Не е точно дека Италија почнала истрага за убиство против ексминистерот за здравство Сперанца

Фото: Принтскрин видео

Ексминистерот за здравство на Италија Роберто Сперанца повторно е мета на дезинформации, откако летоска беше ослободен од бесмисленото обвинение, дека наводно не вовел доволно строги ковид мерки во почетокот на пандемијата, па затоа имало повеќе смртни случаи. Сперанца, кој беше министер за здравство во времето на ковид пандемијата, не е под истрага за убиство или прикривање на смртни случаи поврзани со вакцината против ковид-19. Обвинителството нема покренато официјално обвинение против него, а неговиот адвокат доставил жалба за отфрлање на пријавата против него, за која ќе се одлучува наредните 90 дена и најверојатно пријавата ќе биде отфрлена

 

Ексминистерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца, повторно е мета на дезинформации, откако летоска беше ослободен од бесмисленото обвинение, дека наводно не вовел доволно строги ковид мерки во почетокот на пандемијата, па затоа имало повеќе смртни случаи. Сперанца, кој беше министер за здравство во времето на ковид пандемијата, не е под истрага за убиство или прикривање на смртни случаи поврзани со вакцината против ковид-19. Обвинителството нема покренато официјално обвинение против него, а неговиот адвокат доставил жалба за отфрлање на пријавата против него, за која ќе се одлучува наредните 90 дена и најверојатно пријавата ќе биде отфрлена

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Порано или подоцна вистината излегува на виделина.

Италијанскиот министер за здравство под истрага за убиство, прикривање на смртни случаи од вакцината за ковид 19.

Поранешниот италијански министер за здравство Роберто Сперанза е под истрага за убиства, откако мејловите открија дека знаел од почетокот на вакцинацијата дека боцките убиваат луѓе и им наредил на локалните здравствени власти да ги прикриваат смртните случаи и сериозните несакани ефекти за да ги уверат Италијанците за нивната безбедност и. да не ја загрози кампањата за вакцинација. Вакцинацијата беше дури и задолжителна за одредени професионални групи. Следствено, многу несакани ефекти, вклучително и фатални излегоа на виделина.

Па еве денес Роберто Сперанца е под истрага за лаги за кои тврди дека ги кажал за вакцините. Меѓу злосторствата за кои е обвинет се идеолошките лаги и убиствата.

Во склоп на објавата се споделува и видеоматеријал кој ги содржи истите наводи од пишаниот дел од објавата, меѓутоа збогатен со видеоснимки и каде се тврди оти медиуми известувале за Сперанца и дека бил обвинет за наводно криење на негативни последици од вакцината.

Меѓутоа, како што пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис, не е вистина дека Италија почнала истрага против поранешниот министер за здравство Роберто Сперанца за „убиство“ поврзано со администрацијата на вакцините против ковид-19. Во објавата што ја рецензираме се претерува, односно се преувеличува жалбата за која Јавното Обвинителство на Италија веќе препорача да се отфрли. Во видеото во склоп на објавата што ја рецензираме, се презентира документ за кој проверувачите на факти на Лид Сторис велат дека не може да се каже дека е веродостоен, а во кој Сперанца наводно бил додаден во регистарот на осомничени во канцеларијата на јавниот обвинител на Рим.

Сепак, додавањето некого во регистарот на осомничени, не значи дека Обвинителството решило да го гони Сперанца, ниту, пак, дека формално почнала некаква истрага, додаваат тие.

Медиумот Ла Република од Италија, го цитира адвокатот на Сперанца, Данило Лева кој на 23 ноември 2023 година кажа дека жалбата била препратена до судот на министри, со барање за архивирање.

Според Ла Република, канцеларијата на јавниот обвинител решила да не продолжи со истрагата.

Истиот ден Раи Њуз, сајтот на италијанскиот јавен сервис, објави текст со наслов „Ковид истрага, барање за отфрлање за ексминистерот Сперанца“.

Од процедурална гледна точка, судот на министри треба да донесе формална одлука, вообичаено во рок од 90 дена. Но, до времето на пишувањето на оваа рецензија (16.12.2023), нема кредибилни извештаи со обновени информации за овој случај. Затоа, да се тврди дека веќе е почната истрага, е претерување.

Претходно, во јуни 2023 година, Сперанца беше ослободен од обвинение во друг посебен случај поврзан со ковид-19. Судот тогаш одлучи дека Џузепе Конте и Роберто Сперанца не се виновни за над 6 илјади смртни случаи во Бергамо на почетокот од ковид пандемијата, односно дека не се виновни за лош менаџмент на пандемијата во нејзините почетоци. Судот во тој случај одлучи дека обвиненијата против Конте и Сперанца се неосновани.

Нема докази за поврзаност меѓу смртните случаи и тоа што не била проширена црвената зона. Сперанца ги вовел здравствените мерки кои што му биле предложени од експерти, мерки кои биле на сила на европско ниво и кои биле меѓу најрестриктивните. Затоа тој нема вина дека со несторување ја влошил пандемијата, рекоа тогаш од Судот.

Како што пишува Гардијан, Сперанца се изјаснил дека навистина направил сè во негова моќ во тие ужасни денови, за да го заштити здравјето на Италијанците и дека конечно вистината испливала на површина.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Поранешниот министер за здравство на Италија, Роберто Сперанца, кој беше министер за здравство во времето на ковид пандемијата, не е под истрага за убиство или прикривање на смртни случаи поврзани со вакцината против ковид-19. Обвинителството нема покренато официјално обвинение против него, а неговиот адвокат доставил жалба за отфрлање на пријавата против него, за која ќе се одлучува наредните 90 дена и која најверојатно ќе биде отфрлена.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција