Папиломи и паразити не се лекуваат со чај

Фото: Adam Lapuník auf Pixabay

Од Институтот за јавно здравје велат дека паразитите се докажуваат во точно утврдена медицинска дијагностичка процедура по претходна симптоматологија, не е точно дека ги имаат сите луѓе и се докажуваат микроскопски, серолошки или со ПЦР тест зависно од нивниот вид. Во објавата што ја рецензираме невистинито се претставува дека чај од пет тревки е превенција и подобар „лек“ од хемиските лекови за паразити, што е невистина опасна по здравјето на луѓето. Сето ова е направено со лажно интервју од непостоечки лекар. За конкретниот чај има судска пресуда во којашто се утврдува дека тројца лекари биле злоупотребени со лажни интервјуа како наводно да го препорачуваат чајот Паразол, а тие никогаш не го препорачале

Од Институтот за јавно здравје велат дека паразитите се докажуваат во точно утврдена медицинска дијагностичка процедура по претходна симптоматологија, не е точно дека ги имаат сите луѓе и се докажуваат микроскопски, серолошки или со ПЦР тест зависно од нивниот вид. Во објавата што ја рецензираме невистинито се претставува дека чај од пет тревки е превенција и подобар „лек“ од хемиските лекови за паразити, што е невистина опасна по здравјето на луѓето. Сето ова е направено со лажно интервју од непостоечки лекар. За конкретниот чај има судска пресуда во којашто се утврдува дека тројца лекари биле злоупотребени со лажни интервјуа како наводно да го препорачуваат чајот Паразол, а тие никогаш не го препорачале

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

За да ги исфрлите паразитите од вашето тело и да ги отстраните папиломите веднаш престанете да јадете…

Кога ќе се пристапи до линкот од објавата, тој води кон интервју со наводно „еден од најдобрите инфектолози во Македонија, Марјан Донев“. Таков доктор инфектолог во земјава не постои, што се докажува со увид во шифрарникот на специјалисти објавен од страна на Фондот за здравствено осигурување.

Фотографијата со која е претставен наводниот „доктор инфектолог Марјан Донев“ кој не постои, всушност се продава за 24 евра во база на фотографии на интернет која може да ја погледнете тука.

Исто така, во текстот се даваат неточни и опасни медицински тврдења, кои се комплетно фабрикувани односно измислени и атрибуирани на непостоечко медицинско лице. Причината поради која се користи оваа криминална и неетичка маркетинг стратегија, е токму тоа што граѓаните им веруваат на медицинските лица, односно белите мантили предизвикуваат доверба, даваат кредибилитет и етаблираност, па така граѓаните сметајќи дека некој медицински професионалец им препорачува некој производ – всушност без да знаат се изложуваат на ризик по здравјето.

Во текстот фокусот е на папиломите, кои според наведеното можело да се спречи да прераснат во малигни формации, како и на паразитите, кои наводно „можело природно да се исчистат“. Најскандалозно во објавата е тоа што се зборува против хемиските лекови за лекување паразити, а кои фактички се единствените лекови за паразити кои се медицински одобрени од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства, бидејќи според медицината базирана на докази тие се и единствениот лек за ваква здравствена состојба. Од Институтот за јавно здравје велат дека паразитите се докажуваат во точно утврдена медицинска дијагностичка процедура по претходна симптоматологија, не е точно дека ги имаат сите луѓе и се докажуваат микроскопски, серолошки или со ПЦР тест зависно од нивниот вид.

Не е точно дека сите луѓе имаат паразити. Паразитите се докажуваат. Таман работа сите да имаме, тогаш сите ние што работиме во лабораторија би требало да сме полни со паразити. Тоа е лажна информација за да се продава производот. Тревките, чајчињата не се штетни по здравјето, но не се лек за паразити. Некој очигледно добро заработува од тие тревки. Но, да се тврди дека лекари го препорачуваат ова како лек, не е во ред и не е вистина. Медицината е базирана на докази. Паразитите се лекуваат со докажани лекови, за кои има пропишано дозирање, регистрирани се во Агенцијата за храна и лекови МАЛМЕД, доаѓаат со упатство за користење, изјави за „Слободен печат“ началничката на лабораторијата за паразитологија од Институтот за јавно здравје, доктор Снежана Цветковиќ која е специјалист по медицинска микробиологија и паразитологија.

Професор Никола Пановски чии лажни и непостоечки препораки претходно беа злоупотребени за да се продава истиот чај кој се промовира и во објавата што ја рецензираме, за „Слободен печат“ тогаш  изјави дека паразитите се исклучително ретки во градска средина и со чај не може да се исфрлат, туку со лекови кои се викаат антихеминтици, кои се регистрирани и се употребуваат со децении и се докажани во клинички испитувања.

Тие лекови ги препишува лекар на рецепт, само и исклучиво по доказ за присуство на паразитите и нивниот вид. Болестите со црви во развиениот свет се извонредно ретки. Ако се јават, даваат карактеристични симптоми и карактеристични промени во крвната слика. Се докажуваат јајченца или цисти од паразити во лабораторија. Доказ за излекување е исфрлање на мртвите црви и тении во изметот, рече доктор Пановски.

Рекламата од објавата што ја рецензираме се однесува на чај Паразол, кој во државата се внесува во категоријата храна и не содржи никакви медицински упатства – тврдења. Медицинските тврдења се наведени само во овие лажни рекламни објави, а кога клиентот ќе го добие пакувањето односно откако ќе го нарача, тој добива чај од неколку растенија или тревки. За конкретниот чај има судска пресуда во којашто се утврдува дека тројца лекари биле злоупотребени со лажни интервјуа како наводно да го препорачуваат чајот Паразол, а тие никогаш не го препорачале. Таков е случајот и со објавата што го рецензираме, во којашто е измислено медицинско лице со лажни препораки за производ кој нема докажано медицинско дејство особено не на начинот на кој се рекламира.

И во регионот „Фејк Њуз трагач“ и „Раскринкавање“ ја имаат разоткриено истата оваа шема која е актуелна во Македонија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција