Дезинформација е дека полицајки танцувале во работно време и во службени простории на МВР

Министерството за внатрешни работи за „Вистиномер“ ја демантира информацијата дека вработени во управните служби на МВР во работно време танцувале и се снимале за ТикТок. Во Од МВР велат дека видеото е снимено од странки, а не од вработени во МВР, во ходник во зградата на МРТВ каде е сместено Одделението за странци и каде не е ограничено движењето на странките

 

Министерството за внатрешни работи за „Вистиномер“ ја демантира информацијата  дека вработени во управните служби на МВР во работно време танцувале и се снимале за ТикТок. Во Од МВР велат дека видеото е снимено од странки, а не од вработени во МВР, во ходник во зградата на МРТВ каде е сместено Одделението за странци и каде не е ограничено движењето на странките

 

Рецензираме Фејсбук пост, во којшто е линкуван текст  поткрепен со два видеоматеријала, односно кратки клипови што се преземени од лични профили на социјалната мрежа ТикТок.

Насловот на текстот тврди:

ВИДЕО Нов срам во МВР: Полицајки мешаат и играат во службени простории

Во неколкуте реда кои ја сочинуваат објавата, се тврди:

Станува збор за извесна Реса Незири која видеото го снимала во просториите на управните служби на МВР, а доказ е и натписот ПОЛИЦИЈА, во позадината на видеото кое го објави таа вчера.

Членот 1 од новинарскиот Кодекс налага новинарот да објавува точни и проверени информации, да не сокрива суштински информации и да не фалсификува документи. Во првиот член од Кодексот, исто така, јасно се кажува дека новинарот има право на пристап до сите извори на информирање.

Меѓутоа, наспроти професионалните новинарски принципи, без никаква проверка, во овој текст е објавена дезинформација. Авторот на текстот објавил дека двете девојки се полициски службеници во одделението за странци во МВР,  кое е лоцирано на 9 кат во зградата на МТВ, но, за тоа ниту побарал, ниту добил потврда дали е така. Во ова одделение за странци секојдневно се аплицира за вадење нови, продолжување на тековните дозволи за престојување, лични карти, пасоши и едноставно тука се регулираат правните работи за странски државјани во Република Северна Македонија.

Нашата проверка покажа дека двете девојки кои играат на видеото и го објавуваат тоа на своите ТикТок профили, се странки кои биле во МВР за регулирање на патна или друга исправа за идентификација. „Вистиномер“ побара од МВР информација дали станува збор за вработени во МВР, од каде што добивме негативен одговор.

Министерството за внатрешни работи ја демантира информацијата објавена на порталот, дека вработени во управните служби на МВР во работно време танцувале и се снимале за ТикТок. Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги и професионални стандарди ги изврши потребните проверки и констатира дека видеото е снимено од странки, а не од вработени во МВР, во ходник во зградата на МРТВ каде е сместено одделението за странци и каде не е ограничено движењето на странките. Секогаш стоиме на целосно располагање за обезбедување на информации со кои се запазуваат етичките правила на известување, велат од МВР.

Оттаму, информацијата  дека „полициски службеници во работно време танцувале и се објавувале на Тик Ток“, ја оценуваме како невистинита. Девојките кои танцуваат на видеото се злоупотребени за да се нападне поведението на службениците во МВР.

Впрочем, нешто што би требало да му биде сомнително на авторот е дека девојките не носат униформа на МВР, туку се облечени во цивилна облека. Ова морало да биде основа барем да се провери информацијата или да се направи таков обид, што тука не е сторено.

Социјалните мрежи можат да бидат само основа за дојава за официјално да се провери информацијата, а не објавите да се земаат здраво-за-готово. Основната разлика меѓу медиумот и социјалните мрежи е тоа што на социјалните мрежи можат да се пласираат секакви информации, односно да се објавува сè и сешто, а во медиумот информациите мора да се точни и проверени.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција