Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Фото: naturwohl-gesundheit auf Pixabay

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари за производ кој наводно веднаш ќе им помогне. Притоа се користи непостоечки доктор со лажен идентитет, се ветува брзо лекување и се промовира лек за кој нема научна валидација и може дури и да претставува ризик за нечие здравје

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари за производ кој наводно веднаш ќе им помогне. Притоа се користи непостоечки доктор со лажен идентитет, се ветува брзо лекување и се промовира лек за кој нема научна валидација и може дури и да претставува ризик за нечие здравје

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека со еден производ за кратко време може да ја излечите болката во зглобовите засекогаш. Ова е погрешна информација.

Во рамките на објавата споделена е фотографија од зглоб и до него во сад има некаква смеса, а најгоре пишува:

Дискомфортот во зглобовите кој ме мачеше низ годините веќе исчезна за само три дена користење. Зачувајте ја рецептата!

Објавата води до веб-страница на којашто има текст со сензационалистички наслов:

Кога зглобовите не ни дозволуваат да водиме нормален живот, можеме само да се надеваме на чудо!“ – Ексклузивно интервју со легендарниот човек кој изведе чудо!

Оваа примамлива реклама за наводен продукт за лечење на болки во зглобови, кој пак, е презентиран и нуден на потрошувачите преку неетички, лажен маркетинг со лажни фотографии кои се користат да се потенцира ефикасноста на продуктот.

За производот се вели дека „се справува со секоја болест на зглобовите“, дека е „револуционерен производ“, и куп други пофалби.

Станува збор за производ кој се нарекува Celadrine Joint, и се тврди дека го измислил наводен д-р Венко Дулевски, кој што е прикажан како дипломиран доктор на Медицинскиот факултет во Скопје во 1975 година и кој што работел како ортопед до 2009 година.

Околу него во текстот се плете приказна дека неговата жена Соња имала голем проблем со зглобовите односно имала остеоартритис на коленото по што тој го измислил лекот што се промовира.

До декември 2009 година сфатив дека ако измешате одредени состојки, може да добиете лек што засекогаш ќе ја ублажи болката во зглобовите. Но, ме чекаше изненадување: потребните состојки едноставно не се продаваа во нашата земја. Позајмив пари и ги нарачав од Азија, се вели во текстот.

Се разбира ништо од ова не е точно. Пребарувањето на Гугл на неговото име покажува дека не постои ниту ортопед, ниту каков било друг доктор со име Венко Дулевски, иако во текстот тој се прикажува дека е многу познат во Македонија. Да беше вистински доктор ќе имаше бар еден медиумски напис за него и неговата работа.

На почетокот на текстот има фотографија од маж и жена коишто се држат со раце и тоа остава впечаток дека на фотографијата се претставени докторот Венко Дулевски и неговата сопруга Соња. Но пребарувањето на оваа фотографија покажува дека таа е искористена за слични вакви измами на повеќе јазици. Па, така, во текст на шпански јазик тие се претставени како доктор Трихулио Серано и неговата сопруга Јулија од Перу, потоа во текст на албански јазик тој е доктор Пјетро Романи и неговата сопруга Лаура, во текст на романски јазик тој е доктор Херман Паунеску со сопругата Ралука, во текст на грчки јазик тој е Петрос Харилау, а сопругата е Јоана, како и текст на бугарски јазик каде што истата личност овој пат се вика Стефан Иванов, а сопругата е Красимира.

Потоа во текстот преку маркетиншки трик се нуди попуст од 50 отсто доколку производот се купи веднаш. Но, математиката не го потврдува ова. Регуларната цена за производот е 4.800 денари, а тој се нуди за 1.200 денари што не е 50 отсто попуст. Како крајна манипулација на корисниците на социјалните мрежи дури има и измислени коментари од ботови кои ги споделуваат „позитивните ефекти“ од Celadrine Joint.

Ветувајќи брзо лекување, објавата промовира лек за кој нема научна валидација и може дури и да претставува ризик за нечие здравје. Од клучно значење е да бидете внимателни кога се соочувате со такви тврдења и да се консултирате со реномирани медицински извори за да добиете точни информации. Ефективни третмани за болка во зглобот обично вклучуваат комбинација од одмор, физикална терапија и, во некои случаи, лекови препишани од квалификуван здравствен работник. Секогаш проверувајте ја веродостојноста на информациите поврзани со здравјето пред да пробате какви било лекови, особено оние што се промовираат на интернет.

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари за производ кој наводно веднаш ќе им помогне. Притоа се користи непостоечки доктор со лажен идентитет, кој е создаден да прикаже лажна реалност за да ги измами луѓето и да ги навлече да потрошат пари без притоа тие вистински да го добијат резултатот кој го посакуваат, односно без вистински да се излекуваат.

Поради наведените факти ова го сметаме за измама.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција