Геополитичка анализа: Дезинформациите од странство го дестабилизираат Западен Балкан

Фото: Фондација Метаморфозис

Новата анализа „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ објавена од Фондацијата „Метаморфозис“ укажува на поврзаноста меѓу странските штетни влијанија и домашните актери кои користат дезинформациски наративи за дестабилизација на регионот и попречување на евроатлантската интеграција

Дезинформациите и лажните вести не се само медиумски проблем, туку се и безбедносен. Тие ги дестабилизираат земјите од Западен Балкан, попречувајќи ја реализацијата на најважните стратешки цели на државите, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

Ова е генерален заклучок од новата анализа „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ објавена од Фондацијата „Метаморфозис“, која укажува на поврзаноста меѓу странските штетни влијанија и домашните актери кои користат дезинформациски наративи за дестабилизација на регионот и попречување на евроатлантската интеграција.

„Интернетот овозможува ширење на дезинформации и пропаганда пред широка публика, а со тоа, со малку трошоци и за кусо време може да се влијае врз перцепциите и мислењата на милиони луѓе. Сето тоа има потенцијал за силно геополитичко влијание на штета на стратешките интереси на Балканските земји. Алармантно е што ваквата појава од медиумски прераснува во безбедносен проблем и има тенденција да го разниша и онака кревкиот мир на Балканот“, посочува авторката на анализата Ирена Вишинска, геополитички аналитичар.

Анализата базирана врз обработка на 2.000 лажни вести или други форми на дезинформации од шест балкански држави, укажува на тоа дека регионот на Западен Балкан и натаму е поле за стратешки натпревар меѓу големите сили заради нерешениот статус во однос на евроатлантската интеграција, чиј процес тече бавно, попречуван од странски штетни влијанија, нивни локални антидемократски сојузници и бавните реформски процеси.

„Регионот на Западен Балкан станува уште поинтересен заради фактот што се граничи со ЕУ што го прави уште попривлечен за земјите како Русија, Кина, Турција, Иран и земјите од Заливот, бидејќи Балканот претставува праг за влез на европскиот пазар од речиси 800 милиони луѓе“, оценува Вишинска.

Во анализата која ги опфаќа Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, се посочува дека земјите од регионот треба да ја зајакнат соработката со ЕУ и со НАТО и да пристапат до нивната експертиза во создавањето отпорност и стратегии за одговор на странските штетни влијанија.

Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“ изјави дека со публикацијата се даваат и согледувања кои се однесуваат на поединечните земји, бидејќи локалниот контекст е многу важен.

„Така, на пример, во нашата земја имаме ситуација во којашто главните типови на дезинформации – како и секаде – беа поврзани со руската агресија врз Украина, при што имаше низа обиди преку овие наративи да се намали поддршката која државата ја дава за одбрана на Украина или да се намали поддршката на заедничките европските санкции кон кои се приклучивме“, вели Стојановски.

Според анализата кај нас се забележани и други странски влијанија кои не секогаш се одразуваат преку ширење на дезинформации. Понекогаш се работи за т.н. „мека моќ“, односно промоција на економски, културни или идеолошки, поврзани со туѓи геополитички интереси. Сите ваквите препознаени геополитички позиции во интерес на авторитарни режими имаат потенцијал да прераснат во извори на дезинформации. Како пример за ова се разликите во кинеските влијанија во регионот и во земјава.

„Кинеското влијание во регионот главно се фокусира на промоција на Кина како економска сила и ефективноста на нивниот авторитарен комунистички систем, а кај нас, покрај тоа, евидентна е и поддршка за одредени руски наративи поврзани со Украина и од кинески дипломатски фактори во земјава“, вели Стојановски.

Пример на влијание кое кај нас не е регистрирано, а го има во регионот е иранското влијание, а разлики има и во турското и други земји од Блискиот Исток, укажува анализата.

Изданието „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ (Geopolitical Perspective of Disinformation Flows in the Western Balkans) е објавено од Фондацијата „Метаморфозис“ во рамки на регионалниот проект „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“, поддржан од Кралството Холандија.

Авторката Ирена Вишинска е геополитички аналитичар, чија специјалност е проучување на хибридните закани кон современото општество и геополитичките трендови во регионот на западен Балкан. Вниманието ѝ е насочено кон проучување на дезинформациските текови и странската пропаганда, како и нивните последици во регионот на Балканот. Своето долгогодишно експертско искуство го има градено во безбедносниот и дипломатскиот сектор во Република Северна Македонија, во периодот од 1993 до 2022 година.

 

hubmk

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција