Новите мутации на коронавирусот не значат план за легално убивање луѓе

Фото: pixabay.com

Промената на коронавирусот и појавата на нови мутации се нешто нормално и очекувано и немаат никаква врска со некаков глобален план за легално убивање на луѓе и уништување на човештвото. Ваквите тврдења се целосни шпекулации, немаат никаква научна поткрепа и се споделуваат со цел да се дезинформира јавноста, a со тоа се загрозува и целокупното јавно здравје. Како и кај сите вируси, и коронавирусот ќе продолжи да се развива сè додека продолжува да се шири. Колку повеќе се шири вирусот, толку е поголем притисокот вирусот да се промени. Најдобриот начин да се спречи појавата на повеќе варијанти е да се запре ширењето на вирусот

Промената на коронавирусот и појавата на нови мутации се нешто нормално и очекувано и немаат никаква врска со некаков глобален план за легално убивање на луѓе и уништување на човештвото. Ваквите тврдења се целосни шпекулации, немаат никаква научна поткрепа и се споделуваат со цел да се дезинформира јавноста, a со тоа се загрозува и целокупното јавно здравје. Како и кај сите вируси, и коронавирусот ќе продолжи да се развива сè додека продолжува да се шири. Колку повеќе се шири вирусот, толку е поголем притисокот вирусот да се промени. Најдобриот начин да се спречи појавата на повеќе варијанти е да се запре ширењето на вирусот

 

 

Преку објава  на Фејсбук се тврди дека новите мутации на коронавирусот значат дека со тоа ќе се продолжи целосното легално убивање луѓе. Ова е неточна информација.

Повторното играње со к0р0нката и објавувањето на 4 нови мутации на вирусот, се „причината“ за продолжување на затворањето и целосно легално убивање луѓе.

Отпорот во секоја смисла е неопходен.

Ама, само сите!, се вели во постот.

Новите мутации на коронавирусот, кој веќе две и пол години „беснее“ ширум светот, не значат дека тоа некој го испланирал за легално да убива луѓе. Ваквите тврдења се теорија на заговор која е заснована на дезинформации за овој вирус кои се шират откако тој се појави на крајот на 2019 година.

Откако беше откриен, вирусот ковид-19 мутираше и менуваше форми. Новите генетски верзии кои постојано се појавуваат се нарекуваат соеви. Постојат неколку главни соеви како алфа, делта и омикрон и тие предизвикаа бранови на масовна инфекција.

Најновите подваријанти што ги загрижуваат експертите се БA.4 и БA.5 и се поврзани со сојот омикрон. Овој вид беше причина за бранот заболувања низ светот минатата зима. Светската здравствена организација (СЗО) ги стави овие подваријанти на списокот за следење оваа пролет, а европските здравствени лидери најавија дека треба да им се обрне внимание.

Двете варијанти се послични на БA.2 отколку на видот БA.1. Но, БA.4 и БA.5 носат свои уникатни мутации, вклучително и промени наречени L452R и F486V во вирусниот шилест протеин, што може да ја измени неговата способност да се приклучи на клетките домаќини и да ги намали некои имунолошки реакции.

Овие подваријанти првпат беа регистрирани на почетокот на годината во Јужна Африка и најверојатно се шират многу побрзо од другите. Во моментов овие подваријанти се регистрирани во повеќето европски земји и се чини дека ќе станат доминантни.

Во Америка властите велат дека се зголемува бројот на заразени, а причина за тоа се токму подваријантите BA.4 и BA.5.

Ова делумно се должи на слабеењето на имунитетот, но и поради фактот што вирусот мутира. Многу земји ги укинаа мерките за заштита од пренесување на коронавирусот, луѓето циркулираат повеќе, така што шансите за ширење на вирусот се поголеми.

 

Како мутираат вирусите?

Вирусите прават свои копии од себе за да се репродуцираат, но тие не се совршени во тоа. Во тој процес, се случуваат грешки кои го менуваат генетскиот отпечаток, што резултира со нов вид на вирусот. Ако ова му даде предност на вирусот за преживување, новиот вид ќе напредува. Мутациите во шилестиот (спајк) протеин можат, на пример, да ја зголемат заразноста на вирусот во однос на претходниот сој. Колку повеќе се шансите корона вирусот да прави копии кај нас – луѓето како домаќини, толку е поголема можноста за мутации.

Верзиите на Омикрон се високо преносливи и повеќе отпорни на вакцините, но предизвикуваат помалку тешки болести и помалку смртни случаи кај оние кои се имунизирани. БA.4 и БA.5 можеби се најпреносливите верзии досега. Во некои земји, тие подваријанти го заменуваат BA.2 приближно толку брзо како што BA.2 го замени оригиналниот Омикрон, објави Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство во неодамнешниот извештај.

Научниците веруваат дека Омикрон може да се шири толку брзо бидејќи е вешт да избегнува антитела произведени од вакцини и претходни инфекции. Тоа му овозможува брзо да се шири дури и кај високо вакцинираните популации.

Омикрон, исто така има пократок период на инкубација од другите варијанти. Луѓето кои се заразени со Омикрон обично развиваат симптоми само три дена по инфекцијата, во просек, во споредба со четири дена за Делта и пет дена за претходните варијанти.

Иако веројатно обезбедува заштита од тешки болести, имунитетот од претходни инфекции не ги спречува инфекциите со Омикрон. Првите индиции дека Омикрон може да го избегне имунитетот дојдоа од Јужна Африка, каде што научниците проценија дека најмалку 70 проценти од луѓето имале ковид-19 во одреден момент од пандемијата. Неочекувано голем дел од случаите на Омикрон вклучувале луѓе кои претходно биле заразени. Истражувачите процениле дека ризикот од повторна инфекција со Омикрон е околу петпати поголем од другите варијанти.

Неколку студии покажуваат дека целосната вакцинација, плус бустер, обезбедува силна заштита од инфекција со Омикрон, барем на краток рок. Меѓутоа, без засилувач, две дози на вакцина обезбедуваат многу помала заштита.

 

Мутациите на коронавирусот се очекувани

Мутациите на вирусот се нормални и очекувани, а не испланирани ниту тие ниту самиот вирус, како што се тврди. Не е вистина дека ковид-19 е измислен и испланиран за легално да се убиваат луѓе.  Нема никакви докази дека актуелниот коронавирус кој се појави во 2019 година е намерно креиран од некого за да биде искористен како биолошко оружје.

Впрочем, оваа пандемија не е прва во светот, човештвото памети и други пандемии предизвикани од вируси и во минатото. Коронавируост за првпат се појави во Кина на крајот на декември 2019 година. Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека генетскиот материјал РНК, на вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Ова е нов вирус кој претходно не е регистриран кај луѓето.

Ковид-19 или SARS- CoV-2, претставува дефиниран вирус. Tој според својата геномска структура припаѓа на родот бета-корона вируси. Сите хумани бета-корона вируси (SARS-CoV-2, SARS-CoV, и MERS-CoV) имаат слични карактеристики, но имаат разлики во нивната геномска и фенотипска структура, што ја менува патогенезата, односно симптомите и знаците на заболувањето, како и нивната сериозност.

Постојат повеќе извори и научни студии кои докажуваат дека вирусот SARS-CoV-2 e изолиран, но исто така е направено и комплетно секвенционирање на геномот на вирусот. Тоа значи дека комплетниот генетски материјал на вирусот причинител на ова заболување е изолиран од пациент и е докажано неговото постоење, како и неговиот уникатен генетски материјал што тој го содржи.

Вирусот и не е толку невидлив. Постојат фотографии направени со електронски микроскоп на изолирани вирусни партикли од заболен пациент, со кои и визуелно се докажува постоењето на овој вирус, како причинител на ова заболување.

Новите варијанти односно соеви се идентификуваат со геномика. Секвенционирањето на целиот геном е важен метод за генетско карактеризирање на вирусите со кој може да се направи споредба со други циркулирачки соеви и користи за да се потврди инфекцијата со специфична варијанта на вирусот и нејзините карактеристики.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести информира дека секвенционирањето на целиот геном може ефикасно да се користи за откривање на варијанти на вирусот кои можат да бидат загрижувачки, бидејќи претставува непристрасен пристап без потреба од претходно знаење за присуството на одредени мутации во вирусниот геном. Тоа е метод којшто бара ресурси и може да потрае неколку дена за генерирање резултати, во зависност од протоколот.

Како и кај сите вируси, и коронавирусот ќе продолжи да се развива сè додека продолжува да се шири. Колку повеќе се шири вирусот, толку е поголем притисокот вирусот да се промени. Значи, најдобриот начин да се спречи појавата на повеќе варијанти е да се запре ширењето на вирусот.

Промената на коронавирусот и појавата на нови мутации се нешто нормално и очекувано и немаат никаква врска со некаков глобален план за легално убивање на луѓе и уништување на човештвото. Ваквите тврдења се целосни шпекулации, немаат никаква научна поткрепа и се споделуваат со цел да се дезинформира јавноста, a со тоа се загрозува и целокупното јавно здравје.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција