Името на брендот Пепси не е поврзано со Израел

Фото: Pixabay.com

Името на пијалокот Пепси не е кратенка од „Платете до последен цент, спасете го Израел”. Објаснувањето за оваа кратенка е урбан мит. Со купувањето на Пепси, потрошувачите не поддржуваат убивање Палестинци. Главните акционери на ПепсиКо, може да ги погледнете на следниот линк. Газираниот пијалок Пепси, кој е производ на ПепсиКо, е креиран и развиен во 1893 година, прво под името Brad’s Drink. Потоа е преименуван во Пепси Кола на 28 август 1898 година, па во Пепси во 1961 година. Зборот пепсис на грчки значи „дигестија“, а Калеб Брадхам, човекот кој го измисли пијалокот, тврдеше дека истиот помага против диспепсија односно лошо варење на храната. Брендот сега го произведува американската корпорација ПепсиКо

Името на пијалокот Пепси не е кратенка од „Платете до последен цент, спасете го Израел”. Објаснувањето за оваа кратенка е урбан мит. Со купувањето на Пепси, потрошувачите не поддржуваат убивање Палестинци. Главните акционери на ПепсиКо, може да ги погледнете на следниот линк. Газираниот пијалок Пепси, кој е производ на ПепсиКо, е креиран и развиен во 1893 година, прво под името Brad’s Drink. Потоа е преименуван во Пепси Кола на 28 август 1898 година, па во Пепси во 1961 година. Зборот пепсис на грчки значи „дигестија“, а Калеб Брадхам, човекот кој го измисли пијалокот, тврдеше дека истиот помага против диспепсија односно лошо варење на храната. Брендот сега го произведува американската корпорација ПепсиКо

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:

Ако не сте знаеле досега, фамилијата Ротшилд ја откупила територијата Израел од Арапите и си направија приватна држава на Ротшилди на 14.05.1948. Исто така и НATO е нивна приватна војска.
Ротшилди се банкари на Ватикан, т.е. целиот нивен капитал припаѓа на Ватикан. PEPSI = “Pay every penny, save Israel” = плати го секој дeнар, спаси го Израел. Компанијата Пепси е исто така нивна и купувајќи Пепси вие ја помагате неговата Империја и убивањето на Палестинците.

Дали Пепси значи ,,Платете до последен цент, спасете го Израел?”

Теоријата на заговор, дека Пепси е кратенка од „Платете до последен цент, спасете го Израел” се провлекува на Блискиот Исток уште од осумдесеттите години на минатиот век, но нема никаква допирна точка со реалноста и со фактите. Уште во 2008 година Салем Саламах од Хамас за телевизиската станица „Ал Акса ТВ” изјави дека „има компании оформени од колонисти и окупатори, големи компании со филијали насекаде во светот, како Пепси, Пепси Кола“ и дека Пепси е акроним што значи „платете до последен цент, спасете го Израел”.

И Хазем Абу Исмаил, политичар од Египет, ја има дадено истата изјава за телевизијата во 2009 година.

Газираниот пијалок Пепси, кој е производ на ПепсиКо, е креиран и развиен во 1893 година, прво под името Brad’s Drink. Потоа е преименуван во Пепси Кола на 28 август 1898 година, па во Пепси во 1961 година. Зборот пепсис на грчки значи „дигестија“, а Калеб Брадхам, човекот кој го измисли пијалокот, тврдеше дека истиот помага против диспепсија односно лошо варење на храната. Брендот сега го произведува американската корпорација ПепсиКо.

Архивирана верзија од историјата на Пепси објавена на страницата на американскиот „Музеј за сода” открива дека Калеб аплицирал за трговска марка на неговиот пијалок во 1903 година во Северна Каролина, а пијалокот бил во континуирана употреба од 28 август 1898 година. Во 1906 година, тој морал да ја регистрира уште еднаш Пепси Кола во Канцеларијата за патенти на САД, затоа што веќе на пазарот постоел пијалок со име Пеп Кола. Според Канцеларијата за патенти, двете имиња имале преголеми сличности. Наместо да го смени името на производот, Калеб ги откупил правата за трговската марка Пеп Кола и повторно аплицирал за неговата трговска марка во 1906 година. На документите во апликацијата, навел дека 15 февруари 1896 година е најраниот датум кога Пепси Кола е име употребено од негова страна.

Од сето ова произлегува дека наспроти невистината изнесена во постот што го рецензираме, Пепси не е кратенка од „Платете до последен цент, спасете го Израел”. Објаснувањето за оваа кратенка е урбан мит.

Со купувањето на Пепси, потрошувачите не поддржуваат убивање Палестинци. Главните акционери на ПепсиКо, може да ги погледнете на следниот линк.

Освен тоа, во постот што го рецензираме се тврди дека фамилијата Ротшилд ја откупила територијата Израел од Арапите и си направила приватна држава на Ротшилди на 14.05.1948 година. Исто така, се вели и дека НATO е нивна приватна војска. Не е точно дека НАТО е приватна војска на фамилијата Ротшилд. НАТО е безбедносна алијанса во која учествуваат 30 држави од Северна Америка и од Европа. Фундаменталната цел на НАТО е да ја брани слободата на сојузниците и безбедноста, со политички и со армиски средства. Напад на еден сојузник се смета за напад на сите и ова е во основата на ветувањето за колективна одбрана во склоп на алијансата.

НАТО е формирана како одговор на заканата од Советскиот Сојуз и пошироките напори да се спречи советската експанзија, да се забрани пројавувањето на националистичкиот милитаризам во Европа и да се охрабри европската политичка интеграција.

По Втората светска војна 36.5 милиони Европејци загинаа во конфликтот, од кои 19 милиони цивили. Комунистите потпомогнати од Советскиот Сојуз им се закануваа на избраните влади ширум Европа. Повеќе западноевропски демократии се обединија за да имплементираат различни проекти за поголема соработка на војските и колективната одбрана. На крајот е заклучено дека само вистински договор за трансатлантска безбедност може да ја обесхрабри советската агресија. Така е потпишан договорот од 4 април 1949 година во кој сојузниците на НАТО се согласуваат дека ако вооружен напад се случи на една или повеќе членки тоа ќе се смета за напад врз сите нив. Дванаесетте држави кои што го потпишале договорот на 4 април 1949 година се Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Обединетото Кралство и САД. Израел не е меѓу првите потписници.

На 14.05.1948 година, Ротшилд не направиле приватна држава туку е потпишана декларацијата за независност на Израел.

Точно е дека Едмонд Џејмс Ротшилд, еден од најбогатите Евреи во Франција бил убеден дека Евреите треба да бидат поддржани доколку сакаат да се населат на територијата каде денес се наоѓа Израел. Неговата инволвираност во помагањето ова да се оствари, се гледа во донации, филантропски активности со купување земјиште и обезбедување инфраструктура за образовни, здравствени и други институции.

На првите доселеници им рекол дека не дошол да им помогне зошто се сиромашни и страдаат, туку зошто ги гледа како исполнувачи на израелскиот сон на воскресение и прекрасните идеали, Израел да се врати во земјата на претците.

Тој промовирал индустријализација и економски развој а во 1924 година основал бизниси, финансирал истражувања за електрична енергија, финансирал станици за генерирање струја и основал фабрика за стакло за неговиот бизнис со винариите.

Оттаму, фамилијата Ротшилд има навистина донирано за идејата Евреите да живеат во своја земја, уште пред Израел да ја потпише декларацијата за независност во 1948 година, но тоа не ја прави оваа фамилија сопственик на Израел или купувач на државата, како што се тврди во постот кој го рецензираме. Впрочем, не може едно семејство да купи држава, туку потпишувањето на декларацијата за независност од 1948 година е резултат на желбата на илјадници Евреи.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција