Фабрикувано видео дезинформира дека австралиска компанија развива лек против смрт од ковид вакцина

Фото: Принтскрин ФБ пост

Во видеото новинарката не зборувала за лек што треба да спречи „умирање од вакцината против ковид-19“. Станува збор за лапсус по кој таа веднаш се поправила, а третманот за кој зборувала се тестирал за да им помогне на пациентите хоспитализирани поради инфекција со ковид-19

Во видеото новинарката не зборувала за лек што треба да спречи „умирање од вакцината против ковид-19“. Станува збор за лапсус по кој таа веднаш се поправила, а третманот за кој зборувала се тестирал за да им помогне на пациентите хоспитализирани поради инфекција со ковид-19

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува видеоклип од телевизиски вести, во кој репортерка на англиски зборува за нов медицински третман во Австралија.

Австралиската биотехнолошка компанија развива лек кој спречува смрт од вакцината против Ковид, стои во објавата која ја цитира изјавата на новинарката од видеото.

Видеото во кое презентерката на вести тврди дека една австралиска биотехнолошка компанија развила третман кој спречува смртни случаи од вакцините против ковид-19, се споделува на социјалните мрежи од 23 април 2021 година. За ова уште во мај 2021 пишувал сервисот за проверка на фактите на АФП. Оттаму велат дека снимката, всушност е исечок од вестите на австралиската телевизија 7 News емитувани на 16 април 2021 година.

Видеото, во кое АФП имало увид, а кое во меѓувреме е избришано, всушност било монтирано на манипулативен начин, така што звучи како презентерката да рекла дека австралиската компанија работи на третман што „ќе го запре умирањето од вакцините против ковид-19“. Всушност, се работи за новинарски лапсус, кој таа веднаш го поправила. Но, тој дел е исечен, пишува АФП.

Презентерката, всушност кажала:

Австралиска биотехнолошка компанија разви нов третман за кој се надева дека ќе ги спречи луѓето да умираат од вакцини против ковид. Од ковид-19. Како што известува Катарина Блоуерс, третманот моментално се тестира во САД.

Лекот или третманот што го развива Implicit Bioscience Ltd, биотехнолошка компанија, е IC14. Како што е наведено во соопштението од 16 април 2021 година:

Implicit Bioscience ќе обезбеди IC14 за студијата CaTT, која ќе ја тестира безбедноста и ефективноста на испитуваниот лек во третманот на хоспитализирани ковид пациенти со респираторни заболувања и ниски нивоа на кислород во крвта, во комбинација со антивирусен лек ремдесивир.

Студијата била спроведувана од 12 април 2021 година до февруари 2022 година, пишува Раскринкавање.

Значи, во видеото презентеркта не зборувала за лек што треба да спречи „умирање од вакцината против ковид-19“. Станува збор за лапсус по кој таа веднаш се поправила, а третманот за кој зборувала се тестирал за да им помогне на пациентите хоспитализирани поради инфекција со ковид-19.

Вакцините против ковид се безбедни и ефикасни, како што потврдија Светската здравствена организација (СЗО), Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) и Универзитетот „Џон Хопкинс“, кој е еден од водечките медицински универзитети во светот, но и секоја поединечна земја пред да почне да го имунизира населението со некоја од вакцините.

Состојките во сите ковид вакцини се јавно достапни и не станува збор за контроверзни состојки, туку за безбедни. Ниедна состојка во ковид вакцините нема интеракција со човековата ДНК и во вакцините нема антибиотици, лекови, ткива – како што се клетки од абортирани фетуси, протеини од храна, метали или латекс, објавува Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ).

Вакцините против ковид-19 беа предмет на испитување и ќе продолжат да бидат предмет на најинтензивно мониторирање на безбедноста. Доказите од стотици милиони вакцини против ковид-19 кои веќе се администрирани во САД и милијардите вакцини администрирани глобално, покажуваат дека тие се безбедни и ефективни, пишува на сајтот на ЦДЦ.

Од сето ова можеме да заклучиме дека на објавата што ја анализираме ѝ недостига контекст.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција