Насловна на „Тајм“ стара 10 години погрешно претставена дека пропагира депопулација

Принтскрин на насловната страница на Тајм магазинот од август 2013

Тајм магазинот на својата насловна страница  од август 2013 година има прикажано наслов на текст, во чија содржина  воопшто не се говори за „нова пропаганда во насока на депопулација каде живот без деца е идеален живот без обврски“. Дури и луѓето претставени во текстот иако немаат деца, имаат исклучиво многу обврски поврзани со кариерата и професиите, како и вклученоста во социјалниот живот. Во написот не се пропагира  дека не треба да се има деца, туку се прикажани животите на оние кои решаваат да немаат деца во општество кое поставува прашања за нивните избори и ги притиска на различни начини

Тајм магазинот на својата насловна страница  од август 2013 година има прикажано наслов на текст, во чија содржина  воопшто не се говори за „нова пропаганда во насока на депопулација каде живот без деца е идеален живот без обврски“. Дури и луѓето претставени во текстот иако немаат деца, имаат исклучиво многу обврски поврзани со кариерата и професиите, како и вклученоста во социјалниот живот. Во написот не се пропагира  дека не треба да се има деца, туку се прикажани животите на оние кои решаваат да немаат деца во општество кое поставува прашања за нивните избори и ги притиска на различни начини

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува насловна страница од магазинот „Тајм“ и се вели:

Новата пропаганда во насока на депопулација – животот без деца е идеален живот без обврски. Внимавајте што ви подметнуваат.

Вистиномер го пронајде текстот од Тајм и станува збор за напис и насловна страница од 2013 година, стара дури десет години.

Во текстот се претставени статистички податоци за тоа дека стапката на раѓање во САД е најниската во американската историја (во времето на пишувањето на текстот, во 2013 година), пониска дури и од времето на големата депресија.

Од 2007 до 2011 година, стапката на раѓања се намалила 9 проценти. Извештај од 2010 година на Пју Рисрч покажува дека стапката на немање деца расте низ сите расни и етнички групи. Така, една во пет Американки нема деца споредено со една во десет жени колку што биле бројките во 1970 година. Дури и пред рецесијата во 2008 година, пропорцијата на жени од 40 до 44 години кои не родиле се зголемила од 10 на 18 проценти споредено со 1976 година. Овие статистики не се изразени во некои европски држави како Италија, каде речиси една четвртина од жените не родиле, но растот е драматичен и неочекуван, пишува во текстот на „Тајм магазин“ објавен на 12 август 2013 година.

Во текстот се претставуваат перспективи на повеќе жени кои одлучиле од една или од друга причина да немаат деца. Текстот на Тајм магазин е фокусиран на нивната страна од приказната, за притисоците од околината и општеството да се правдаат за нивната одлука, се опишува како овие жени го поминуваат времето, но се истакнува и дека главниот мотив да немаат деца бил тоа што им се допаѓа животот онаков каков што е.

Во текстот на Тајм магазин се говори и за тоа дека жените кои немаат деца се критикувани за својот избор, иако на дел од нив чувството им е дека ништо во животот не им недостасува. Овие критики особено се засилени кога постојат разни третмани против стерилитет, па така жените коишто решаваат да немаат деца, уште повеќе се изложени на острицата на критиките.

Овој текст, всушност, претставува социолошка анализа на состојбата односно на изборот да се нема деца и сите ефекти кои доаѓаат со таквиот избор. Во ниеден момент не се пропагира дека таквиот избор е правилен или дека треба да го прават сите жени, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме дека станува збор за „пропаганда во насока на депопулација“. Имено, во текстот на „Тајм“ како што и нагласивме во претходно, се презентирани статистики и само се регистрира тренд кој веќе постои.

Во него се говори за фактори кои придонесуваат за одложено мајчинство, како на пример, работата, кариерата и образованието, недостиг на посакуван партнер, а во меѓувреме се создава животен стил во којшто жените уживаат. Дури и се создаваат групи за дружење меѓу луѓето кои немаат деца. Во текстот на „Тајм“ е презентирано искуството она Лаура Скот, која создала документарен филм со наслов „Без деца, по сопствен избор“.

Да го направите овој избор, навистина мора да сте подготвени да ги менаџирате и да се носите со сите претпоставки кои ќе бидат правени за вас. Мора да сте спремни да го предизвикате „статус квото“, вели таа во текстот.

Друг извор во написот, Ерик Клингенберг,  вели дека е „најтешко во 30-те и во 40-те“ години, затоа што тогаш социјалната изолација е најголема меѓу луѓето без деца.

Она што луѓето секој ден го забележуваат е искуството, дека нивните пријатели само се повлекуваат во нивниот мал домашен свет. Тоа е стресна точка, а не тоа да се остари и умре сам, како што се плашат луѓето, туку самотијата кога пријателите имаат бебиња, вели Клингенберг.

Во текстот се споменуваат и перспективи односно размислувања на луѓе кои одлучиле да немаат деца поради презафатеност со кариерите, задоволство од животот онаков каков што е, чувство дека не можат да бидат стопроцентно посветени и одлични родители (а притоа препознаваат дека за добро родителство е потребно да се биде максимално посветен).

Професорката по демографија, Стефани Бохон, во анализата е цитирана на следниот начин:

Минатите 15 години на четири различни универзитети, прашувам студенти дали имаат намера да имаат деца. Сите креваат рака. Потоа ги прашувам зошто и никој нема одговор.

Тоа е она што социјалниот императив го прави, културната врева за мајчинството е константна и многумина од нас не ја ни забележуваат. Но, ако прашате жена во нејзините 30-ти или 40-ти која уште не родила, ќе ви каже дека амбиентот е опресивен. Производите почнувајќи од средства за чистење, до автомобили, се наменети за мајки.

Некои од изворите контактирани во објавата од 2013 година, кажуваат дека им е тешко што немаат што да споделат на социјалните мрежи бидејќи нивните пријатели постојано споделуваат фотографии од нивните деца. Во текстот се раскажува и за жена која се преселила во Нешвил да биде артистка, но не била пречекана од култура која поддржува живот без деца.

Конкретно во написот се споделуваат перспективите на жените кои одлучиле од какви било причини да немаат деца, и се прикажуваат различни аспекти на социјалната норма да се биде родител и како таа притиска врз овие жени. Се прикажуваат и статистички податоци според кои бројот на жени што решаваат да не раѓаат се зголемувал (сепак податоците се стари 10 години, од 2013 година како и самата насловна страница прикажана во постот што го рецензираме). Но, прикажани се и аспекти кои промовираат родителство, на пример во делот каде професорка кажува дека сите студенти од 4 универзитети на нејзиното прашање дали планираат да бидат родители одговориле потврдно.

Поради сите горенаведени факти, сметаме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Тајм магазинот на својата насловна страница  од август 2013 година има прикажано наслов на текст, во чија содржина  воопшто не се говори за „нова пропаганда во насока на депопулација каде живот без деца е идеален живот без обврски“. Дури и луѓето претставени во текстот иако немаат деца, имаат исклучиво многу обврски поврзани со кариерата и професиите, како и вклученоста во социјалниот живот. Во написот не се пропагира дека не треба да се има деца, туку се прикажани животите на оние кои решаваат да немаат деца во општество кое поставува прашања за нивните избори и ги притиска на различни начини.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција