Низа невистини за пандемијата ковид-19 и манипулации за актуелната состојба

Фото: скриншот од манипулираната сторија на NBC news

Без никакви аргументирани тврдења, во објавата се манипулира со цитирана новинарска сторија од НБЦ њуз, при што се прави исмевање со тоа што на лекарите им било тешко да ги разликуваат актуелните симптоми на ковид 19 од други горно-респираторни заболувања, се манипулира дека позитивни на ковид биле и одредени храна и пијалоци, како и дека бројките на грип наеднаш исчезнале. Ништо од ова не е точно

Без никакви аргументирани тврдења, во објавата се манипулира со цитирана новинарска сторија од НБЦ њуз, при што се прави исмевање со тоа што на лекарите им било тешко да ги разликуваат актуелните симптоми на ковид 19 од други горно-респираторни заболувања, се манипулира дека позитивни на ковид биле и одредени храна и пијалоци, како и дека бројките на грип наеднаш исчезнале. Ништо од ова не е точно

 

Објава на Фејсбук манипулира и изнесува низа невистини поврзани со пандемијата на ковид-19.

ТЕШКО ИМ БИЛО ДА НАПРАВАТ РАЗЛИКА ПОМЕЃУ КОВИД, НАСТИНКА И АЛЕРГИЈА???
Иако го вртат дека сега ковид станал ендемски, како грипот, ќе си го имаме со нас и е со поблаги симптоми. Ама вакциничка обавезно да си тураме. Зборувавме дека симптомите се слични и дека со лажен тест се детектира “ковид”. Позитивни на “ковид” излегоа папаја, коза, кока-кола… Бројките за грип наеднаш ги снема. Милион зборови, докази….. Но, луѓето повторно си се плашеа, си се тестираа, си се боцкаа… Следната “пандемија” ќе покаже дали и што научивме, стои во објавата која ја анализираме.
Прво, не е точно дека со лажен тест се детектирал ковид и дека позитивни на ковид излегле папаја, коза и кока-кола, како што тврди објавата.
Како што „Вистиномер“ веќе има пишувано, ПЦР тестот не е наменет за во него да се тестираат примероци од храна и пијалоци, туку примероци од нос и од грло. Материјал од храна и пијалоци тестиран на ПЦР тест, не покажува позитивитет на ковид, како што се манипулира во оваа објава, ниту пак, значи дека тестот не детектира ковид, туку само значи дека во него се ставени несоодветни материјали, кои што имаат висока ПХ вредност и ја оштетуваат заштитната мембрана на тестот, што пак, ја прави видлива и втората линија и така се манипулира дека храната е „позитивна на ковид“, што, инаку, е бесмислица. Исто така, пишувавме и дека кока-колата не дава позитивен резултат на антигенски тест на ковид-19.

 

Во објавата понатаму се тврди дека бројките за грип ги снемало откако се појавил коронавирусот. И тоа не е точно. На пример, на веб страницата на Институтот за јавно здравје може да се најде извештај за состојбата со грипот за сезоната 2022/2023 година и тој е јавно достапен. Од извештајот, кој е направен заклучно со 21.05.2023, може да се види дека најмногу заболени од сезонски грип имало во јануари 202 година.

Извор: ИЈЗ на РСМ

Сите извештаи на ИЈЗ за состојбата со сезонскиот грип во земјава, вклучително и за 2022, 2021 и 2020  година, кога во државава имаше пандемија на ковид-19, можат да се најдат тука, што значи дека бројките за грип наеднаш не ги снемало, како што се тврди во објавата.

Понатаму, објавата ја става пандемијата во наводници, инсинуирајќи дека таа не била вистинска, а дека луѓето упорно се плашеле и се боцкале.

„Вистиномер“ досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број на објави на социјалните мрежи во кои беше пишувано дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја одзеде многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија. Во нашата земја од почетокот на ковид пандемијата, заклучно со 18.10.2022 година, дијагностицирани биле 343.722 лица, а починале 9.554 (објавено на платформата arcgis.com (GDI), врз основа на податоци од Министерство за здравство и Институт за јавно здравје).

Според Светската здравствена организација (СЗО) во С. Македонија, од 3 јануари 2020 година до 20  септември 2023 година, има 348.411 потврдени случаи на ковид-19, а 9.941 смртни случаи.

На глобално ниво, до 20 септември 2023 година во СЗО се пријавени 761.769.759 потврдени случаи на ковид-19, а регистрирани се и 6.784.181 смртни случаи.

Сите овие бројки не се само статистика, туку вистински луѓе. Неможно е да се манипулира со толкав број на заразени доколку ковид-19 не постоеше. Ширењето на вакви теории базирани на немедицински пристап, претставуваат опасност и се штетни за јавното здравје.

Покрај ова, со насловот – прашање во објавата и првата реченица, се манипулира содржината на сторија за ковид 19 објавена на НБЦ њуз, која пак е уредно прикачена со линк во објавата. Се иронизира со заклучокот на лекарите соговорници во сторијата и со нивните заклучоци.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата без никакви докази објавува дека пандемијата била лажна, дека позитивни на ковид биле храна и пијалоци, како и дека бројките на грип наеднаш исчезнале. Ништо од ова не е точно и поради тоа објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција