Нема чудотворен лек за варикозни вени

Фото: Sabine van Erp auf Pixabay

Ова е уште една лажна реклама за чудотворен лек. Се рекламира некаков гел VeinVital, воедно се споделува измислено искуство на личност која се претставува како Моника. За гелот за којшто се тврди дека лекува проширени вени за само една недела, нема наведено состав, ниту пак, е одобрен лек во земјава и го нема во Регистарот на лекови. Лекарите укажуваат дека проширените вени се сериозна здравствена состојба и за нив е потребен соодветен третман

Ова е уште една лажна реклама за чудотворен лек. Се рекламира некаков гел VeinVital, воедно се споделува измислено искуство на личност која се претставува како Моника. За гелот за којшто се тврди дека лекува проширени вени за само една недела, нема наведено состав, ниту пак, е одобрен лек во земјава и го нема во Регистарот на лекови. Лекарите укажуваат дека проширените вени се сериозна здравствена состојба и за нив е потребен соодветен третман

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се рекламира чудотворен лек за варикозни (проширени) вени.

Во постот стои:

Исчезнување на Варикозни Вени – Веднаш!

Откријте брзо делување со нашата природна метода.

Ефикасно и безболно решение од удобноста на вашиот дом.

Забележете разлика веднаш, без потреба од операција.

Откријте Како Веднаш да Се Ослободите од Варикозни Вени!

Ова е уште една лажна реклама за чудотворен лек.

Се рекламира некаков гел VeinVital, воедно се споделува текст- измислено искуство на личност која се претставува како Моника. За маркетиншкиот трик да биде поуспешен се вели дека гелот се нуди со неверојатен попуст од 4.800 ден за 1.290 ден.

А со цел повеќе луѓе да наседнат на измамата, под текстот објавен на „Блогот на Моника“, споделени се и лажни искуства од измислени личности, кои потврдуваат дека го купиле лекот и тврдат дека ги излечиле проширените вени.

За гелот за којшто се тврди дека лекува проширени вени за само една недела, нема наведено состав, ниту пак, тој е одобрен лек во земјава и го нема во Регистарот на лекови.

Страницата којашто го рекламира гелот е сомнителна, креирана  е во ноември 2023 година, а освен рекламата нема никакви други објави. Нема контакт телефон, адреса, производител, ниту фирма.

Вариозните вени претставуваат извртени, наголемени, отечени вени. Најчесто од овој проблем се зафатени вените на долните екстремитети.

Проширените вени се сериозна здравствена состојба и за нив е потребен соодветен третман, советуваат лекарите.

Проширените вени се многу повеќе од козметички проблем. Ако не се лекуваат, залистоците што протекуваат може да предизвикаат згрутчување и воспаление (тромбофлебитис) во вената. Таа состојба доведува до васкуларни оклузии и респираторна инсуфициенција кои се движат од оклузија во белите дробови (пулмонална емболија) до смрт поради руптура на згрутчување, пишува на официјалната страница на болницата Аџибадем Систина. 

Постојат различни медицински третмани, зависно од состојбата на пациентот.

Постојат повеќе интервентни начини (склеротерапија, ласер терапија, венска аблација итн.) за санирање на проблемот со проширени вени, но во продолжение ќе се фокусираме на превенцијата и на начините со кои самите можете да си помогнете при проширени вени. Промените во животниот стил се дел и од конвенционалната медицинска терапија (исхрана и физичка активност) за варикозни вени, пишува на официјалната страница на д-р Митов.

Лажните реклами за лекови со измислени изјави, искуства и интервјуа на социјалните мрежи станаа секојдневие. Затоа граѓаните треба да бидат исклучително внимателни да не купуваат непроверени лекови без консултација на лекар.

Нехумано е алтернативните лекови и додатоци во исхрана, за кои нема научни докази дека лекуваат одредени состојби  да се продаваат како чудотворни лекови.

Поради горенаведените факти оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција