Ниту има наплив од ковид заболени, ниту, пак, тие се заразуваат од прскање со авиони

Фото: Pixabay.com

Од средината на септември досега, бројките на новозаболени во земјава се двоцифрени, односно ситуацијата е стабилна и бројките се намалуваат. Нема „наплив на нови заболувања” како што се тврди во објавата. Во вториот дел од објавата се става знак еднаквост меѓу коронавируост и прскањето со авиони, односно се инсинуира дека оние кои имаат симтоми на вирусот се всушност отруени од прскањето. Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“ и е стара повеќе од две децении. Иако се направени истражувања од научната заедница, не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различни од вообичаените траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови

Од средината на септември досега, бројките на новозаболени во земјава се двоцифрени, односно ситуацијата е стабилна и бројките се намалуваат. Нема „наплив на нови заболувања” како што се тврди во објавата. Во вториот дел од објавата се става знак еднаквост меѓу коронавируост и прскањето со авиони, односно се инсинуира дека оние кои имаат симтоми на вирусот се всушност отруени од прскањето. Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“ и е стара повеќе од две децении. Иако се направени истражувања од научната заедница, не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различни од вообичаените траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови

 

 

На Фејсбук објава се тврди дека има наплив од заболени од коронавирусот и дека тоа се должи на прскањето со авиони. И двете информации се неточни.

Во објавата на Фејсбук се вели:

Napliv na zaboluvanja od kovidot bile zabelezani………
Serioznooooo?
Ami posle nekolku dnevnite prskanja….

Првиот дел од објавата тврди дека биле забележани наплив на заболувања од коронавирусот. Ова не е вистина. Бројките на новозаболени во последниот период не надминуваат двоцифрени бројки. За време на изминатиот викенд (07.10.2022 – 09.10.2022) биле регистрирани само 72 нови случаи, објави Министерството за здравство на 10 октомври годинава.

Слична е ситуацијата од средината на септември досега, кога бројките на новозаболени се двоцифрени, односно ситуацијата е стабилна и бројките се намалуваат. Нема „наплив на нови заболувања” како што се тврди во објавата.

Во вториот дел од објавата се става знак еднаквост помеѓу коронавируост и прскањето со авиони, односно се инсинуира дека болните, односно оние кои имаат симтоми на вирусот се всушност отруени од прскањето со авиони.

Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше дека белите траги од авионите не значат дека  населението го прскаат со отрови, ниту пак со вируси.

Оваа теорија на заговор е позната како „кемтрејлс“ и е стара повеќе од две децении. Оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси. Поддржувачите на оваа теорија се убедени дека различни влади се обидуваат негативно да ѝ влијаат на климата или на човековото здравје со тоа што прскаат токсични хемикалии, со цел да предизвикаат намалување на бројот на жители на планетата.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни супстанции. Според ваквите верувања, нормалната трага од авионот треба бргу да се распрсне, па оттаму, облаците кои не исчезнуваат мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов – отрови.

Со теоријата на заговор за „кемтрејлс“ користена во постот, се инсинуира дека авионите нè трујат со хемиски супстанци односно отрови кои предизвикуваат симптоми карактеристични на ковид-19. Ова не е вистина. Иако се направени истражувања од научната заедница, не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различни од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кога летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Не постои никакво труење и распрскување отрови од авиони, ниту пак, тие можат да ги заразат луѓето со коронавирусот. Сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори и тоа од огромна височина 5 или 10 илјади метри. Познати се препораките за заштита од вирусот кои гласат дека треба да се практикува социјално дистанцирање од најмалку 2 метра, со оглед на тоа што вирусот се пренесува единствено преку респираторни капки. Поради ова, невозможно е луѓето да се заразуваат од вирус што се распрснува од височина од илјадници метри.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират неколку километри.

И во постот што го рецензираме, а и во сите објави кои ја шират оваа дезинформација, не се даваат никакви аргументи и докази за наводното прскање со авиони, освен тоа што самите авиони прелетуваат на небото и зад себе оставаат трага од кондензација која е погрешно интерпретирана како да е некаква отровна линија.

Ваквите тврдења и теории на заговор се одличен материјал, со цел на социјалните мрежи да се споделуваат заговорнички сценарија и со тоа да се крева паника кај населението и да се предизвика страв.

За време на последните, речиси три години, колку што трае ковид пандемијата, оваа теорија на заговор за наводно прскање отрови од небото преку авиони, беше злоупотребувана и за да се дезинформираат граѓаните дека ковид не е вирус, туку дека е последица токму на тие отрови. Ковид-19 не е измама и навистина постои, а постојат и последиците од заболувањето кои ги доживуваат голем број пациенти секој ден. Ковид е болест која е предизвикана од коронавирусот, кој, пак, е изолиран во лабораторија, со што се докажува неговото постоење.

Реалноста на постоењето на вирусот го потврдуваат секојдневните бројки на заразени и починати луѓе од вирусот, а тоа никако не е поврзано со запрашување од авиони како што се сугерира во постот што го рецензираме.

Според сите наведени аргументи, може да заклучиме дека двете тврдења во објавата се невистинити.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција