Палевски не бил уапсен во Хрватска на 3 декември, ни на границата меѓу Турција и Сирија

Фото: Принткрин видео

Љупчо Палевски првоосомничен за две убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е уапсен во Турција на автопат. Не е точна информацијата дека на 3 декември бил уапсен во Хрватска, како и таа дека бил уапсен на граничен премин меѓу Турција и Сирија. Исто така, нема ниту потврда, ниту демант за тоа дали имал намера да оди во Белорусија, но има потврда дека таму не стигнал

 

Љупчо Палевски првоосомничен за две убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е уапсен во Турција на автопат. Не е точна информацијата дека на 3 декември бил уапсен во Хрватска, како и таа дека бил уапсен на граничен премин меѓу Турција и Сирија. Исто така, нема ниту потврда, ниту демант за тоа дали имал намера да оди во Белорусија, но има потврда дека таму не стигнал

 

 

Во пресрет на официјалната објава од страна на македонските истражни органи, дека е уапсен Љупчо Палевски, кој беше баран со потерница поради тоа што е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, повеќе медиуми шпекулираа со локацијата каде е тој уапсен и така беа направени неколку грешки.

Подоцна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски официјално обзнани дека Палевски бил уапсен во Баликесир, град во Турција. Официјалната информација од Спасовски за апсењето на Палевски дојде на 5 декември, доцна вечерта, кога во 22 часот и 30 минути МВР организираше прес- конференција по добиената потврда од турската полиција дека го лоцирале Палевски, го уапсиле и веќе е во притвор.

Сајтот Котлина, два дена порано на 3 декември објави напис дека Палевски бил уапсен во Хрватска, повикувајќи се на медиуми од соседството. Како што се потврди од прес-конференцијата на министерот Спасовски, одржана 2 дена подоцна на 5 декември, Палевски воопшто не ја избрал Хрватска за своја дестинација на патот кон Турција. Туку,  од Скопје за Белград го однел неговиот адвокат, кому Палевски му кажал дека оди на лекар, а потоа друг возач кој во моментот е во притвор и се сомничи за помагање по извршување кривично дело, го однел од Белград, преку Бугарија до Турција.Таа е рутата по која патувал Палевски, обзнанета официјално од МВР.

Но, во текстот на сајтот Котлина, објавен на 3 декември, два дена пред вистинското апсење на Палевски, се наведуваат работи кои не се точни. Прво, на 3 декември Палевски не беше уапсен. Апсењето никако не би можело да се случи во Хрватска, бидејќи тој таму воопшто не бил кога се упатил на пат од Скопје за Турција. Таа вечер, на 3 декември, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија испрати соопштение до медиумите во кое соопшти дека Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се пронајдени мртви, дека за тоа се осомничени 5 лица. Во ова соопштение е наведено дека ,,едно од петте осомничени лица е надвор од државата”. Не се наведува дека станува збор за Љупчо Палевски, таа информација беше подоцна обелоденета. Во секој случај, Палевски воопшто не бил во Хрватска на 3 декември и затоа не е точно објавеното дека таму бил уапсен..

Непосредно пред официјалната прес-конференција на која беше соопштено дека Палевски е уапсен, се прошири информацијата дека бил уапсен на граничен премин меѓу Турција и Сирија, што според исказот на министерот Оливер Спасовски не е вистина, бидејќи Палевски бил уапсен на автопат, движејќи се пеш. Тој тргнал со такси од Баликесир накај Истанбул, но на патот излегол од возилото и продолжил да се движи кон Баликесир. Министерот Спасовски рече дека најверојатно сметал оти така нема да биде фатен.

Нема ни потврда ни демант на информацијата дека крајната дестинација му била да отпатува во Белорусија, но таа можност не е отфрлена со оглед на тоа што дефинитивно бил упатен накај Истанбул, а потоа не се знае што му бил планот, односно нема дадено исказ. Дефинитивно е дека нема стигнато во Белорусија, дури и да имал намера, бидејќи е уапсен во Истанбул. Но, во придружната објава со видеото се индицира дека Палевски е во Минск: „Скопје – Белград – Истанбул- Минск: Најбараниот беглец е во Белорусија?!“, а во видеото се вели дека „авионската траса на Палчо е Беград-Истанбул, Истанбул-Минск“. Сега веќе е познато дека Палевски воопшто не користел авион, туку со возило пристигнал во Турција, каде што е и уапсен.

Поради сите горенаведени факти објавата во која се наведува дека Палевски е уапсен во Хрватска на 3 декември ја оценуваме како неточна, а останатите во кои се наведува дека е уапсен на гранични премини меѓу Турција и Сирија и дека е во Минск содржат делумно неточни. 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција