Не се случи ветениот старт на изградбата на Универзална сала

На 01.10.2017 г. Шилегов на јавна трибина пред Универзална сала, вети дека ќе ја врати во живот и ја запеа песната „Скопје, радост ти ќе бидеш“ Фото: Принтскрин колаж

УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА СЕ ВРАЌА ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ, МЛАДОСТ ТИ ЌЕ БИДЕШ!

Универзалната сала беше омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан. Денес, Универзална е запоставено и безживотно место, наспроти нејзиниот сјај во минатото. Иако најавувана во повеќе наврати, нејзиното ревитализирање не се случи. Се сеќаваме на времето кога Универзалната сала беше дом на фестивалот „Златно славејче“.

Веднаш го почнуваме процесот за изградба на салата, според најсовремените стандарди за безбедност, техника, за удобност на гледалиштето и за пристап до салата

[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Скопје за сите“ (стр.28), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, за време на предизборието за локалните избори (октомври 2017 г.),  како кандидат на СДСМ за челната позиција во главниот град, на скопјани им вети дека веднаш по добивањето на градоначалничкиот мандат ќе стартува процесот за изградба на Универзална сала.  Во  врска со овој објект во изборната прграма со која Шилегов излезе на локалните избори „Живот во Скопје за сите“ (стр.28),   е наведено: Веднаш го почнуваме процесот за изградба на салата, според најсовремените стандарди за безбедност, техника, за удобност на гледалиштето и за пристап до салата“, и ова негово ветување досега е неисполнето .

Две недели пред локалните избори, на 01.10.2017, Шилегов на јавна трибина пред Универзална сала, вети дека ќе ја врати во живот и  ја запеа песната „Скопје, радост ти ќе бидеш“. На 25 октомври 2017 година тој официјално  ја презеде градоначалничката функција  од неговиот претходник Коце Трајановски, кој беше градоначалник на  Скопје осум години.  Во изминатите речиси четири месеци откако Шилегов стана градоначалник, нема никакви информации дека се спроведени  активности околу најавениот старт на  „процесот на изградба на Универзална сала“.   До денот кога е пишуван овој текст  (06.02.2018)  на локацијата кај Универзална сала не се почнати градежни работи за овој објект.

Шилегов не ја спомена Универзална сала во отчетот за сработеното во првите 100 дена од од мандатот. Деневиве (03. 02. 2018 г.)  на специјално свикана прес-конференција  Шилегов ги презентираше резултатите и најважните активности во првите 100 дена,  како и дел од плановите и поважните проекти кои се предвидени  за наредниот период, но за Универзална сала не кажа ниту збор.

Инаку,  за „РЕКОНСТРУКЦИЈА, ДОГРАДБА И НАДГРАДБА НА ОБЈЕКТОТ НА КОНГРЕСНИОТ ЦЕНТАР АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ (УНИВЕРЗАЛНА САЛА)“,  но со почеток на градба во 2020 година, за локалните избори се заложи и противкандидатот на Шилегов, Коце Трајановски во неговата  предизборна програма  (стр.5).

Треба да се каже и дека објектот „ Универзална сала“, односно како што сега официјално се вика „ Јавна установа Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје“, е затворен од 2015 година.

 

ВМРО – ДПМНЕ  ПРЕД ДЕСЕТ ГОДИНИ ВЕТИ ОБНОВА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА 

Обновата на Универзална сала  се најавува речиси една деценија. Ветувањето за реконструкција на „Универзална сала“ со извесни модификации  се повторува  во  повеќе изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од 2008 година. За првпат се споменува во  Програмата на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012): Преродба во 100 чекори надградена и проширена (стр. 179), каде се предвидува „Реновирање на Универзалната сала во Скопје“ , со рок на реализација 2012 година.

Три години подоцна, пред предвремените парламентарни избори во 2011 година, ВМРО-ДПМНЕ  вети: „Реконструкција на Универзалната сала или изградба на нов објект по пат на јавно-приватно партнерство“ , со рок на реализација 2014 година ( во Манифестот  за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) – Култура и уметност, стр. 250).

Во предизборието за предвремените парламентарни избори во 2014 година,  ВМРО-ДПМНЕ вети   „Изградба на конгресен центар со Универзална сала и со три помали сали“ ( Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Поквалитетен живот за сите, стр 322).

Во декември 2013  година тогашната министерка  за култура Елизабета Канческа – Милевска  соопшти дека  „новата концертна сала што ќе се гради на местото на сегашната Универзална ќе биде во форма на јајце, ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории.“

Во фервруари 2016 година,  ексминистерката  Канческа – Милевска и  тогапниот градоначалникот на град Скопје,  Трајановски изјавија дека нема да се гради нов објект на Универзална сала, туку истиот ќе се реконструира и надградува.

Овој проект што го изработи  Градежен институт „Македонија “ е готов, но како што јави „Макфакс“ во август минатата година (2017), „Министерството за финансии, со ребалансот, ги укина парите за обновата предвидени во буџетот за 2017 година и изградбата на Универзална слала  влезе во политички игри“:

Во буџетот за 2017 година за Универзална сала биле предвидени 35 милиони денари. Од нив во првите четири месеци од годинава се потрошени 11.200.000 денари за потребите за проект за изградба на нов објект. Тие се веќе исплатени, а преостанатите пари се укинати оти Министерството за култура оценило дека се работи за проект што не е реализиран и не е во нивна надлежност “ (изјавија од Министерството за финансии за Макфакс)

Во ноември 2017 година „Призма“  напиша дека градежен институт „Македонија“ побарува сума од над 200.000 евра за изработка на основниот архитектонски проект, а спорот треба да се решава помеѓу Конгресниот центар „Александар Македонски“ и Министерството за култура, кое требало да ги исплати средствата. Во написот се пренесени ставови од новите  раководства  на Град Скопје и на  Министерството (предводени од СДСМ) во кои се вели  дека тие „не ја напуштаат идејата за реконструкција на Универзална сала“,  но дека „ќе бараат рационални и сериозни решенија“.

 

* Забелешка:

Изборното ветување за обнова на Универзална сала (дадено од ВМРО-ДПМНЕ) „Вистиномер“ го анализираше во мај 2011, во април 2014  и во февруари 2016 година.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција