Објектот на „Фајзер,“ погоден од торнадо, не е во Калифорнија и не произведува ковид вакцини

Фото: Принтскрин видео

Силното торнадо ја погоди Северна Каролина, а не Калифорнија, како што невистинито се тврди во оваа објава на Фејсбук. Во невремето не е комплетно уништена фабрика на „Фајзер“, туку  е оштетен магацин за специфични лекови кои се даваат на пациенти по пат на инфузии или инјекции. Исто така, овој објект не е на никаков начин поврзан со вакцините против ковид-19, туку со производство на други материјали круцијални во здравствената пракса во американските болници

Силното торнадо ја погоди Северна Каролина, а не Калифорнија, како што невистинито се тврди во оваа објава. Во невремето не е комплетно уништена фабрика на „Фајзер“, туку  е сериозно оштетен магацин за специфични лекови кои се даваат на пациенти по пат на инфузии или инјекции. Исто така, овој објект не е на никаков начин поврзан со вакцините против ковид-19, туку со производство на други материјали круцијални во здравствената пракса во американските болници

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал и се вели:

Торнадо уништи комплетно една фабрика на Фајзер во Калифорнија. Молитвите и клетвите по се изгледа функционираат, и тоа како.

Наспроти изнесеното во постот, силното торнадо кое минатата недела ја погоди Северна Каролина (а не Калифорнија, како што невистинито се тврди во оваа објава), не „уништи комплетно фабрика на ‘Фајзер’“, туку погон. Во невремето е оштетен магацин за специфични лекови кои се даваат на пациенти по пат на инфузии или инјекции, но таму не се чувале ковид-вакцини. Иако во постот, не се споменуваат експлицитно вакцините против ковид-19, сепак, прилично јасно се алудира на нив.

Дополнително и во приказните коишто се споделуваат во соседна Србија, а се невистинити,  циркулира наративот дека во актуелното торнадо биле комплетно уништени вакцините против ковид-19. Ова го споменуваме за контекстуализација на дезинформациските наративи после временската непогода во Северна Каролина, односно за да се сфати дека во регионот дури и елементарна непогода се користи за демонизирање на вакцините на фармацевтскиот производител „Фајзер“. Уште кога беше актуелна вакциналната кампања, но и по повлекувањето на пандемијата од ковид-19, вакцините на „Фајзер“ против ковид-19, претставуваа фокусна тема за ширење на различни дезинформации, полуинформации и митови – наративи чија цел беше да предизвикуваат сомнеж кај пациентите да не ги примаат.

За што, всушност, станува збор?

Силно торнадо од трети степен по скалата на Фуџита (што значи дека ветерот постигнал јачина од 266 километри на час) на 19 јули ја погоди Северна Каролина (а не Калифорнија) и во ова торнадо сериозно е оштетено складиште на  „Фајзер“. Но, фабриката на оваа компанија во Северна Каролина, не е комплетно уништена. Како што се наведува во официјалното соопштение од компанијата „Фајзер“ испратено после овој настан, торнадото во голема мерка оштетило дел од складиштето на нивниот производствен погон во Северна Каролина.

„Фајзер“ потврдува дека сите колеги се безбедни после торнадото кое оштети дел од нашето складиште во производствениот објект во Роки Маунт, Северна Каролина во средата, се посочува на почетокот на соопштението на компанијата.

Таму се произведуваат медикаменти кои им се даваат на пациентите по пат на инфузии, а некои од овие лекови кои се произведуваат во таа фабрика се за анестезија и антиинфективни лекови кои се користат против габични инфекции. Во соопштението се истакнува фактот што овој погон во Северна Каролина постои од 1968 година и е еден од клучните производители на медикаменти што се примаат по пат на инфузија, за американските болници. Во Роки Маунт моментално се произведуваат 25 проценти од сите стерилни инјекции на „Фајзер“ за вклучување во анестезија, како и антиинфективни и невромускуларни блокатори.

Фабриката е една од десетте производствени локации на „Фајзер“ во Соединетите Американски Држави. Во оваа фабрика не се произведуваат ковид вакцини.

„Фајзер“ денеска објавува дека веднаш преземаме мерки за поправка на штетата предизвикана во објектот во Роки Маунт, Северна Каролина, после силното торнадо коешто се појави во градот во средатана 19 јули. Сите 3.200 работници од овој објект се безбедни поради одлично спроведениот план за евакуација. Екипите непрестајно работат за да ја вратат електричната енергија, да го вратат интегритетот на структурата на зградаа и да ги преместат веќе произведените лекови во блиските места наменети за складирање, пишува во соопштението на „Фајзер“.

Додека траат поправките, местото ќе биде затворено.

„Фајзер“ е посветен брзо да го врати местото во целосна функција, бидејќи истото има круцијална улога за американскиот здравствен систем. Овие напори се во блиска корелација и соработка со комесарот на Агенцијата за храна и лекови на САД, Роберт Калиф, локални и федерални носители на функции. Најголемиот дел од штетата е предизвикана на магацинот во кој се чуваат сурови материјали, материјали за пакување и завршени лекови кои чекаат да бидат испратени откако ќе бидат проверени за квалитет. „Фајзер“ посветено работи за да ги префрли овие производи во други блиски складишта и да ги замени оштетените материјали со нови и неоштетени. По иницијалната проверка, не постои поголема штета на производствените простори каде што се произведуваат лековите, пишува „Фајзер“.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина оти торнадо „целосно уништило“ фабрика на „Фајзер“ во Калифорнија. Станува збор за оштетено складиште на „Фајзер“ во Северна Каролина, којашто се санира брзо, а дел од произведените медицински производи се пренесени во близок склад и не биле уништени. Исто така, овој објект не е на никаков начин поврзан со вакцините против ковид-19 , туку со производство на други материјали важни во здравствената пракса во американските болници.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција