Не е точно дека ниту еден политичар Албанец не упатил божиќна честитка до Македонците

Тврдењето изнесено во објавата дека „ниеден од клучните албански фактори дали биле позиција или опозиција воедно и од исламска вероисповед не прати честитка за Божиќ до Македонците“, не е точно. Фактите говорат поинаку, а тоа лесно може да се провери доколку се посетат официјалните Фејсбук страници на албанските политичари

Тврдењето изнесено во објавата дека „ниеден од клучните албански фактори дали биле позиција или опозиција воедно и од исламска вероисповед не прати честитка за Божиќ до Македонците“, не е точно. Фактите говорат поинаку, а тоа лесно може да се провери доколку се посетат официјалните Фејсбук страници на албанските политичари

 

 

Објава на Фејсбук тврди дека ниту еден од клучните албански фактори, ниту од позиција, ниту од опозиција, не пратил честитка за Божиќ до Македонците.

Тоа е тоа лицемерие и дволичност за соживот, ниеден од клучните албански фактори дали биле позиција или опозиција воедно и од исламска вероисповед не прати честитка за Божиќ до Македонците т.е православните христијани!!! Не сме ние тие националисти како што зборат они само си ја сакаме нашата мајка Македонија..….тие се најголемите националисти и манипулатори на Балканов и Европа!!!, стои меѓу другото во објавата.
Тврдењето дека ниту еден политичар Албанец не упатил честитка до православните христијани по повод празникот Божиќ, не е точно. Имено, доколку ги погледнете  нивните Фејсбук-профилите, ќе видите дека дел од нив објавиле божиќни честитки.
Така, на пример, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во својата честитка по повод Божиќ, пишува:
Среќен Божиќ на сите верници од православна вероисповед!
Нека вашите семејства бидат благословени со светлината на мирот, здравјето и среќата!
Овие празнични моменти нека бидат инспирација за делење добрина и за продлабочување на солидарноста и почитта меѓу нас!

Претседателот на Собранието Талат Џафери, исто така, на својата официјална Фејсбук страница, го честиташе православниот празник Божиќ.

Среќен Божиќ на сите православни верници! Нека празникот, со сето свое волшепство рефлектира топлина во овие зимски денови, нека ги грее срцата со човештво, солидарност, взаемна почит и разбирање меѓу сите граѓани, и меѓу оние што го слават овој голем празник, и меѓу оние што изразуваат почит кон него, стои во честитката на Џафери.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи го честиташе празникот Божиќ.

Честит Бадник и Божиќ! Ви посакувам среќни празнични денови меѓу своите сакани, пишува на официјалната фејсбук страница на Османи.

Честитка по повод божиќните празници упати и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кој е дел од опозицискиот блок на партиите на Албанците.

На сите верници од православна исповест – Честит Божиќ. Мирот и божјата милост нека бидат лајтмотив на овој празник. Среќно!, напиша Гаши.
Тврдењето изнесено во објавата дека „ниеден од клучните албански фактори дали биле позиција или опозиција воедно и од исламска вероисповед не прати честитка за Божиќ до Македонците“, не е точно. Фактите говорат поинаку, а тоа лесно може да се провери доколку се посетат официјалните фејсбук страници на албанските политичари. Очигледно е дека објавата има за цел политички да поентира и да манипулира, притоа поттикнувајќи етничка нетрпеливост. Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција