Пет години се чека на бугарскиот центар за борба против дезинформациите

Фото: © European Union, 2023.

Одговарајќи на прашање дали е потребен специјален закон за борбата со дезинформациите, односно, специјално руските дезинформации, Денков одговори дека се разгледува прашањето за донесување таков закон. Втора варијанта, вели тој, е да се дополнат законите што се однесуваат на националната безбедност

 

Донесовме одлука да создадеме координациски центар во Владата за борба против дезинформациите, соопшти бугарскиот премиер Николај Денков, одговарајќи на прашања од граѓаните поставени преку Фејсбук, известува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

„Овој координациски центар треба да работи заедно со европските институции, зашто и тие страдаат од многуте дезинформации. Исто така се разгледува прашањето дали треба да се донесе специјален закон“, рече Денков.

За ваков координациски центар за борба против навалицата дезинформации што ги заплиснува социјалните мрежи, бугарските власти зборуваат повеќе од пет години, нагласува mediapool.bg.

Во 2019 година, владата предводена од Бојко Борисов објави дека ваков центар е формиран пред изборите за европскиот парламент, но уште тогаш беше јасно дека тој реално не функционира. Како последица од тоа, Бугарија е една од најтешко погодените земји од дезинформации во текот на пандемијата и на војната во Украина, потенцира бугарскиот онлајн медиум.

Центарот беше планиран како дел од Системот за брзо предупредувања за случаи на дезинформации што профункционира под чадорот на Европската комисија. Бугарија требаше да се вклучи во Акцискиот план за борба против дезинформациите на Европската комисија, чијашто цел беше парирање на заканите главно од Русија и од Кина.

Во текот на владата на Кирил Петков, тогашниот министер за електронска управа Божидар Божанов ги презеде првите реални чекори за борба против дезинформациите и воспостави комуникација со социјалните мрежи. Но, краткиот мандат на овој владин кабинет ги прекина ваквите иницијативи. Божанов објави дека се формира аналитички центар што ќе ги следи содржините во медиумите и на социјалните мрежи заради откривање дезинформации, но сѐ пропадна со паѓањето на владата.

Сега владата „Денков-Габриел“ изразува желба да го рестартира процесот и покрај тоа што мерките изгледаат збајатено, нагласува mediapool.bg.

Одговарајќи на прашање дали е потребен специјален закон за борбата со дезинформациите, односно, специјално руските дезинформации, Денков одговори дека се разгледува прашањето за донесување таков закон. Втора варијанта, вели тој, е да се дополнат законите што се однесуваат на националната безбедност.

Денков искоментира и дека дезинформации се распространуваат од политички партии од опозицијата, коишто „не предлагаат позитивни работи, основната активност им е да ги плашат луѓето со дезинформации“, рече бугарскиот премиер истовремено повикувајќи ги „новинарите да ги почитуваат стандардите на професијата ако сакаат луѓето да ги почитуваат“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција