Монтирано видео дезинформира дека германска аукциска куќа организира уништување на руска уметност

Фото: Принтскрин видео

Постот шири невистини и споделува монтирано видео во коешто се злоупотребува брендот и кредибилитетот на телевизијата Еуроњуз. Еуроњуз  објави соопштение  дека видеото е лажно и дека не е графички обработено од самата телевизија,  а германската аукциска куќа „Боланд и Мароц“ потврди дека никогаш не било планирано да се одржи настан како опишаниот во оваа објава на Фејсбук

Постот шири невистини и споделува монтирано видео во коешто се злоупотребува брендот и кредибилитетот на телевизијата Еуроњуз. Еуроњуз  објави соопштение  дека видеото е лажно и дека не е графички обработено од самата телевизија,  а германската аукциска куќа „Боланд и Мароц“ потврди дека никогаш не било планирано да се одржи настан како опишаниот во оваа објава на Фејсбук

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто е објавено видео. Во описот на постот се вели дека се уништуваат руски уметнички дела од претходните векови, а приходите одат за поддршка на војската на Украина.

Потоа во постот се додава:

Еден ден луѓето со ужас ќе погледнат назад на овие времиња и ќе сфатат колку далеку залутале. Дали го направија истото по неиспровоцираната американска инвазија на Ирак, Либија, Сирија, Авганистан? Лицемери. На исто ниво се со ИСИС. Европски вредности.

Во видеото лажно се имитира известување на француска телевизија дека „германска куќа за аукции организира донаторска вечер за украинските вооружени сили, а дека учесниците поттикнуваат руската уметност да биде јавно уништена“. Во видеото се додава дека за аукцијата веќе биле објавени писма од Достоевски и рачно напишана музика од Чајковски. Според лажното видео, настанот е можност за цивилизираниот свет да изрази протест против руската агресија во Украина. Дури и лажно се цитира во видеото изјава наводно од аукциската куќа, која никогаш не била дадена, а во која се вели дека тие изјавиле „дека Русија се дискредитирала самата себе со воената агресија во Украина и дека исчезнувањето на руската култура е логичен исход на тоа“.

Снимката го има логото на Еуроњуз, заедно со истиот фонт и графика која ја користи телевизијата во своето известување на социјалните мрежи. Еден пример може да погледнете на следниот линк.

Според фабрикуваното видео и извештајот во склоп на него, куќата за аукции „Боланд и Мароц“ поканила колекционери на уметнички дела да лицитираат за слики на руски уметници, дела од писатели и други антиквитети.

После продажбата сите тие ќе бидат јавно уништени, а собраните средства ќе бидат наменети за вооружените сили на Украина, се вели во фабрикуваното видео.

Но, медиумот Еуроњуз на Твитер објави соопштение обелоденувајќи дека видеото е лажно и дека не е графички обработено од самата телевизија.

Евроњуз ниту го продуцираше, ниту го објави ова видео. Нашата графика и формат се злоупотребени без наша дозвола. Преземаме чекори за да биде избришано од сите платформи и активно истражуваме од каде потекнува ова видео, се вели во објавата на Твитер на Еуроњуз.

Мрежата објави и текст за лажното видео.

И куќата „Боланд и Мароц“ издаде соопштение на својата веб-страница во кое се вели:

На интернет и на социјалните мрежи циркулира видео поврзано со името на Боланд и Мароц, за аукција на руска уметност. Ова видео е лажно, фалсификувано. Таква аукција каква што е опишана во видеото, нема да се случи. Боланд и Мароц, строго се дистанцира од ова видео и вџашени и лути сме што  е злоупотребено нашето име.

Вистиномер не го пронајде видеото коешто се споделува во постот што го рецензираме на страницата на Еуроњуз, ниту на нивните канали на социјалните мрежи, ниту пак, на веб- страницата на „Боланд и Мароц“.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот  е невистинит, а видеото е монтажа и злоупотреба на брендот и кредибилитетот на Еуроњуз. Еуроњуз не е креатор на видеото и извештајот, а германската аукциска куќа потврди дека никогаш не било планирано да се одржи настан како опишаниот во оваа објава на Фејсбук.


Qries

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција