Не е точно дека Мараја Кери лажно се вакцинирала

Фото: Принтскрин видео

Тврдењата изнесени во оваа објава на Фејсбук – дека министерот за здравство Венко Филипче примил лажна вакцина исто како и пејачката Мараја Кери, ги оценуваме како невистинити и манипулативни. На датумот на којшто е објавен постот, министерот воопшто не се вакцинираше, тој тоа го стори 21 ден подоцна. А, иглата којашто е искористена за да се имунизира Мараја Кери, е безбедносна и медицинска игла, во употреба години наназад, за разлика од онаа со која се врши споредба и која е немедицинска и не се користи за апликација на вакцини

 

Тврдењата изнесени во оваа објава на Фејсбук – дека министерот за здравство Венко Филипче примил лажна вакцина исто како и пејачката Мараја Кери, ги оценуваме како невистинити и манипулативни. На датумот на којшто е објавен постот, министерот воопшто не се вакцинираше, тој тоа го стори 21 ден подоцна. А, иглата којашто е искористена за да се имунизира Мараја Кери, е безбедносна и медицинска игла, во употреба години наназад, за разлика од онаа со која се врши споредба и која е немедицинска и не се користи за апликација на вакцини

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук објавен на 16 април 2021 година. Причината поради која е важно да се напомене кога е објавен постот е во тоа што во постот се тврди дека министерот за здравство Венко Филипче примил лажна вакцина. Вакцинирањето на Филипче, пак, беше закажано и се случи на 7 мај, дури 21 ден по објавата на постот во којшто е изнесен неточниот податок дека тој ,,примил лажна вакцина”.

Едноставно, до датумот кога е објавен постот немаше  вакцинација на министерот за здравство. Министерот Филипче во неколку наврати кажуваше дека ќе се вакцинира и ќе даде пример за граѓаните дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и развиени на безбедни платформи. Но, нагласуваше дека тоа ќе го стори кога ќе дојде поголема количина на вакцини, што и се случи со пристигнувањето на 200 илјади дози од кинескиот производител „Синофарм“.

Меѓутоа, ова не е единствената невистина што е изнесена во постот што е предмет на нашето проверување на фактите.

Мараја Кери како наш Венко Филипче прими лажна вакцина. Два пати со иста фора можеш да прелажеш само будала, па сега вие видете во која група припаѓате”, наведува авторот и споделува видео материјал на кој наводно американската пејачка Мараја Кери е ,,лажно вакцинирана” затоа што иглата која што е дел од шприцот, е премногу дебела.

МЕДИЦИНСКИ И НЕМЕДИЦИНСКИ ШПРИЦ

Овој шприц, како што се гледа од видеото – има игла која по вакцинацијата во рамото на Мараја Кери се повлекува. Тоа може да се забележи на 23 секунда. Потоа пејачката упатува порака до јавноста дека сите се заедно во ковид пандемијата и ги мотивира и охрабрува да се вакцинираат кога ќе бидат во можност. Веднаш потоа, на овој видеоматеријал е намонтиран друг видеоматеријал, на кој што е претставен шприц што не е медицински, а чијашто игла не се повлекува. Овој шприц има ваква игла затоа што тој не е медицински шприц. Значи, воопшто не станува збор за истиот вид на шприц, ниту пак, станува збор за ,,лажна” вакцинација на Мараја Кери.

Како што и претходно пишувавме, вакцинацијата против ковид-19 се прави со  безбедносни шприцови кои се користат како сигурносна мерка за да се заштитат медицинските работници случајно да не се боцнат од иглите кои може да бидат инфицирани со болести. Вакцинирањето преку вакви шприцеви е одобрено од Светската здравствена организација, се користи подолг период, нема никакво влијание врз количината на вакцина што некој ја прима и не се разликува од вакцинирањето со традиционална игла.

Шприцот со кој се врши споредба, не е ист како оној со кој е вакцинирана Мараја Кери, туку е немдеицински шприц, кој и порано се злоупотребуваше за да се фрли сомнеж врз процесот на имунизација.

Контекстот во кој што се споделува оваа дезинформација има големо значење. Светот е во фаза на имунизирање против ковид-19, па познатите личности од јавниот живот или од музичката сцена, го користат своето влијание за да му дадат кредибилитет и да ги осигураат граѓаните дека вакцинацијата е безбедна. Со манипулација и злоупотреба на овие нивни постапки, кои единствено имаат за цел да ја промовираат вакцинацијата како спас од пандемијата со ковид-19 на светско ниво, се прави штета врз процесот и се доведува јавноста во заблуда.

 

АПСУРДНИ ОБВИНУВАЊА

На 3 април Мараја Кери на своите профили на Инстаграм и Твитер сподели дека се вакцинирала. Вакцинацијата се случила во Центарот за интегрална и интегративна медицина во државата Џорџија.

Сервисот за проверка на факти на „Ројтерс“ стапи во контакт и со портпаролот на Мараја Кери кој изјавил дека пејачката ја примила вакцината, а обвинувањата дека вакцинацијата е лажна, ги оценил како апсурдни. И портпаролот на Центарот за интерна и интегративна медицина, исто така, во телефонски разговор за „Ројтерс“ потврдил дека на видеото е претставена безбедносна игла која се повлекува по апликацијата на дозата!

На петтата секунда од ова видео, во позадина се слуша глас кој вели:

Кога целосно ќе го повлечеш ова наназад, иглата ќе се повлече.

Oва коинцидира со тоа што го објаснува ОША (Администрацијата за безбедност и здравство на САД) за тоа како функционираат безбедносните шприцови.

Откако ќе се употреби иглата, со дополнително притискање, иглата се повлекува во шприцот отстранувајќи го ризикот од тоа некој да е изложен на таа игла, наведуваат тие.

Поради сите горенаведени факти, тврдењата во постот што го рецензираме дека министерот за здравство Венко Филипче примил лажна вакцина, исто како и Мараја Кери, ги оценуваме како невистинити и манипулативни. На датумот на кој што е објавен постот, министерот воопшто не би можел да се вакцинира, поради тоа што тоа го стори 21 ден подоцна. А иглата којашто е искористена за да се имунизира Мараја Кери, е безбедносна и медицинска игла, во употреба години наназад, за разлика од онаа со која се врши споредба која е немедицинска и не се користи за апликација на вакцини.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција