Недоследно: Нема да се гради нов објект на Универзална сала

Фото: Принтскрин

Изградба на конгресен центар со Универзална сала и со три помали сали. Продолжување на реализацијата на овој проект со кој Скопје ќе добие нов, мултифункционален репрезентати- вен центар каде што ќе се реализираат разновидни програмски содржини и голем број активности од областа на културата и уметноста. (Рок 2018 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградбата на ново репрезентативено здание на местото на Универзална сала во Скопје е недослено ветување на владејачката партија.

Ваков проект (реновирање, или пак, изградба на нов објект збогатен со други содржини) ВМРО-ДПМНЕ ветува повеќе од осум години. Поточно,  „Универзална сала“ е еден од проектите којшто се повторува (со извесни модификации) во три изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ. За првпат се споменува во  Програмата на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012): Преродба во 100 чекори надградена и проширена (стр. 179), каде се предвидува „Реновирање на Универзалната сала во Скопје“ , со рок на реализација 2012 година.

Три години подоцна, пред предвремените парламентарни избори во 2011 година, владејачката партија вети: „Реконструкција на Универзалната сала или изградба на нов објект по пат на јавно-приватно партнерство“. Во Манифестот за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Култура и уметност, стр. 250), за ова пишува:

Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие нов репрезентативен центар каде што ќе се реализираат разновидни програмски содржини и голем број активности од областа на културата и уметноста. Носител: Локална установа – Универзална сала – Скопје. [Рок: 2014 година]

Во предизборието за предвремените парламентарни избори во 2014 година,  ВМРО-ДПМНЕ вети  проект „Изградба на конгресен центар со Универзална сала и со три помали сали“ ( Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Поквалитетен живот за сите, стр 322).

Инаку, на 20.08.2012 година владиниот портпарол изјави дека Владата комплетно ќе ја реконструира и ќе ја догради Универзалната сала во Скопје, за што се одвоени 400 милиони денари, пари од буџетот Според тогашните предвидувања, проектот требаше да се реализира во период не подолг од 18 месеци од почетокот на градбата (средина на 2014), која би почнала кон крајот на годината или почетокот на наредната (2012 – 2013)  [Пристапено на: 02.04.2014] [Ажурирано: 25.02.2016]

На 15.03.2013 година министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска изјави дека Универзална сала нема да се реконструира, туку на нејзино место ќе се гради нова сала. Како што тогаш рече министерката, Министерство почнало подготовки за конкурс за идејно решение по завршување на локалните избори.

Анализите покажаа дека доколку при реконструкција се врши зголемување на количеството на челичната и бетонската конструкција, објектот не ќе може да ја прифати тежината затоа што е изграден пред 47 години. Такви дополнителни количини на арматура и бетон, според општите параметри, може да се поставуваат на објекти стари до 50 години. Освен тоа, ако се оди со реконструкција, не ќе може да се зголеми бројот на седишта во салата, кои според потребите се планира да бидат од 2.500 до 3.000. (Канческа – Милевска)

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, тогаш  изјави дека проекцијата на буџетот дозволува да се планира изградба на нов објект.

Тоа ќе го предвидиме во буџетите за следните две-три години. Се работи за повеќегодишен проект во реализацијата и согласно фискалната стратегија и проекциите за буџетските приходи и растот на економијата во следните години, направивме детаљна анализа и оценивме дека буџетот на Република Македонија ќе има доволно средства за реализација на овој значаен, капитален проект, во функција на граѓаните на Скопје и на Македонија (Ставрески)

На 04.12.2013 година Министерката за култура  соопшти дека е избрано идејното решение за новата концертна сала која ќе се гради на местото на сегашната Универзална. Таа ќе биде во форма на јајце, ќе има голема сала со 2.500-3.000 седишта, мала сала со околу 300 места и административни простории. [Пристапено на: 02.04.2014] [Ажурирано: 25.02.2016]

Речиси три години подоцна, односно на 18.02.2016 година, министерката за култура  Канческа – Милевска и градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски изјавија дека нема да се гради нов објект на Универзална сала, туку истиот ќе се реконструира и надградува.

Тогаш кога се донесе одлуката сметавме дека е добро да се изгради нов објект Конгресна сала и други пропратни содржини, но кога се доби самата проектантска сума верувам и вие ќе се согласите дека сумата е доста висока. Мислам дека правилна одлука донесовме, во интерес на самата моментална економска состојба.(Канческа -Милевска)

Според ова, може да се констатира дека ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на нов објект на Универзална сала е  недоследно.

 

* Забелешка: Ова изборно ветување Вистиномер го анализираше во мај 2011 и во април 2014 година.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Силвана Жежова

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција