Не постои чудотворен лек за инвалидитет и зглобови

Фото: Принтскрин ФБ пост

Станува збор за уште една лажна реклама. Не постои чудотворен лек кој лекува инвалидност и зглобови. Со куп измислени интeрвјуа, лажни лекари, студенти иноватори, измислени ликови, фотошопирани фотографии се рекламира медицински препарат како чудотворен лек. Овој лек не е регистриран во Регистарот на лекови во земјава, а го нема ниту во аптеките

Станува збор за уште една лажна реклама. Не постои чудотворен лек кој лекува инвалидност и зглобови. Со куп измислени интeрвјуа, лажни лекари, студенти иноватори, измислени ликови, фотошопирани фотографии се рекламира медицински препарат како чудотворен лек. Овој лек не е регистриран во Регистарот на лекови во земјава, а го нема ниту во аптеките 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која лажно се рекламира чудотворен лек за зглобови. Во рамките на објавата се споделува текст (полн со јазични грешки), во којшто се тврди дека со употреба на Celedrine крем се лекува инвалидитет.

Ова е лажна реклама којашто ги доведува граѓаните во заблуда. Кога ќе се кликне на текстот или на копчето „Дознај повеќе“ се појавува измислена приказна, дека македонски студент измислил чудтоворен лек за зглобови.

Лагата оди дотаму што се споделени фотографии, како наводниот студент Драган Петровски бил во инвалидска количка, а потоа откако го измислил лекот проодел дури е фотографиран на скијање.

Во текстот стои:

Драган успеа да излекува втор степен на остеоартритис на коленото за само 10 дена.

Еден од учесниците во неговите истражувања, Горан, исто така постигна одлични резултати:

Горан излекува отеченото колено со методот на Драган. Дури и професорите на Драган беа шокирани од неговиот нов метод.

Ова се измислени ликови и приказни.

Кога ќе се пребара на Гугл „Драган Петровски студент“, се открива дека се работи за алумни студент на Академијата за Software Testing кој започна да ја гради својата кариера во ИТ светот како QA Software Tester Intern во компанијата IT Labs.

Кога ќе се пребара фотографијата се открива дека е многу едноставно фотошопирана. Лицето кое е во инвалидска количка е Daymien Sim (лево), лице со церебрална парализа. А, десната фотографија, пак, на кој има млад човек на скии, може да се најде на едно место на Интернет и таму стои дека станува збор за мексикански студент за кој се вели дека измислил лек за валгус на колено (состојба во која потколениците на стојат исправено, туку се свртени нанадвор). Воопшто не е невообичаено огласувачите на лажни лекови исти фотографии да ги употребуваат во различни држави во различен контекст и во еден оглас лице на фотографијата да има една улога, а во друг оглас наменет за друга публика во друга држава да има сосема поинаква улога. каков што е случајот овде.

Станува збор за продажба на крем Celadrin, што се продава на интернет со спонзорирани лажни реклами и измислени интервјуа на сомнителни фејсбук страници. Ова не е лек и го нема на листата на Регистарот на лекови во земјава, а го нема ниту во аптеките. Во лажното интервју нема ниту збор за составот на кремот, ниту пишува која компанија го произведува.

Кога ќе се разгледа Фејсбук страницата којашто го продава лажниот лек ќе се види дека нема никакви информации, ниту објави. Ниту адреса, седиште, фирма и контакт.

Истата крема, како чудотворен лек се рекламира и продава на куп лажни страници и корисници на Фејсбук, но со различни измислени приказни.

Ја има и овде и овде, но со друга приказна како некој лик кој нема име и презиме, бил немоќен инвалид, за кој лекарите немале лек, па на интернет ја нашол Celedrin и се спасил и од болки и проодел.

Во самиот текст кој е полн со измислици има безброј печатни, литературни и граматички грешки. Делува како да е пишуван со помош на вештачка интелигенција, како на пример со алатката Chat GPT.

Измислениот лек, негде е опишан како крема негде како гел, што дополнително потврдува дека се работи за измама.

Celedrin се продава и на оваа Фејсбук страница. Но, во оваа споделена приказна се тврди дека лекот го измислил легендарниот иноватор од Скопје, Македонија – д-р Венко Дулевски.

Таков иноватор – лекар во земјава не постои.

Споделени се и фотографии од наводниот лекар, но доколку се пребараат со алатката Image search ќе се види дека и тие се злоупотребни. Истите слики, други страници ги користат за продажба на други ревматолошки креми, а истиот лик е претставен со друго име како германски ревматолог д-р Маркус Шнајдер Шеф.

Истата лага ја има и на оваа Фејсбук страница.

Доколку се пребара на Гугл поимот Celedrin ќе се види дека има голем број препарати капсули, кремови, гелови. Медицински препарати – додаток во исхрана, а не чудотворен лек.

Продажба на медицински препарати кои се рекламираат како чудотворни лекови и мамат голем број корисници на социјалните мрежи, за жал доста често се случува. Неретко се злоупотребуваат и имиња на познати лекари, јавни личности, наводни лични приказни на измислени ликови.

Лекарската комора ги предупреди граѓаните да внимаваат какви препарати купуваат на интернет и дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би наштетиле на нивното здравје.

Поради горенаведените факти овие објави ги оценуваме како невистинити..

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција