Масовните медиуми не прогласиле „крај на Украина“, ниту пак, се виновни за жртвите од војната

Enrique Pixabay

Ниту масовните медиуми признаваат оти  „Украина заврши“,  ниту пак, новинарите се виновни што се изгубени илјадници животи во Украина, како што тврди објавата. Новинарите не ја поттикнаа воената инвазија во Украина, туку тоа го стори Русија, а Украина возврати поддржана во правото на самоодбрана од страна на западните партнери. Дополнително, самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски тврди за Ројтерс, дека Украина уште може да има резултати на бојното поле до крајот на годината и дека има конкретни насоки во кои се движи

Ниту масовните медиуми признаваат оти  „Украина заврши“,  ниту пак, новинарите се виновни што се изгубени илјадници животи во Украина, како што тврди објавата. Новинарите не ја поттикнаа воената инвазија во Украина, туку тоа го стори Русија, а Украина возврати поддржана во правото на самоодбрана од страна на западните партнери. Дополнително, самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски тврди за Ројтерс, дека Украина уште може да има резултати на бојното поле до крајот на годината и дека има конкретни насоки во кои се движи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Масовните медиуми конечно признават: Украина заврши. Секој што ви ја продаваше приказната за победата на Украина во изминатата година е или платен пропагандист или целосен СКАПАН идиот. Зеленски ќе заврши како и сите американски сојузници. Сега за нив има само уште еден: Никој. Над 550 илјади украински животи се изгубени поради корумпирани политичари и новинари од „кариера“. Срамота.

Не е точно дека 550 илјади украински животи се изгубени поради корумпирани политичари или новинари од кариера. Најпрвин, бројот на украинските жртви од војната е непознат. Различни извори соопштуваат различни бројки, но, кои се тoчните бројки не знае никој освен украинските власти, кои не ја објавуваат оваа информација. Исто како што руските власти не го објавуваат бројот на руските жртви. Настрана фактот што овде не е јасно на што се мисли – дали на жртвите од почетокот на воените дејствија во 2014 година или од почетокот на сеопфатната агресија од 24 февруари 2022 година. А, нема ни извор од каде е оваа информација. Во скео јслучај, причината не сам оза украинските, туку за сите жртви во оваа војна е во тоа што Русија спроведе инвазија врз Украина, која беше неиспровоцирана. И покрај тоа што е независна, суверена и демократска држава, Украина стана мета на Русија. Оваа инвазија најдиректно беше почувствувана од страна на Украинците кои претрпеа огромни штети и уште се борат за својата национална независност.

Импликациите од воената инвазија на Русија се чувствуваат надвор од границите на Украина и хоророт кој таа го доживеа. Тие се прошируваат во срцевината на современото меѓународно право и меѓународниот поредок кој тоа меѓународно право се обиде да го создаде. Станува збор за сериозноста на кршењето на забраната на употреба на сила, нарушување на територијалниот интегритет на земјите и базичното право на луѓето да ја одлучат својата политичка иднина. Владите во ЕУ ги признаваат овие принципи и затоа го поддржуваат правото на Украина да се брани.

Масовните медиуми не се учесници во војната од аспект на тоа да можат да повлијаат кој ќе биде победник во конфликтот. Станува збор за теренско и аналитичко новинарско известување кое се занимава со фактите и настаните кои актуелно се случуваат, кои новинарот не може да ги смени, ниту да ја предвиди иднината.

Воената инвазија на Русија врз Украина уште трае со неизвесен исход. Затоа, не е точно тврдењето во објавата што ја рецензираме дека „масовните медиуми конечно признаваат: Украина заврши“. Како што пишува Атлантскиот совет во текст објавен на 16 октомври, војувањето во Украина е далеку од завршено и војната најверојатно ќе продолжи и во 2024 година. Развојот на украинското бојно поле во 2024 година се очекува да зависи од бројни фактори, вклучително и геополитички, изборни циклуси, испорака на оружје и достапноста на муницијата.

Друг клучен фактор кој ќе ја одреди траекторијата на војната во 2024 година ќе бидат руските политички приоритети. Кремљ може да одлучи да ги задржи моментално окупираните територии. Алтернативно, Путин би можело да им нареди на своите командири да ја запрат офанзивната операција за да ја завршат окупацијата на четирите украински провинции кои беа официјално анектирани од Русија во септември 2022 година, пишува Атлантскиот совет.

И покрај обидот во објавата што ја рецензираме да се претстави Украина како губитник, тоа не е фактичка реалност со оглед на тоа што нема финиш на воените дејствија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ексклузивно интервју за Ен Би Си на 5 ноември годинава изјави дека војната не е во ќор- сокак.

Мислеа дека ќе не матираат, но тоа не се случи, рече Зеленски отфрлајќи ги неодамнешните сугестии на американски воени претставници дека војната влегла во ќор-сокак после 20 месеци жестоки борби.

Тој додаде дека војската на Украина смислува различни планови со различни операции со цел побрзо да оди напред и неочекувано да ја нападне Руската Федерација.

На 8 ноември годинава, Зеленски рече дека Украина уште може да испорача резултати на бојното поле. Според неговото излагање пренесено од Ројтерс, Украина ќе се обиде да има резултати на бојното поле до крајот на годината и Зеленски останува сигурен дека Киев на крајот ќе има успех во војната и покрај тешкотиите на фронтот.

Имаме план. Имам многу конкретни градови и конкретни насоки каде одиме. Не можам да ги споделам сите детали но имаме некои бавни чекори напред на југ, исто така имаме чекори на исток и тоа мислам дека се добри чекори во близина на регионот Керсон. Сигурен сум дека ќе имаме успех, но тешко е, рече тој.

Наспроти изнесеното во објавата дека губењето на животите во Украина било поради корумпирани политичари и новинари од кариера, новинарите не одлучуваат дали ќе има воена инвазија некаде, туку известуваат за веќе оформени ситуации од теренот. Новинарите не ја создаваат војната туку известуваат за неа. Западните држави кои ја поддржаа Украина во нејзиното право на самоодбрана, преку разни видови на помош, исто така, не се оние кои се виновни за убиените луѓе во Украина.

Доколку Украина не се брани, тогаш таа ќе биде територијално покорена односно окупирана, што таа одбива да ѝ се случи. Дополнително, како што во текот на воената инвазија повеќепати беше подвлечено, опасноста е дека Русија во случај на победа во Украина, не би останала само на Украина туку би постоела опасност да ги прошири своите воени дејствија и во други европски држави, на таков начин загрозувајќи го НАТО и ЕУ. Поради ова, НАТО ја засили својата одбранбена постава на границите и испрати јасна порака дека ќе ги штити своите членки и подготвена е како одбранбена алијанса да ги заштити своите членки, без да бара или да провоцира офанзивен конфликт.

Останатиот дел од објавата за тоа како ќе заврши Зеленски, е предвидување и не може да подлежи на фактичка проверка. Вистиномер не пронајде написи од релевантни и масовни медиуми во кои се известува дека „Украина заврши“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Ниту пак, било некакво „признание на масовните медиуми“. Како што претходно напоменавме, масовните медиуми ќе известат кога војната ќе заврши, но тие не ја создаваат, туку само известуваат за неа.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинитa.

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција