Логото на Алијансата за дождовни шуми не значи дека производите имаат црви и не е поврзано со Бил Гејтс
Во објавата е направена една голема мешаница и манипулација со повеќе неточни тврдења кои и меѓу себе не се поврзани и немаат логика. Прво не е вистина дека производите што го носат логото на Алијансата за дождовни шуми содржат инсекти и црви. Второ, филантропот и милијардер Бил Гејтс не е никако поврзан со печатот на оваа организација којшто го има на некои производи. Трето, набавката на вакцини што ја направи Европската комисија нема никаква поврзаност ниту со Гејтс, ниту со Алијансата на дождовни шуми
Во објавата е направена една голема мешаница и манипулација со повеќе неточни тврдења, кои и меѓусебно не се поврзани и немаат логика. Прво, не е вистина дека производите што го носат логото на Алијансата за дождовни шуми содржат инсекти и црви. Второ, филантропот и милијардер Бил Гејтс не е никако поврзан со печатот на оваа организација, којшто го има на некои производи. Трето, набавката на вакцини, што ја направи Европската комисија, нема никаква поврзаност ниту со Гејтс, ниту со Алијансата на дождовни шуми
Објава која кружи на Фејсбук тврди дека логото на Алијансата за дождовни шуми (Rainforest Alliance) е поврзано со производи кои содржат црви, скакулци, храна којашто ги променува хормоните. Објавата, исто така, лажно сугерира дека сопственикот на Мајкрософт, Бил Гејтс стои зад овие производи.
Многу работи спремаат, да бидеме спремни на се и да не потпаѓаме на нивните глупости, посебно проверувајте ги производите што ги купувате. Ако има жапче како на сликата тоа е производ на Бил Гејтс и содржи црви, скакулци… како и вештачка храна за промена на хормони, пишува во постот.
На објавата се споделени две фотографии, на едната е логото на Алијансата за дождовни шуми, а на другата е споделен исечок од напис на српски јазик во кој се говори за неодамнешната набавка на Европската комисија на 325 милиони вакцини. Двете фотографии немаат никаква врска една со друга и се споделени заедно само да ја манипулираат јавноста.
Алијансата за дождовни шуми е реномирана меѓународна непрофитна организација посветена на зачувување на шумите. На нивното лого, односно печат, е нацртана жаба и тоа промовира колективна акција за луѓето и природата. Печатот овозможува да препознаете и изберете производи кои придонесуваат за подобра иднина за луѓето и планетата.
Доколку некој производ го има ова лого тоа значи дека содржи сертифицирана состојка, која е произведена со методи кои ги поддржуваат трите столба на одржливост: социјален, економски и еколошки. Независни ревизори ги оценуваат земјоделците во однос на барањата во сите три области пред да доделат или обноват ваков сертификат.
Жабата на логото има симболично значење, бидејќи овие животни се сметаат за биоиндикатори од страна на научниците, што означува здрава животна средина.
Спротивно на тврдењата дадени во објавата, нема докази кои сугерираат дека производите што го носат логото на Rainforest Alliance Certified содржат инсекти. Па, така, пред некое време од компанијата Нестле потврдија дека нивното чоколатце кит-кет, коешто го има печатот на Алијансата за дождовни шуми, не содржи никакви инсекти или бубачки.
Понатаму објавата упатува на филантропот Бил Гејтс, за кој се тврди дека производите коишто го имаат овој печат се негови. Ова не е вистина и ваквото тврдење е целосно неосновано.
Бил Гејтс или неговата фондација не донирале пари за Алијансата за дождовни шуми ниту оваа, ниту претходната година, односно последната донација била пред 15 години. На веб-страницата на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, каде што може да се најдат сите донации, стои дека фондацијата и донирала на Алијансата за дождовни шуми 5 милиони долари во далечната 2007 година за нивната работа во Африка за развој на земјоделството.
Од друга страна, пак, ниту Алијансата за дождовни шуми, ниту Бил Гејтс немаат никаква врска со одлуката на Европската комисија за набавка на вакцини. Не е јасно зошто сите овие нафрлени информации се наоѓаат во една заедничка објава, освен доколку целта не е непотребно да се заплашува јавноста.
Ројтерс неодамна објави дека Европската комисија обезбедила купопродажни договори со Фајзер и неколку европски производители на лекови за да го резервира капацитетот за производство до 325 милиони вакцини годишно во случај на идна глобална здравствена вонредна состојба. Овој нов договор опфаќа mRNA, вакцини базирани на вектори и протеински вакцини и не се однесува на постоечките договори за вакцини против ковид-19.
Европската комисија соопшти дека Европа треба да биде подобро подготвена за идните здравствени итни случаи. Договорот гарантира дека компаниите се подготвени да одговорат на криза со одржување на нивните капацитети ажурирани и следење на нивните синџири на снабдување, „вклучувајќи складирање каде што е потребно. Доколку се прогласи нова вонредна состојба во јавното здравство, компаниите „брзо ќе започнат со производство“, се вели во извештајот.
Во објавата е направена една голема мешаница и манипулација со повеќе неточни тврдења, кои и меѓу себе не се поврзани и немаат логика. Според сите наведени факти заклучуваме дека логото на Алијансата за дождовни шуми не значи оти производите содржат инсекти и црви, Бил Гејтс нема никаква врска со ова лого, а набавката на вакцини што ја направи Европската комисија не е никако поврзано ниту со Гејтс, ниту со Алијансата на дождовни шуми.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар