неговата инаугурација. Продолжи на ист начин и во 2022 и во 2023 година. Прокламациите што ги издава тој (proclamations) се генерални соопштенија за јавна политика издадени од претседателот.

Рејчел Крандал Крокер, извршен директор и соосновач на непрофитната организација „Трансџендер Мичиген“, го организираше првиот Меѓународен ден за видливост на трансродовите лица во 2009 година за да привлече внимание на популацијата која честопати е игнорирана, омаловажувана или виктимизирана.

Денот е воведен како контраст на Денот за помнење на трансродовите лица, кој секоја година се одбележува на 20 ноември за да им се оддаде почит и сеќавање на трансродовите лица кои биле убиени во разни случаи на насилство кон трансродовите лица.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.  Бајден не ја прогласил велигденската недела за ден на трансродовите луѓе, туку 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица годинава коинцидентно се падна на ист ден кога се одбележува Велигден. Секоја година Велигден се одбележува во недела, но на различен датум, додека Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица секоја година е на ист датум – 31 март.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција