Измама: „Аџико Хоме Центар“ не доделува подароци ако честитате роденден

Оваа Фејсбук страница е лажна и ги злоупотребува логото и брендот „Adziko Home Center“, за да привлече што е можно повеќе корисници да ги споделат нивните лични податоци 

Оваа Фејсбук страница е лажна и ги злоупотребува логото и брендот „Adziko Home Center“, за да привлече што е можно повеќе корисници да ги споделат нивните лични податоци 

 

На социјалната мрежа Фејсбук  се шири објава со следниот опис:

🎊 За да го прославиме роденденот на @Adziko Home Center, сите што ќе напишат „ЧЕСТИТА“ пред 31 јули 2023 година ќе добијат ексклузивни подароци од кеси за подароци, готовина и ваучери за купување. Со среќа. ❤️
Коментари Посакајте ни СРЕЌЕН Роденден!!

Во самата објава може да се пронајдат и фотографии од логото на фирмата „Аџико“, како и нејзиниот банер, хартиени кеси и кутија за подарок со ваучери.

Под објавата може да се забележат голем број коментари на корисници кои посакуваат среќен роденден и сите се проследени со одговор во којшто се вели следното:

 БЛАГОДАРИМЕ НА УЧЕСТВОТО!
Споделете го нашиот POST на почетната страница на вашиот профил, а потоа отворете ја пораката во Messenger за да го отклучите вашиот подарок. Со среќа!💗

На самата страница го има објавено единствено постот што го рецензираме и има многу мал број на интеракции и е следена од минорен број корисници на социјалната мрежа. Но, станува збор за лажна промоција во којашто името, логото, насловната фотографија на овој бренд се злоупотребени со цел да се извлечат што е можно повеќе податоци од корисниците на социјалната мрежа.

Во моментот на пишување на рецензијата, оригиналната страница, пак,  е заследена од 53 илјади профили и лајкната од 52 илјади профили.

Тоа што може да се забележи е дека карактерите на името на брендот („Adziko Home Center“) на двете страници, лажната и оригиналната, не се идентични. За обичното око тешко е да се препознае, бидејќи единствената разлика е во големината на буквите во насловот, односно фонтот со којшто е напишан називот: „Аџико Хоме Центар“

Освен тоа, не се идентични ниту фотографиите на насловните страница на Фејсбук. Ако се направи споредба може да се забележи дека на лажната страница  се отсечени информациите за тоа каде корисниците да ја заследат страницата, заедно со остатокот од текстот што го има на оригиналната страница. На лажната страница се забележува и стрелка, нешто што на оригиналната страница го нема.

 

Исто така, вистинската „Adziko Home Center“  демантираше дека имаат ваква наградна игра и предупреди дека се работи за лажна страница:

ИЗВЕСТУВАЊЕ!
Почитувани потрошувачи,
На социјалните мрежи сe појави лажна наградна игра која не е организирана од Аџико Хоме Центар, ниту има некаква поврзаност со нашата компанија.
Ве советуваме да не споделувате никакви лични податоци и случајот да го пријавите во секторот за компјутерски криминал при МВР.
Ваш Аџико Хоме Центар!

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција