Фејсбук објава манипулира дека САД ја поттикнуваат Украина да се конфронтира со Русија

Фото: Принтскрин

Ако се погледне целото интервју, а не само исечокот презентиран во објавата на Фејсбук, ќе се види дека портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, објаснува зошто САД ѝ помагаат на Украина. Поводот се разузнавачките информации дека можно е да има воени дејствија, како што впрочем и се случи. Кирби додава и дека САД биле отворени и искрени за тоа што се случува во Украина

Ако се погледне целото интервју, а не само исечокот презентиран во објавата на Фејсбук, ќе се види дека портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, објаснува зошто САД ѝ помагаат на Украина. Поводот се разузнавачките информации дека можно е да има воени дејствија, како што впрочем и се случи. Кирби додава и дека САД биле отворени и искрени за тоа што се случува во Украина

 

 

Oбјава на Фејсбук, каде е споделена кратка видео изјава од портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, тврди дека САД на телевизија признале дека „осум години ја подготвувале Украина за конфронтација со Русија“. Ова тврдење го оценуваме како манипулација, бидејќи недостига целиот контекст, во кој е кажана изјавата и ги измамува корисниците на социјалните мрежи да донесат несоодветен заклучок.

Портпаролот на Пентагон призна на ТВ дека САД 8 години ја подготвува Украина за конфронтација со Русија!

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, во кратко интервју за телевизијата Фокс Њуз говори за ситуацијата во Украина, како и за помошта која што ја добива од САД, но и од Канада, Велика Британија и од други сојузници, како што потенцира Кирби во изјавата.

Она што недостига во едноминутниот исечок од интервјуто на Кирби, кое трае повеќе од 10 минути, се причините за таа помош, како и транспарентноста на целиот процес.

Објавата на Фејсбук ги наведува читателите да помислат дека воената соработка помеѓу САД и Украина во изминатите осум години била тајна и дека тоа бил затскриен процес, кој се водел далеку од очите на јавноста, со некаква цел која требало да остане тајна. Ова е неточно. Напротив, САД секогаш биле транспарентни во средствата кои ги давале за Украина и за тоа постојат бројни докази и потврди.

Ако се погледне целото интервју, а не само исечокот презентиран во објавата на Фејсбук, ќе се види дека Кирби објаснува зошто САД ѝ помагаат на Украина. Поводот се разузнавачките информации дека е можно е да има воени дејствија, како што, впрочем и се случи. Кирби додава и дека САД биле отворени и искрени за тоа што се случува во Украина.

Разузнавачките служби сфатија што прават Русите од есента, односно собираат воени трупи и нивното внимание е насочено кон Украина. Тоа го кажавме јасно и гласно и кај нас, а особено во Европа и не сите ни поверуваа. Бевме во право за тоа што Русија се спремаше да го направи. Декласифициравме информации за да бидеме пред господинот Путин, вели Кирби.

САД воспоставија дипломатски односи со Украина во 1991 година, по нејзината независност од Советскиот Сојуз. На официјалната веб-страна на амбасадата на САД во Украина се вели дека Соединетите Држави придаваат големо значење на успехот на транзицијата на Украина кон модерна демократска држава со развиена пазарна економија.

Политиката на САД е насочена кон реализација и зајакнување на демократска, просперитетна и безбедна Украина поблиску интегрирана во Европа и евроатлантските структури, пишува на официјалната веб-страна на амбасадата на САД во Украина.

Портокаловата револуција во Украина доведе до поблиска соработка и поотворен дијалог меѓу Украина и САД. Вкупната американска помош од независноста изнесува повеќе од 3 милијарди долари. Помошта на САД за Украина е наменета за промовирање политички и економски реформи и за решавање на итните хуманитарни потреби. САД постојано ја охрабруваа транзицијата на Украина кон демократско општество со просперитетна пазарна економија.

Покрај дипломатската поддршка во нејзиниот конфликт со Русија, САД ѝ обезбедија на Украина 1,5 милијарди американски долари воена помош од 2014 до 2019 година. Во 2021 година, Сандеј Тајмс објави дека износот на дадената воена помош изнесува 2,5 милијарди американски долари.

На веб-страната на американскиот Стејт Департмент, во посебен дел посветен на Украина, властите во САД ги објаснуваат и причините поради кои Украина добива толкава помош, меѓу кои се и заштита од Русија и поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Во текот на изминатите три децении, Русија нападна три соседни земји – Украина, Грузија и Молдавија – се вмеша во изборите, употреби хемиско оружје за обиди за атентат и на странска почва и на домашно тло (Скрипал, Навални) и ги прекрши меѓународните договори за контрола на оружјето. Не можеме да го заборавиме илегалното заземање на Крим од страна на Русија и тековната окупација на Крим, или конфликтот во источна Украина, кој силите предводени и поддржани од Русија го поттикнаа и продолжуваат да го поттикнуваат до ден-денес. Соединетите Држави се посветени на дипломатско решавање на конфликтот во Донбас и активно го поддржуваат напредокот во спроведувањето на договорите од Минск, чиј потписник е Русија, стои на веб-страната каде што транспарентно е објавена целата помош што ја добила Украина од САД.

Оваа помош и асистенција, која не е само воена и парична, никогаш не била тајна, ниту имало причина да се крие од очите на јавноста, како што инсинуира Фејсбук објавата.

Настрана фактот што во изминатиот период од 2014 година, откако се случи руската анексија на Крим и сепаратистичките акции на про-руските милитанти на истокот на Украина, помогнати од Кремљ, САД не беше ни оддалеку единствената држава на Западот, која војно ја помагаше Украина. Тоа го правеа и Велика Британија, Канада и уште многу други демократски земји од Западна Европа. Но, никако не може да се каже дека САД сега го признале тоа (како небаре да станува збор за некаква конспирација) и да се поттикува впечаток, како актуелната војна да е масло на САД. Тоа би било точно ако се случеше обратното, односно ако Украина, помогната од САД и другите западни сојузници, ја нападнеше Русија и ако сегашнава војна се водеше на руска територија. Како што ни е на сите многу добро познато, она што се случува е токму спротивното. Така што, ако Украина не беше нападната, немаше да има никаква конфронтација со Русија.

Да не говориме за фактот, пак, што про-руските сепаратисти од Донецк и Луганск во истиот период беа и се наголемо помагани од Русија. И тоа не само на воен, туку на секој план. Севкупната проруска администрација во отцепените територии од Донбас во изминатите 7-8 години беше комплетно плаќана од Русија. А, дали и колку про-руските сепаратисти беа подготвувани за конфронтација со Украина покажува и актуалната агресија за која е многу јасно кој ја започна.

Тоа што Кирби го зборува во интервјуто не е ништо ново, непознато, ниту, пак, некогаш било тајна. Но, објавата, онака како што е формулирана, ги наведува читателите да заклучат дека САД ја натерале Украина да почне војна, а не дека Украина е нападната и предмет на агресија од странска држава и дека мора да се брани. Од тие причини, оценуваме дека објавата е манипулативна, со оглед на тоа што недостига целиот контекст.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција