Не е вистина дека Бил Гејтс пушта комарци да не боцкаат со отрови и вируси

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс со години вложува ресурси во борбата против маларијата, вклучително и за развој на вакцини, сепак  Фондацијата Гејтс не финансирала никакви активности што вклучуваат ослободување од комарци во САД. Иако, Фондацијата навистина ја поддржала биотехнолошката компанија „Окситек“, која ослободува модифицирани комарци во Флорида како дел од иницијативата за контрола на болеста, портпаролот на компанијата изјавил дека нејзината работа во САД не е финансирана од Фондацијата Гејтс. Наездата од комарци во Скопје, пак, е предизвикана од тигрестиот комарец, а карактеристични за овој вид инсекти се нивната агресивност, упорност, фокусираност на „пленот“, касаат и по неколкупати и имаат болни убоди

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс со години вложува ресурси во борбата против маларијата, вклучително и за развој на вакцини. Сепак, Фондацијата Гејтс не финансирала никакви активности што вклучуваат ослободување од комарци во САД. Иако, Фондацијата навистина ја поддржала биотехнолошката компанија „Окситек“, која ослободува модифицирани комарци во Флорида како дел од иницијативата за контрола на болеста, портпаролот на компанијата изјавил дека нејзината работа во САД не е финансирана од Фондацијата Гејтс. Наездата од комарци во Скопје, пак, е предизвикана од тигрестиот комарец, а карактеристични за овој вид инсекти се нивната агресивност, упорност, фокусираност на „пленот“, касаат и по неколкупати и имаат болни убоди

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека милијардерот Бил Гејтс преку комарци ќе го боцка населението со отрови и вируси, како што го правел тоа со мРна вакцините за време на ковид пандемијата. Ова не е точно, во објавата се споделени повеќе дезинформации.

Чичко Били преку комарците си најде замена за мРнка боцките!

Деновиве сите се жалат на зголемено присуство на комарци а надлежните не реагираат!

Замислете само што се може да пренесе комарец во вашата крв, маларија е детска играчка во однос на она што некои зли души кои имаат реална моќ можат преку комарците да ни испорачаат: разни отрови, лабораториски вируси и дури она на кое се спротивставивме да ни биде вбризгано за време на пандемијата, пишува во објавата.

Богатството на сопственикот на Мајкрософт, Бил Гејтс му овозможува да инвестира во различни проекти низ целата планета. Дел од овие проекти јавноста, а особено јавноста на социјалните мрежи, ги оценува како контроверзни и ова го прави Гејтс честа мета на теории на заговор. Една од тие теории на заговор е дека милијардерот преку комарци ќе нè боцка со отрови и вируси, како што го правел тоа со вакцините против ковид-19.

Кога ќе се спомнат Бил Гејтс и вакцини и кога тоа ќе се склопи во објава која потоа се шири на социјалните мрежи, се добива плодна почва за креирање теории на заговор и дополнителни контроверзии околу името на овој милијардер.

 

Дали и каква врска има Бил Гејтс со комарците?

Комарците убиваат околу 830.000 луѓе годишно низ светот. Тоа ги прави посмртоносни од кое било друго животно на Земјата. Според Светската здравствена организација, со маларија, која се шири преку каснување од женски комарци, се заразуваат повеќе од 200 милиони луѓе годишно, а убива скоро 500.000, од кои повеќето се деца. Затоа, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс со години вложува ресурси во борбата против болеста, вклучително и грант од 150 милиони долари во 2014 година за развој на вакцини.

Иако Фондацијата Гејтс обезбедува финансирање и поддршка за борба против маларијата, таа не финансирала никакви активности што вклучуваат ослободување од комарци во САД.

Фондацијата навистина ја поддржала биотехнолошката компанија „Окситек“, која ослободува модифицирани комарци во Флорида како дел од иницијативата за контрола на болеста, но портпаролот на компанијата изјави дека нејзината работа во САД не е финансирана од Фондацијата Гејтс.

Генетските модифицирани машки комарци, креирани од „Окситек,“ се пуштени во природата за да се парат со женките (кои касаат и пренесуваат болести) и ќе им  пренесат на своите потомци „самоограничувачки“ ген наменет да ги убие идните генерации женски комарци пред да станат полнолетни.

Овој проект има за цел и намалување на употребата на пестициди кои се користат за истребување на комарците, а може да се штетни за останатиот жив свет.

Дека проектот не е штетен, ниту претставува каква било опасност за човештвото, говори фактот што тој е одобрен од Агенцијата за заштита на животната средина на САД, Одделот за земјоделство и потрошувачи на Флорида, како и од Центрот за контрола на болести на САД.

 

Наездата од комарци е предизвикана од тигрестиот комарец

Овие комарци, кои сѐ повеќе ги има во главниот град, се црни со бели линии, прилично агресивни и нападни, со поинтензивни, но и повеќекратни убоди. Станува збор за видот азиски тигрест комарец кој, како што говори и името, потекнува од азиските предели.

Карактеристични за овој вид инсекти се нивната упорност, фокусираност на „пленот“, касаат и по неколкупати и имаат болни убоди.

Тоа е нов вид комарец кој во своите плунковни жлезди има протеини кои имаат поразличен состав од нашите автохтони комарци и затоа прави поголеми проблеми. Досега нема случаи на болести појавени поради каснување од комарец. Има случаи само на алергиски реакции и црвенила на кожата, објаснува Николина Соколовска, медицински ентомолог, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје, во текст на СДК.мк објавен на 25 јануари ова година.

„Нова Македонија“ уште минатата година пишуваше за тоа дека авиодезинсекцијата не ги дава потребните резултати и токму затоа треба не треба да се врши, факт што го потврдија и експертите.
Според експертите, овој вид комарци освојуваат територии, па затоа можат да се забележат на нови локации.

Ги има на локации каде што има повеќе влага, зеленило и вода. Освојуваат територии, се прошируваат и затоа ги има и на локации каде што досега ги немало…

Треба надлежните служби да направат нов оперативен план со зголемена површина на третирање. Да се исклучи авиодезинсекција над населено место, бидејќи не дава задоволителни резултати од многу причини, пред сѐ од биологијата на комарците, особено тигрестиот, посочува Соколовска во изјава за Нова Македонија (19.09.2022)

Дека залудно се врши авионско прскање против комарци смета и епидемиологот професор д-р Драган Даниловски. Според него, авионското прскање во населените места ги уништува само комарците во воздух, но не и ларвите. Па затоа, секое лето во Скопје врие од комарци, граѓаните се жалат на каснувања и чешање, кои може да предизвикаат и алергиски реакции

Авионското прскање не може да биде успешно и треба да се укине, затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви. Авионско прскање треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди. Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата, изјави неодамна  д-р Даниловски за СДК.мк

Зголемениот број комарци е очекувано нешто и се должи на глобалното затоплување, порастот на населението и урбанизацијата.

 

Со вакцините не нè боцкаа со отрови и вируси

Една од најголемите теории на заговор за време на пандемијата со коронавирусот беше тврдењето дека преку вакцините луѓето се заразуваат со вирусот и дека се трујат со отрови.

Вакцините не содржеа ниту отрови, ниту преку нив можеше некој да се заболи со вирусот. Овие тврдења Вистиномер во многу наврати ги дебанкираше како неточни.

Од сите наведени факти заклучуваме дека во објавата којашто е предмет на оваа рецензија неточно тврди дека Бил Гејтс пушта комарци да не боцка со отрови и вируси, како што правел со вакцината против коронавирусот.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција