Лажно се нудат Дајсон правосмукалки за 120 денари

Постот го злоупотребува името и логото на американската онлјан продавница Амазон и е единствената објава на лажната Фејсбук-страница Добар шопинг. На официјалната страница – Амазон.ком не постои правосмукалка за 120 денари, а правосмукалката Dyson V11, која се нуди на фотографијата во постот,  чини 537 долари. Ваквите насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира и потоа се бара од корисниците да пополнат информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата, со што може да станат жртва на финансиска измама

Постот го злоупотребува името и логото на американската онлјан продавница Амазон и е единствената објава на лажната Фејсбук-страница Добар шопинг. На официјалната страница – Амазон.ком не постои правосмукалка за 120 денари, а правосмукалката Dyson V11, која се нуди на фотографијата во постот, чини 537 долари

 

На социјалната мрежа Фејсбук се шири лажна објава која нуди нов модел на правосмукалка по неверојатна цена од 120 денари. Ова е измама, не наседнувајте на вакви објави!

Замислете, позната компанија, во врска со продажбата на нов модел, нуди правосмукалка за 120 MKD на сите што го ценат брендот и квалитетот Побрзајте да го притиснете копчето под сликата, пишува во постот.

За да ги намами своите жртви, рекламата е придружена со фотошопирана фотографија на која се прикажани кутии од правосмукалката која наводно се нуди за неверојатно ниска цена, а над нив на сликата е монтирана цената на производот од 120 денари, а врз неа е логото на Амазон. Но, ова е лажен попуст!

Објавите за овој огромен попусти имаат низа коментари од лажни профили кои се обидуваат да ги легитимизираат чудните понуди. Па така, корисници со имиња како Lucienne Trudeau и Carlos Robles, пишуваат коментари на македонски јазик користејќи кирилица со цел да ги убедат останатите корисници на Фејсбук дека понудата е реална. Но, кога некој со име како Lucienne Trudeau ќе напише коментар

„Моите пријатели беа против моето учество, но кога ја видоа правосмукалката денес, беа шокирани. Ние сме многу задоволни од оваа продажба“,

или кога Carlos Robles ќе напише

„Ја пробав среќата со продажбата на Dyson на Amazon и ми се допаѓа! Добив нова правосмукалка. Беше толку кул! Цената на стоката беше многу повисока од онаа што ја платив. Дефинитивно повторно ќе учествувам во оваа распродажба“,

треба веднаш да ви стане сомнително дека станува збор за некаква измама.

Дел од профилите коишто ги пишуваат коментарите прикачуваат фотографии од правосмукалки, со цел да ги убедат корисниците на социјалните мрежи дека објавата е реална, но не е!

Притоа, лажната објава за голем попуст, ги наведува корисниците на социјалните мрежи за да може наводно да ја добијат правосмукалката, да клинкат на копчето “Apply now,” коe пренасочува на друга веб-страница. Таму, од оние што кликнале се бара да пополнат прашалник:

Ако сакате да го добиете Dyson V11, треба да пополните анкета за да потврдите дека сте вистинска личност.

Овие насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира за нешто и потоа се бара од корисниците да пополнат информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата, со што може да станете жртва на финансиска измама.

Горенаведениот пример го злоупотребува името и логото на американската онлјан продавница Амазон. Доколку се посети официјалната страница на Амазон.ком и се пребарува типот на правосмукалката Dyson V11, која се нуди на фотографијата, ќе се види цената на оваа правосмукалка е 537 долари. Не постои правосмукалка за 120 денари, ниту има промоција за таква цена.

Фејсбук-страницата Добар шопинг од којашто се споделува понудата, нема никаква вистинска комуникација со корисници и има само 9 следачи и малку интеракции. Како адреса е ставена Љубљанска 4, што е, всушност, адреса на трговскиот центар Сити Мол, но ваков попуст не може да се најде во ниту една продавница во овој трговски центар. На споменатата Фејсбук страница е објавен единствено овој еден вирален пост за оваа понуда и една фотографија од правосмукалка.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Корисниците на социјалните мрежи треба секогаш да се сомневаат кога ќе видат објава или реклама чија понуда се чини дека е предобра за да биде вистинита, бидејќи тоа може да ги чини многу.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција