Нема докази дека Лојд Остин барал руската војска да не ги лови тенковите „Абрамс“

Фото: pixabay.com

Не постои ваква изјава од Лојд Остин на ниту еден медиум. Наводната изјава ја има на форумот Редит, но под неа е забрането да се коментира од страна на администраторот, затоа што не постои извор за истата, односно сомнежите на заедницата на Редит се дека станува збор за невистинита, измислена изјава

Не постои ваква изјава од Лојд Остин на ниту еден медиум. Наводната изјава ја има на форумот Редит, но под неа е забрането да се коментира од страна на администраторот, затоа што не постои извор за истата, односно сомнежите на заедницата на Редит се дека станува збор за невистинита, измислена изјава

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Американскиот министер за одбрана, апелира до Русите да не ги ловат американските тенкови Абрамс, како што тоа го прават со германските Леопард. Почитувајте ги правилата, бидете нежни со нашите тенкови.

Потоа се споделува фотографија од секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин и над неа пишува:

 Играјте според правилата. Главното лице на Пентагон побара од руската војска да не ги лови тенковите Абрамс. Повторувањето на ситуацијата со германските Леопарди е неприфатлива, кога беа фатени, ги видов тие повици. Играјте според правилата – американски секретар за одбрана Лојд Остин.

Но, не постои ваква изјава од Лојд Остин на ниту еден медиум.

„Вистиномер“ ја пронајде наводната изјава на форумот Редит, но под неа е забрането да се коментира од страна на администраторот, затоа што не постои извор за истата, односно сомнежите на заедницата на Редит се дека станува збор за невистинита, измислена изјава.

На 26 септември 2023 година, Ројтерс објави дека Кремљ е на став дека тенковите Абрамс за Украина, не може да ја променат ситуацијата на бојното поле.

Кремљ во вторникот соопшти дека доставата на Абрамс тенкови од САД за Украина нема да ја променат состојбата на бојното поле. Запрашан за ова на брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков кажа дека руските вооружени сили константно се адаптираат на употребата на нови видови на оружје во она коешто Москва го нарекува „специјална воена операција во Украина“.

Сето ова на никаков начин не може да влијае на исходот. Не постои ниту еден вид на оружје што може да го промени балансот на силите на бојното поле, изјави тој, а пренесе Ројтерс.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во вторникот изјави дека Абрамс тенковите испратени од САД веќе пристигнале во Украина. Тие беа главното барање на Киев и Вашингтон конечно во јануари понуди повеќе од 30 вакви тенкови.

Тенковите Абрамс се сериозно оружје, но запомнете што кажа претседателот за другите тенкови, произведени во друга држава. И овие, Абрамс тенкови ќе изгорат, рече Песков мислејќи на други тенкови доставени во Киев како германските Леопарди и британските Челинџери.

За оваа изјава на Песков Ројтерс официјално извести, а непосредно откако Песков ја даде оваа изјава на неа се надоврзаа измислици дека американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ги молел Русите да не ги напаѓаат донираните тенкови од САД во Украина. Остин нема дадено ваква изјава и ниеден сериозен медиум нема пренесено слично тврдење, и покрај тоа што, сериозните масовни медиуми од целиот свет професионално и во повеќе наврати известуваа за доставата на тенковите Абрамс од САД во Украина.

Така, на 19 септември, Гласот на Америка пренесе вистинска изјава од Остин во врска со овие тенкови.

Во известувањето на Гласот на Америка пишува:

Секретарот Лојд Остин во вторникот извести дека Абрамс тенковите ветени од Пентагон, наскоро ќе пристигнат во Украина и дека обидите да се тренираат украинските пилоти со Ф16 авиони се прошируваат на начин што се планира да се вклучи тренинг во САД. Зборувајќи на почетокот на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина водена од САД во Германија, Остин ги поттикна сојузниците да ѝ дадат на Украина системи за воздушна одбрана кои ѝ се потребни бидејќи Русија цели на инфраструктура како пристаништа и објекти за жито. Остин рече дека руските напади надвор од бојното поле, предизвикаа невидено човечко страдање и се закана за сигурноста на светот за достава на храна. Контакт групата која вклучува околу 50 нации, не се фокусираше само на краткотрајните потреби на Украинската армија, туку и на обезбедување помош за Украина ‘да изгради кредибилни, подготвени воени сили  на долг рок’, изјави Остин.

Шефот на Пентагон, исто така, како што извести Гласот на Америка, го поздрави учеството на новиот министер за одбрана на Украина, Рустем Умеров, кој доаѓа на местото на Олексиј Резников.

Ќе останеме сплотени, ќе останеме цврсти, ќе останеме решени да ја браниме Украина и да одржиме свет каде агресијата не се исплаќа, рече Остин.

На ниту еден официјален медиум, не постои изјава од Лојд Остин во која апелира руската војска да биде нежна кон американските тенкови.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме го оценуваме како невистинит.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција