ЕУ презема мерки против социјалната мрежа „Х“ поради дезинформации

Photo by BoliviaInteligente on Unsplash

Европската Комисија претходно предупреди дека токму „Х“ има најголем проблем со дезинформациите од која било голема платформа

 

Официјални претставници на Европската Унија соопштија дека се сомневаат оти социјалната мрежа „Х“, претходно позната како Твитер, ги прекршила правилата на Унијата во неколку области, меѓу кои и во спречување на нелегални содржини и дезинформации.

Би-би-си пренесува дека во објава на „Х“, еврокомесарот Тиери Бретон рече дека социјалната мрежа која е во сопственост на Илон Маск се сомничи и за прекршување на обврските за транспарентност.

Портпаролот на Европската Комисија Јоханес Бахрке рече дека се отвора формална постапка против социјалната мрежа врз основа на неколку сомнителни прекршувања на Законот за дигитални услуги – новите тешки правила за големите технолошки компании што ги воведе ЕУ.

„Отворањето на постапката значи дека Комисијата сега ќе ги испита системите и политиките на „Х“ поврзани со одредени сомнителни прекршоци. Тоа не го прејудицира исходот од истрагата“, рече Бахрке.

Ова се први формални постапки започнати според Законот за дигитални услуги на ЕУ.

Законот предвидува дополнителни обврски на големите компании за заштита на корисниците од екстремна содржина. Доколку не го сторат тоа, може да се соочат со огромни парични казни или да бидат суспендирани.

Во октомври, по нападот на Хамас врз Израел, ЕУ соопшти дека го истражува „Х“ за можно ширење на терористичка и насилна содржина и говор на омраза.

Загриженоста околу природата на содржините на социјалната мрежа „Х“ се интензивираше откако Илон Маск ја купи платформата, делумно поради тоа што тој отпушти голем дел од модераторите. Европската Комисија претходно предупреди дека токму „Х“ има најголем проблем со дезинформациите од која било голема платформа.

Од „Х“ рекоа дека соработуваат во процесот започнат во ЕУ, а во соопштението додаваат дека е важно „овој процес да остане без политичко влијание и да го следи законот“.

„Х е фокусиран на создавање безбедна и инклузивна средина за сите корисници на нашата платформа, истовремено заштитувајќи ја слободата на изразување и ќе продолжиме неуморно да работиме кон таа цел“, се вели во соопштението на „Х“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција