Европската комисија бара поголеми напори во борбата против дезинформации

Фото: WendyAlison Pixabay

Европската комисија препорачува Северна Македонија да вложи дополнителни напори за затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, како и да преземе активности за градење општествена отпорност против тоа и други форми на хибридни закани

Европската комисија препорачува С. Македонија да вложи дополнителни напори во затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, како и да преземе активности за градење општествена отпорност против ваквите и други форми на хибридни закани

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Во годишниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија се наведени различни критики за напредокот на нашата земја во пристапниот процес за нејзиното членство во Европската Унија. Голема поделеност и партизираност во работата на парламентот, никаков напредок во судството и борбата против корупцијата претставуваат само дел од острите забелешки на Брисел. Кај слободата на изразување се констатира „ограничен напредок“ – но, се вели и дека има медиумска слобода и дека се дозволува критичко известување.

Она на што се обрнува сè поголемо внимание во годишните извештаи за земјите кандидати за членки, меѓу кои е и С. Македонија, е заканата од дезинформации и странско влијание. Европската комисија и во овој Извештај дава неколку критики во однос на напредокот на државата на ова поле, како и препораки како состојбите да се подобрат.

Главната забелешка на Комисијата е дека сегашните мерки за борба против дезинформации не се многу ефикасни. Според Комисијата, треба да се подобри разбирањето на јавноста за ризиците од дезинформации, како и вештините за медиумска писменост во општеството.

Онлајн медиумите не се регулирани со некој конкретен закон. Има промена на пазарот кон дигитално за рекламирање, со растечки закани од дезинформации, прекршување на интелектуалните права и недостаток на транспарентност во однос на платеното политичко рекламирање. Одредени онлајн медиуми се предмет на влијание од политички фигури. Политичките партии не се обврзани да ги обелоденуваат своите трошоци за кампањи на социјалните мрежи. Постои несоодветен надзор во однос на користењето на личните податоци за цели на изборната кампања, забележува Комисијата.

Според Комисијата, во текот на извештајниот период, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги продолжила да ги исполнува своите законски обврски за унапредување на медиумската писменост, да ја анализира родовата еднаквост во медиумите и да врши надзор над радиодифузерите. Националната стратегија 91 и акциониот план за градење отпорност и соочување со хибридни закани (2021-2025) вклучуваат мерки за справување со дезинформации и хибридни закани, но сепак Комисијата смета дека напорите за борба против дезинформациите се ограничени.

Меѓу другите препораки за сите области, од Европската комисија препорачуваат дека во наредната година земјата треба:

Да вложи дополнителни напори за затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, и да преземе активности за градење општествена отпорност против тие и други форми на хибридни закани

Од Европската комисија потсетуваат и дека ЕУ обезбедува поддршка преку ИПА и Инструментот за надворешна политика за зајакнување на отпорноста на партнерите од Западен Балкан да се соочат со хибридни закани, вклучувајќи сајбер и странски манипулации и мешање со информации.

И во севкупниот извештај за сите кандидати за членки на Европската Унија наречен „Комуникација за политиката на проширување на ЕУ за 2023 година“ се посветува посебно внимание на борбата со дезинформации, странско мешање и сајбер закани.

Хибридните закани, вклучувајќи дезинформации, манипулации и мешање со странски информации (ФИМИ) и сајбер напади, особено против критичната инфраструктура, остануваат политички и безбедносен предизвик за земјите од проширувањето. По големиот пораст минатата година по руската агресивна војна против Украина, овие закани продолжуваат да претставуваат значителен ризик и за ЕУ и за земјите кандидати за членки. Како што се развиваше руската целосна инвазија во Украина, така се развиваше и ширењето на различните наративи на Кремљ во земјите на проширувањето, со различни резултати. Овие се особено ефективни во Србија, каде што дел од локалните медиуми и некои мејнстрим политички сили шират проруски наративи, вклучително и низ регионот на Западен Балкан, смета Комисијата.

Оттаму заклучуваат дека и покрај значителните напори, отпорноста кон овие закани останува слаба страна поради ниската медиумска писменост, ниската доверба во институциите, ограниченото независно и професионално новинарство и ниското ниво на слобода на медиумите.

„Вистиномер“, преку со користење на сеопфатна и стандардизирана методологија за проверка на факти во изминатата година дебанкираше стотици невистинити објави на различни теми, како на социјалните мрежи така и дезинформации објавени во медиумите.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција