Пентагон не размислува да ѝ испрати оружје на Украина за таргетирање на „аеродромите во Москва“

Пентагон Фото: pixabay.com

Заменик-министерката за одбрана Кетлин Хикс, во изјавата објавена од Гласот на Америка на руски јазик, вели дека „САД се подготвени да ја разгледаат можноста за снабдување на Украина со оружје со среден дострел”. Таквото оружје би можело потенцијално да се користи против некои од аеродромите во Русија, но никако против оние во Москва

 

Заменик-министерката за одбрана Кетлин Хикс, во изјавата објавена од Гласот на Америка на руски јазик, вели дека „САД се подготвени да ја разгледаат можноста за снабдување на Украина со оружје со среден дострел”. Таквото оружје би можело потенцијално да се користи против некои од аеродромите во Русија, но никако против оние во Москва

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека „Пентагон на Киев ќе му испрати оружје со кое ќе може да ги погоди аеродромите во Москва“. 

ПЕНТАГОН НАЈАВУВА: “НА КИЕВ ЌЕ ИМ ИСПРАТИМЕ ОРУЖЈЕ СО КОЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ГИ ПОГОДАТ АЕРОДРОМИТЕ ВО МОСКВА” – ШОКАНТЕН ПРЕСВРТ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА!?, пишува во постот.

Во постот е линкуван текст со идентичен наслов, како и објавата на Фејсбук.

Текстот се повикува на изјава на заменик-министерката за одбрана Кетлин Хикс, дадена на состанок со група воени набљудувачи, објавена од Гласот на Америка на руски јазик, а во која таа вели:

Да, ние ќе ги разгледаме сите видови на оружје кое Украинците го бараат со цел да им дадеме поголем дострел и растојание.

Се забележува дека заменик министерката за одбрана Хикс не ги споменува ни „аеродромите во Русија“, ни „аеродромите во Москва“, како што се тврди во потот и во насловот на текстот.

Новинарска констатација на почетокот на новинарскиот текст на ВОА е дека САД се подготвени да ја разгледаат можноста за снабдување на Украина со оружје со среден дострел, способно да ги нападне аеродромите во Русија.

И кога ќе се погледне оригиналниот текст кој е преведен од Гласот на Америка на руски јазик, се гледа дека заменик министерката за одбрана Хикс, не рекла дека „Пентагон на Киев ќе му даде оружје со кое ќе може да ги погоди аеродромите во Москва“.

САД се подготвени да ја разгледаат можноста за снабдување на Украина со оружје со среден дострел, способно да ги нападне аеродромите во Русија, пишува во текстот на ВОА на руски.

Директниот цитат од Хикс пренесен во текстот на ВОА гласи:

Да, ние ќе продолжиме да ги разгледуваме видовите оружје што ги бараат Украинците во смисла да им се даде малку повеќе дострел и растојание, рече Хикс, во одговор на прашањето дали Вашингтон ќе биде подготвен да ја истражи опцијата за пренесување оружје во Киев, потенцијално дозволувајќи погодување на воените аеродроми во Русија.

Во врска со ова, заменик министерката била прашана дали нејзините изјави значат дека САД се спремни да ја разгледаат можноста за снабдување на Украина со оружје со поголем дострел од оние што досега беа пренесени и таа одговорила потврдно. Покрај тоа, таа потврдила дека Америка ќе продолжи да доставува информации за украинските разузнавачки служби.

Знаеме дека разузнавачката поддршка што ја даваме е од витално значење. Украинците исто така јавно го кажаа тоа. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа, рече Хикс.

Тоа е севкупната содржина на преведениот текст од руски јазик од Гласот на Америка.

Сепак, во верзијата на македонски јазик, невистинито се тврди дека Пентагон ќе му прати оружје на Киев со кое ќе може да таргетира аеродроми дури во Москва.

Точното пренесување е дека не станува збор за оружје за таргетирање на Москва, туку на Русија. И тоа, не од страна на Хикс, туку новинарката на ВОА во своето прашање ја споменува Русија, односно руските аеродроми како потенцијален таргет. Не станува збор за Москва или московските аеродроми. Тие не се спомнати од никого.

Украина е оддалечена од Москва дури 1.177 километри. Сосема е друго, пак, кога станува збор за аеродромите во Русија кои ги има на 100 километри од Украина.

За воопшто да може да стане збор за потенцијално гаѓање на аеродромите околу Москва, на Украина би ѝ биле потребни интерконтинентални балистички проектили. Единствено такви проектили имаат дострел од 1.000 километри и повеќе. Но, такви проектили никој не спомнува во написот, а тоа особено не го прави Хикс. САД такви проектили и да сака не може да ѝ додели на Украина зашто нивното распоредување, нивниот број и количество се регулирани со договори меѓу земјите кои ги поседуваат. САД и Руската Федерација, особено, договори со кои се регулираат различни сегменти поврзани со ваквите проектили потпишуваат уште од времето на Студената војна и со тие договори не се дозволува доделување на вакви проектили на соседните земји околу САД и Русија.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека е дезинформација оти САД ќе ѝ испратат на Украина оружје со кое ќе може да се „погодат аеродромите во Моксва“.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција