Нема докази дека слаткиот пелин ја убива короната

Сладок пелин на продажба на скопските пазари. Фото: Вистиномер CC BY

Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири паушални и непоткрепени информации дека мешавина од ракија и сладок пелин е ефикасен лек против ковид 19. СЗО уште во мај 2020 предупреди дека е потребно да се испита ефикасноста и нуспојавите од лековитите растенија, како слаткиот пелин. Објавувањето вакви и слични постови на социјалните мрежи може да има негативен ефект врз лекувањето на коронавирусот, а со тоа да му се наштети и на јавното здравје

Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири паушални и непоткрепени информации дека мешавина од ракија и сладок пелин е ефикасен лек против ковид 19. СЗО уште во мај 2020 предупреди дека е потребно да се испита ефикасноста и нуспојавите од лековитите растенија, како слаткиот пелин. Објавувањето вакви и слични постови на социјалните мрежи може да има негативен ефект врз лекувањето на коронавирусот, а со тоа и да му се наштети и на јавното здравје 

 

Пост на Фејсбук  ja дезинформира јавноста дека постои „многу ефикасен, едноставен лек кој го убива коронавирусот во еден ден, а во рок од три дена се губат сите симтоми без разлика дали имате благи симтоми или сте со тешки симтоми“. Но, фактите говорат дека досега (19.12.2020) не е откриен ефикасен лек за ковид 19 .

Во постот којшто во моментот на нашата анализа има околу 40 интеракции (реакции, коментари и споделувања), се вели:

Во што се состои овај толку едноставен ефикасен „лек”? Еве вака е направен почетно и што е важно. Важно е да имаме што почиста ракија односно двојно дестилиран алкохол, што во основа е етанол и дестилирана вода. Тие кои е печат ракијата знаат дека тоа е препечена ракија. Но важно е да биде чиста без никакви примеси на тревки или буриња, за ваков или онаков вкус или пак боја. Важно е да е без никакви примеси. Во едно литро ракија се става благ пелин (artemisia annua). Овај пелин цути еднаш во годината. Тие кои го берат знаат кој е. Не е ливадски, не е див пелин. Туки исклучиво artemisia annua, благ пелин. Колку е доволно за едно литро. Па сѐ зависи дали е свежо набран или е сушен. На пример ако е свежо набран доволно е едно цело стебло, без корен (само стебло без корен) со се листови и цутови во едно литро ракија. Ако е исушен тогаш можеби две до три стебла пак без корен со се цутови и лисја. Колку е доволно све зависи од вкусот кој може да го толерирате. После 24 саати може да го консумирате но секогаш цедете го и остатокот вратете го во шише. Ако сте инфицирани доволно е една мала ракиена чаша по три пати во денот, наутро, напладне и навечер. Така три четири дена, се вели меѓудругото во постот.

Постот содржи паушални и неиздржани информации, бидејќи, како што е познато, засега нема ниту еден ефикасен лек за коронавирусот, а тоа го потврдуваат здравствените власти.

Насекаде во светот има многу клинички студии кои испитуваат, ние знаеме дека специфичен и посебен лек за оваа болест нема. Се прави комбинација на постојни терапии за други болести или согласно симптомите коишто ги дава оваа болест. Мора да знаеме дека има навистина широка лепеза на симптоми со коишто оваа болест може да се манифестира. Во таа смисла апелирам да секој еден пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување, апсолутно само под контрола на лекар да прими соодветна терапија, изјави неодамна министерот за здравство, Венко Филипче.

Европската агенција за лекови (ЕМА), во јуни 2020 година препорача „ремдесивир“ да биде одобрен како терапија за ковид-19 и тоа е прв таков лек што доби препорака од агенцијата за користење во Европа.

Според препораката на ЕМА, лекот кој се продава под називот „Веклури“ треба да биде како терапија за пациенти со КОВИД-19 постари од 12 години, на кои им е потребен дополнителен кислород. Европската комисија сè уште не го одобрила лекот, но тоа вообичаено е само формалност.

Во октомври 2020 година и американската Агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри „ремдесивир“ за лекување на ковид 19.

Набрзо потоа, во ноември 2020 година, СЗО ја суспендираше употребата на „ремдесивир“, бидејќи беше утврдено дека тој не помага во лекувањето на ковид 19.

Што се однесува до лекот од пелин посочен во постот како „многу ефикасен лек против ковид-19“, СЗО уште во мај 2020 г. предупреди дека е потребно да се испита ефикасноста и нуспојавите од лековитите растенија, како сладкиот пелин што се рекламира како потенцијален лек за ковид 19.

Ваквата реакција на СЗО дојде откако претседателот на Мадагаскар, Ендру Ражоелина во април 2020 година промивираше лек за новиот коронавирус на база на сладок пелин. Во изјавата за националната телевизија ТВМ, Ражоелина рече дека хербалниот лек „Covid Organics“, што го развил Институтот за применети истражувања од Мадагаскар (IMRA), ги поминал клиничките тестови и е подготвен.

Во јуни 2020 година, министерката за образование на Мадагаскар, Ријасо Андриманана беше сменета од функцијата, откако изјави дека на студентите ќе им купи слатки за да можат да го измијат „горчливиот вкус“ на чајот од пелин, за кој претседателот на оваа земја тврди дека е лек против коронавирусот.

Министерката Андриманана претходно изјави дека ќе нарача слатки во вредност од 2,2 милиона долари што ќе се земаат заедно со тоникот од пелин, за што експертите предупредуваат дека е бескорисен во борбата против ковид 19, пренесе „Гардијан“.

На 9 септември 2020, Би-Би-Си објави анализа со факти во врска со лекот од сладок пелин и неговата ефикасност во лекувањето на ковид 19. Во анализата Би-Би-Си ја цитира СЗО:

Нема никаков доказ дека ова растение (се мисли на артемисија – сладок пелин), чиишто компоненти имаат ефект во лекувањето на маларијата, можe да помогне во борбата против ковид 19.

Германски и дански научници тестирале екстракти од растението артемисија ануа, за кои велат дека покажале одредена ефикасност против новиот коронавирус во лабораториски услови. Истражувањето – кое не е независно и е разгледано од други научници – откри дека овие екстракти покажуваат антивирусна активност кога се користат со чист етанол или дестилирана вода. Овие истражувачи работат со Универзитетот во Кентаки за да извршат клинички испитувања врз луѓе во одредена фаза.

Кина спроведува свои тестови, базирани на традиционални лекови кои користат растение артемисија ануа.

И научниците во Јужна Африка прават лабораториски тестови за артемисија ануа и друга сорта на растението – артемисија афра – околу нивната ефикасност против ковид 19. Но, сè уште нема резултати.

Од сето ова може да се заклучи дека нема докази дека слаткиот пелин  е лек за коронавирус. Неговите својства и ефекти во борбата против ковид 19 се испитуваат, но досега нема никакви резултати.

Објавувањето вакви и слични постови на социјални мрежи може да имаат негативен ефект во лекувањето на коронавирусот, а со тоа можат да наштетат и на општото јавно здравје. Секој лек во терапијата против ковид 19 treba да се зема исклучиво во консултација со лекар и никако на своја рака.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција