Имунитетот против ковид-19 се создава неколку недели после втората примена доза од вакцината

Фото: скриншот

Синот на актерот, пејач и композитор Зафир Хаџиманов, познатиот џез музичар, Васил Хаџиманов на Твитер посочи дека неговиот татко починал како последица на ковид-19 и порача да не се злоупотребува неговата смрт во антивакцинална кампања. Тој потврди дека неговиот татко се вакцинирал само СО ЕДНА ДОЗА од вакцината, што не е доволна заштита зашто се потребни ДВЕ дози и период од неколку недели по втората примена доза за да се развие имунитет

 

Рецензираме пост во кој што се доведува смртта на пејачот Зафир Хаџиманов, во причинско-последична врска со вакцинацијата против ковид-19, без за тоа да се понудат никакви докази. Ова е трагично, затоа што со вакви постови се создава недоверба во процесот на имунизација, а за тоа се користи и смртта на проминентна личност. Згора на тоа, во постот се користат и навреди кон личниот избор на граѓаните што сакаат да се вакцинираат. 

Зафир Хаџиманов починал по вакцинирањето. Претходно објавил дека се вакцинирал. Колку трагично и страшно! Голема загуба. Слушајте, ковидиоти ваксерски, каде и да се вакцинирате не сте ништо друго освен експериментални глувци. И опасни сте. Глупоста и стравот отсекогаш биле најголеми сојузници на злото, се вели во постот кој го рецензираме.

Какви се фактите?

За човек да развие антитела односно во неговиот организам да се создаде имунитет против ковид-19, потребни се неколку недели по примањето на втората доза од вакцината. Во конкретниот случај, без да бидат познати никакви околности под кои настанала смртта, таа се доведува во корелација со вакцинацијата заради објавен Фејсбук статус на покојниот Хаџиманов. Ова е недозволива манипулација и создавање паника кај населението да не се вакцинира! Непознато е дали тој ја примил втората доза, ниту, пак, има докази дека вакцината е причина за неговата смрт како што се тврди во постот.

Претседателот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести, доктор Жарко Караџовски, предупреди граѓаните да бидат свесни дека имунитетот од вакцината која што ќе ја примат се создава неколку недели после втората доза, односно по примањето на вакцината да се однесуваат со истата претпазливост како да не се воопшто вакцинирани.

По првата примена доза на вакцина потребни се две – три недели до втората доза. За тоа време е потребна максимална внимателност, носење на маска, држење дистанца, неконтактирање со можни позитивни лица, зашто инфекцијата е можна. Исто толку време на максимална внимателност е потребна и по втората доза, додека не се создаде целосен ефект од вакцината, рече Караџовски на прес конференција.

Колку е важно да се знае дека имунитетот се создава после втората доза, покажува и тоа што Министерството за здравство специјално ги предупреди граѓаните кои првата доза ја примија во Србија, да продолжат да се однесуваат одговорно. Реинфекцијата со ковид-19 е можна дури и откако ќе прележите, дури и откако ќе се вакцинирате со првата доза! Вакцината штити од тешка форма на ковид-19 и од хоспитализација, но уште се испитува дали дури и вакцинираните можат да го пренесуваат вирусот.

За сите наши граѓани кои веќе ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“ и за оние кои во следниот период ќе се вакцинираат, еве неколку важни информации за самата вакцина и процесот на создавање имунитет. По примање на првата доза од вакцината, потребни се до три недели да се создаде имунитет. Ова значи дека сите кои деновиве примиле вакцина треба да се исклучително внимателни и следните три недели да продолжат да ги почитуваат мерките за лична заштита, објави министерот за здравство Венко Филипче. 
Синот на актерот, пејач и композитор Зафир Хаџиманов, познатиот џез музичар, Васил Хаџиманов на Твитер посочи дека неговиот татко починал како последица на ковид-19 и порача да не се злоупотребува неговата смрт во антивакцинална кампања. Тој потврди дека неговиот татко се вакцинирал само СО ЕДНА ДОЗА од вакцината, што не е доволна заштита зашто се потребни ДВЕ дози и период од неколку недели по втората примена доза за да се развие имунитет.

 

Дали некој ќе се вакцинира или не е лична одлука. Доколку некој реши да се вакцинира, не би требало да биде подложен на навреди какви што се користени во постот кој го рецензираме, на пример, ,,ковидиоти”. Да се тврди дека тие што се вакцинираат се експериментални глувци е спин, затоа што сите вакцини ги имаат поминато неопходните испитувања, тестирања, дозволи и одобренија и од Европската агенција за лекови и од државите, односно се произведени на безбедни платформи.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција